Вести

МРТ: „Државен“ сервис кој се оддалечува од јавниот интерес

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дебатата организирана од Здружението на новинарите на Македонија на иста маса ги седна одговорните од Македонската радиотелевизија, Агенцијата за медиуми и новинарите.

Драган Секуловски од ЗНМ преку финансиски извештаи аргументираше дека системот на финансирање на МРТ треба да се реформира со цел да се обезбеди поголема независност на Јавниот сервис од државниот апарат / Фото: З.Ричлиев

Драган Секуловски од ЗНМ преку финансиски извештаи аргументираше дека системот на финансирање на МРТ треба да се реформира со цел да се обезбеди поголема независност на Јавниот сервис од државниот апарат / Фото: БИРН

Покрај со своето присуство Диме Ратајковски, главниот и одговорен уредник на МРТ, ги изненади присутните на дебатата на ЗНМ „Каков јавен сервис е потребен на Република Македонија“ кога во рамките на своето излагање рече: „Македонската радиотелевизија е институција која е основана од државата и ги брани и застапува државните интереси. Единствен критичар за работата на јавниот сервис кој може да не корегира е Европската радиодифузна Унија, чија полноправна членка е македонската радиотелевизија“, иако Jавниот сервис по Статут и Закон е токму спротивното – сервис на граѓаните.

Диме Ратајковски, главниот и одговорен уредник на Македонската радиотелевизија вели дека МРТ ги застапува државните интереси и дека единствен критичар на нивната работа можела да биде Европската радиодифузна унија / Фото: З. Ричлиев

Диме Ратајковски, главнен и одговорен уредник на Македонската радиотелевизија | Фото: БИРН

Оправдувајќи ја уредувачката политика на необјавување на „бомбите“ на опозицијата со барањето за тоа од страна на Јавниот обвинител, Ратајковски на прашањето доколку Јавниот обвинител побара од него да ја угасне програмата на Јавниот сервис, рече дека ќе го стори тоа! Во сличен контекст, тој на забелешката дека цензурата е забранета со Устав, рече дека не е така. Ако на таквите изјави им се додаде и таа што тој лично се залагал за модел на укинување на наплатата и финансирање на Јавниот сервис директно од државата, слично како бугарскиот модел, што води директно кон поголема зависност од државата, разбирливо е зошто дискусијата на моменти се водеше со повишен тон.

Досегашните обиди за дебата на таа тема се сведуваа на разговори меѓу истомисленици и затоа беше изнадување кога во поканата за дебатата можеа да се видат имињата на министерот Иво Ивановски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски и Горан Петрески – главен и одговорен уредник на информативната програма на МТВ.

Столчето на министерот остана празно, но покрај горенаведените и Главниот уредник на МРТ дебатираа претседателот на ЗНМ Насер Селмани, директорот на ЗНМ Драган Секуловски, новинарот и аналитичар во својство на координатор на Новинарскиот пленум – Сашо Орданоски, како и професорот Сефер Тахири.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани на панел дискусијата потсети дека ниту една влада во периодот на независноста на државата не успеа да го трансформира сервисот од државен во јавен, на што додаде дека МРТ се трупа во долгови по што се појавува потреба Владата да донира, во исто време зголемувајќи ја зависноста на Јавниот сервис од државата. Како врвен приоритет Селмани побара промена на регулативата во насока на обезбедување независни извори на финансирање на Јавниот сервис.

Тонот на дебатата се разжести кога Сашо Орданоски испровоциран од изјава на Трајчевски дека МРТ во минатото имала директори со средно одговори дека во секој момент е расположен да го спореди своето образование со него и со уредниците во МРТ.

Според Орданоски одговорните за МРТ дошле на дебатата организирана од ЗНМ бидејќи се свесни дека „бродот тоне“ и ги повика сите да си поднесат оставки / Фото: З.Ричлиев

Сашо Орданоски| Фото: БИРН

Тој од излагањата на Ратајковски и Трајчевски констатира дека јасно се гледа оти не знаат што е јавен интерес. Според Орданоски одговорните за МРТ дошле на дебатата организирана од ЗНМ бидејќи се свесни дека „бродот тоне“ и ги повика сите да си поднесат оставки, пред тие да станат неминовност по претстојната „политичка разрешница“.

Орданоски за присутниот Горан Петрески како уредник на информативната програма на МРТ рече дека во негови очи и во очите на јавноста „морално паднал по професионална вертикала“, на што Петрески одговори со „урбана легенда“ цитирајќи поранешна изјава на Орданоски за ситуацијата кога Црвенковски му се јавил да му предложи да биде директор на МТВ, Орданоски рекол дека ќе прифати ама не сака да добива телефонски повици со нарачки, на што Црвенковски одговорил: „те ставам тебе за да не ти се јавувам, а не за да ти се јавувам“. Орданоски на тоа одговори дека Петрески треба да ја продолжи „урбаната легенда“ и да каже како неговата кариера во јавниот сервис завршила кога со полиција бил изнесен од зградата, поради „непослушност“ и да се праша себе си како ќе заврши неговата кариера.

На дебатата без присутни и уредниците во МТВ Билјана Василева Трендафилова, Горан Петрески и Душко Арсовски / Фото: З. Ричлиев

На дебатата без присутни и уредниците во МТВ Василева, Петрески и  Арсовски / Фото: БИРН

Уредникот на информативната програма Горан Петрески бранејќи ја уредувачка политика на медиумот квалификувајќи ја како „најнезависна“, рече дека во последно време се чувствува линчуван и лустриран од своите колеги. „Збунет сум и затекнат зошто ЗНМ не реагира на линчот што се врши врз мене со месеци“, изјави тој.

Петрески рече дека не одговорил на неодамнешната покана на Новинарскиот пленум за дебата затоа што во тоа не гледал ништо повеќе од спектакл. Претседателката на новинарскиот синдикат и членка на Новинарскиот пленум, Тамара Чаусидис му одговори дека тој бил повикан на дебата со колегите, со еснафот, да се дискутира за проблемите и да им се помогне нему и неговите колеги да ги следат стандардите во професијата во јавниот сервис и да одговорат на политичките притисоци.

Директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски застана во одбрана на уредништвото на МТВ, повтори дека тие не ги објавуваат материјалите од „бомбите“ на опозицијата бидејќи ја почитуваат препораката од Обвинителството. Продолжувајќи во таа насока тој рече дека протестите пред телевизијата се притисок врз работата на сервисот, на што од страна на присутните беше потсетен дека граѓаните имаат апсолутно и со Устав загарантирано право на тоа.

Иако остана без заклучок, дебатата на ЗНМ сепак повлече иницијатива за следни средби на истата тема што беше прифатено од сите присутни.