Збогум за кафезот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Читам дека ЕК донела одлука, според која, до 2027 година постепено ќе се укинуваат кафезите за одгледување животни во земјите на ЕУ.

„Животните се живи суштества и ние имаме морална и општествена одговорност да осигуриме дека условите на фармата за животни ќе го одразуваат тоа“, рекла комесарката за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес.

Многу се радувам за ваквата одлука. Штом постепено паѓаат кафезите за животните, би требало „еден ден“ да падне и „кафезот/гетото“ во кои со години се држат земјите од Западен Балкан. Звучи брутално, ама нека докажат дека не е реално.

И луѓето од Западен Балкан се живи суштества, не помалку живи и не помалку вредни, не помалку образовани, интелигентни и комуникативни од нивните современици во земјите на ЕУ. Но, освен ветувања, ЕУ не покажа на дело морална и општествена одговорност кога треба да го одрази тоа со нејзините механизми за одлучување.

Ги слушам високите гости на Преспа форумот за дијалог, сите со поддршка за нашата евроинтеграција, и не ми е јасно како не им здодеа илјадници пати да врзуваат едни исти фрази на ист рутински начин како што си ги врзуваат вратоврските, а без да посочат со прст во вистинската адреса од каде што доаѓа проблемот.

Нам ли треба да ни објаснуваат што сѐ сме направиле за интеграциските процеси? Нам може да ни се случи на јавни настапи да го утнеме текстот на химната, ама не и редоследот на сите наши жртвувања во име на ветената перспектива: Охридски, Скопски (Пржински), Преспански, Договор со Бугарија…

Толку бргу ги трошиме имињата на езерата позајмени со кои ги именуваме договорите за деблокирање на нашиот европскиот пат, што ни остана само уште еден езерски „џокер“: Дојрански договор! Ама никој не гарантира дека и со него конечно ќе се затвори политичко-езерскиот триаголник, во кој плутаат сите ирационални барања што стигнале или ќе стигнуваат пред нашата врата.

И тука лежи најголемата опасност – кога сме изморени, навредени и деморализирани што нашите напори не биле проследени со очекуваниот одговор од ЕУ, во трчање по почеток на преговори, може да направиме непоправлива грешка.

Не ни треба никаков почеток на преговори, доколку паѓањето на бугарското вето треба да се случи по „цена“, која (меѓу другото) предвидува две унилатерални изјави: една, со која Македонија ќе изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година, и друга, со која Бугарија ќе изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека во сите идни документи тој јазик ќе се третира во согласност со Уставот на земјава.

Точно е дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година. Но, ова има едно значење во ситуација кога никој не ја спори неговата генеза, а сосема друго кога ќе се стави во контекст на бугарската унилатерална изјава.

Штом постепено паѓаат кафезите за животните, би требало „еден ден“ да падне и „кафезот/гетото“ во кои со години се држат земјите од Западен Балкан. Звучи брутално, ама нека докажат дека не е реално

Ако е таква формулацијата во португалскиот предлог, нејасно е зошто нашите власти тоа го сметаат за „добра основа до решение“, бидејќи тој е најдобра основа за легализирање на бугарската позиција. Таа гласи дека „немаат ништо против современото битие на официјалниот јазик на PCM и во однос на начинот на кој тој го нарекуваат во PCM“.

Дури ни името не сакаат да му го спомнат, бидејќи нивниот став е дека „историјата на денешниот официјален јазик на РСМ почнува по 1944 година, како прекодификација на литературниот бугарски јазик“. 

Со таква унилатерална изјава од наша страна, ваквата бугарска позиција ќе биде за навек зацементирана, со наш цемент, солзи и пот.

Сѐ друго потоа ќе биде пат и пад во длабок идентитетски амбис, почеток на долга и тешка агонија, која нема да се мери со годините поминати во преговарачки процес и со блокадите од бугарска страна за секоја запирка. Ќе имаме работа со нешто што не се мери ни со време, ни со корист од интеграција, туку со болно еутанизирање или ампутирање на секој дел од македонското идентитетско битие – јазик, култура, историја…

Имам впечаток дека во Владата се однесуваат многу лагодно (kako ćemo – lako ćemo), како воопшто да не ги препознаваат последиците од таква изјава за јазикот. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дури и изјави дека „се менува претседателството, но не се менува предлогот“. Уф, каков ќар.

Па, не се ова 12-те бода што Португалија ѝ ги додели на бугарската песна на Евровизија. Не е ова прашање дали актуелната влада во своето портфолио ќе капитализира „почеток на преговори“, ако со прифаќањето ваква формулација им врзе камен околу вратот на сите следни генерации Македонци. Ова е кукавичино јајце, кое, ако сами дозволиме да ни биде подметнато како решение за деблокада на ветото, тогаш не заслужуваме ни да се нарекуваме Македонци, ни да говориме на македонски јазик.

Точно е дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година. Но, ова има едно значење во ситуација кога никој не ја спори неговата генеза, а сосема друго кога ќе се стави во контекст на бугарската унилатерална изјава

Не само што годината на кодификација ќе се злоупотребува како „нулта година“ од постоењето на македонскиот јазик, небаре претходно не постоел, не само што на јазикот ќе му биде одземено правото на историја, и не само што јазикот ќе се инструментализира за историско-културни претензии, туку низ таа јазична призма ќе биде третирана и севкупната наша историја.

Сѐ што е македонска и/или „заедничка“ историја пред 1945 година, ќе биде сведено на наше „празно место“ и торпедирано и третирано преку единствената историска „вистина“ – бугарската. Членовите на македонскиот тим од заедничката комисија за историски прашања практично не ќе смеат да изустат ни збор за ништо од пред 1945 година.

Ете тоа ќе биде епилогот од таква унилатерална изјава. Наместо сами да си ја сечеме и гранката на која седиме, и коренот на тоа разгрането дрво, подобро е властите да побараат европска експертиза на Договорот потпишан со Бугарија во 2017 година, за да се види дали и кој го крши, бидејќи во него нема баш ништо од она што Софија денес го бара од нас.

Сите услови што Бугарија ги постави по потпишувањето на Договорот (рамковната позиција на парламентот од 2019 година), се екстензии на бугарското еднострано толкување/интерпретација на одредбите од Договорот, а не на она што е напишано во него. Тие барања се надвор од рамката на Договорот. Ако дозволиме да се калемат нови и нови условувања, тоа ќе нѐ одведе во една крајно апсурдна ситуација, да се будиме, живееме и заспиваме само со прашање – кое ќе биде следното барање од Бугарија.

Ако ЕУ не го гледа ова, или не е баш заинтересирана за однесувањето на нејзината членка, тогаш нека не се чуди зошто сѐ повеќе охрабрува и изнедрува „почитувачи“ на европските вредности од калибарот на еден Виктор Орбан и слични на него, кој закупува простор во европски весници за да плука по европските стандарди.

Можеби ние сѐ уште не сме го положиле испитот да станеме Европејци, ама ако пример треба да ни бидат такви и слични „дипломирани Европејци“ – мерси Софија, мерси боку ЕУ. Au revoir!