Зар и ти, сине Бранко?

Црвенковски ништо не мора и не треба да прави заради СДСМ, бидејќи не е во прашање судбината на партијата. Во прашање е судбината на Македонија и сериозната загрозеност за нејзината интеграциска перспектива. Ако тоа не го загрижува поранешниот шеф на државата, ако не му создава потреба и порив да се вклучи со свои ставови во јавната дебата, тогаш – што би можело да го зaгрижи?

Од почетокот на „пучот“ и „бомбите“ на опозицијата, на јавната сцена продефилираа стотици и стотици личности со ставови за генезата на политичката криза во земјава и за можностите за излез од неа. Не е важно колку и дали сите тие оценки биле точни и сите предлози конструктивни. Секој го соопштил она што го знаел, го предложил она што го умеел. Во целата таа плејада на сегашни и бивши политичари, судии, обвинители, пратеници, бизнисмени, аналитичари, политиколози, комуниколози, безбедносни и антикорупциски експерти, единствениот што не изусти ни збор за сегашната криза, е поранешниот премиер, поранешниот претседател на Република Македонија и поранешен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Во 2013 се определи за самоизолација и молк, а молкот само на еден ден го прекина во мај 2014, пред конгресот на СДСМ, кога во јавноста беше прозиван да се изјасни какво лидерство ѝ е потребно на партијата и дали тој планира „да се враќа“ на нејзиното чело.

„За СДСМ, во овој момент, не сме решение ни јас, ни Заев“, рече тогаш Црвенковски и за лидерската функција го препорача Стево Пендаровски. Потоа повторно му се предаде на молкот.

Ако тоа имаше некаква смисла тогаш, со цел неговите изјави да не се доживуваат како мешање во работата на тогаш новоизбраното легитимно раководство на партијата (двоецот Заев – Шеќеринска), денес тој молк губи секаква смисла. Не можам да прифатам дека повредената суета од отсуството на покана за конвенцијата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски може да има продолжено, но и дисперзирано дејство и за сите други прашања кои драматично го надминуваат тој теснопартиски корпус. Што е тоа што би го принудило секогаш елоквентниот, мудар „играч“ и креативен оратор, на таков тежок завет на молк во ваква тешка ситуација!?

Имено, тој ништо не мора и не треба да прави заради СДСМ, бидејќи не е во прашање судбината на партијата. Во прашање е судбината и иднината на Македонија, нејзината фрагилна сегашност и сериозната загрозеност за нејзината интеграциска перспектива. Ако тоа не го загрижува поранешниот шеф на државата, ако не му создава потреба и порив да се вклучи со свои ставови во јавната дебата, тогаш – што би можело да го загрижи?

Патем, никој од него не бара да ги глорифицира или поддржува потезите на СДСМ по линија на сегашна или некогашна партиска припадност. Напротив, никој не му брани и целосно да ја оспори „бомбашката стратегија“ на СДСМ ако има цврсти аргументи за тоа или ако смета дека тие сами по себе не се доволни како иницијална каписла за разврска на кризата. Но, со оглед дека во неговиот мандат беше обелоденета аферата „Големото уво“, неговите искуства од тој период, од времето на кризата во 2001 година, вклучувајќи го и формирање на владата на широка коалиција, можат да бидат драгоцено искуство во смисла на сугестии и препораки како да не се повторат некои грешки од минатото. Тоа е она што, не СДСМ, туку граѓаните имаат право да го очекуваат од поранешниот шеф на државата. Во спротивно, комуникацијата и натаму ќе остане исклучиво еднонасочна, целосно непримерна и несоодветна.

„Поштарот“ редовно ќе му ја доставува претседателската пензија, а тој нема да чувствува потреба да го достави своето мислење до граѓаните – не заради тоа што тие го плаќаат, туку, пред сѐ, затоа што ги почитува и ја респектира нивната загриженост за иднината.

Инаку, каква е смислата Црвенковски редовно да оди на годишни состаноци на „Клинтон – глобалната иницијатива“, да дебатира за светски теми и проблеми, ако во меѓувреме молчи за состојбите во сопствената земја? Дали тројката Вајгл – Ховит – Кукан, или Јоханес Хан, или Хојт Ли, или Даниел Баер, или оние што допрва ќе доаѓаат да помогнат, дали сите тие имаат повеќе обврски и одговорности кон Македонија од нејзините политички елити и граѓаните, генерално и поединечно?

Епитетот „поранешен“, по ниедна основа не ги ограничува или ослободува личностите кои го стекнале тој префикс, од личната и морална обврска за вредносен став за актуелните состојби. Дури и под претпоставка дека има некој „закон“ кој би им забранил на „поранешните“ да зборуваат за сегашноста, сигурна сум дека првиот што би го прекршил тој закон, би бил „фајтерот“ Црвенковски. Така го опишуваат во партијата. Таков и самиот се претстави кога на 24 декември 2012 година се обиде да ги пробие барикадите пред Собранието. Подоцна ги критикуваше своите наследници поради тоа што се откажале од стратегијата на „отпорот“.

Еве опозицискиот отпор против институциите трае една година. Зошто Црвенкови има отпор и кон тој отпор? Се смени тој, се смени партијата или се смениле интересите? Дали незадоволството од фактот што неколку поранешни пратеници не се најдоа повторно на пратеничката листа на СДСМ, ќе остане клучниот меѓник и главна одредница за ваквата сегашна „платформа“ на Црвенковски или има и нешто повеќе од тоа? Не би сакала да верувам дека зад општо создадената перцепција дека „гледа сеир“, можеби се случува нешто подлабоко, кое не само што не помага, туку во голема мера и одмаага при расчистувањето на каколот од житото. Или дека има нешто „под житото“.

Македонската политичка традиција памети многу неславни улоги одиграни во сивата зона на политиката, многу конвертитства, многу заклани волови само заради една кременадла. Јавноста нема да се изненади ако се случи уште некое, но факт е дека драматично ќе биде изгубена довербата во она што значи политичка култура и фер однесување. Да бидам најдиректна: Ако молкот на Црвенковски е производ исклучиво на активности кои би можеле еден ден да го иницираат прашањето „Зар и ти, сине Бруте“, човекот кој барем досега никој реално не го сметаше за пензионер туку за политичар кој има уште да даде во македонската политика, дефинитивно, и по свој избор, ќе замине во пензија. Се надевам дека „фајтерот“ нема да дозволи да биде победен од пензионерот. Освен, ако самиот не се предал, некаде и за нешто.