Зеленилото на ДУИ

Отприлика се јасни мотивите на најавената промена на политичката насока на ДУИ. Оваа партија, едноставно, ја изгуби смислата на своето постоење – програмските цели се остварени и нема повеќе што да им се понуди на гласачите.

Не е изненадување и нејзиното вртење кон „зелената опција“, бидејќи, како што сега стојат работите, екологијата ќе биде политичка тема број еден и во следните стотина, ако не и повеќе години. Од друга страна, „зелените политики“ стануваат сѐ популарни и на европската политичка сцена, така што на прв поглед се чини дека Али Ахмети го фатил вистинскиот актуелен политички курс.

На крајот на краиштата, денес е популарно да се биде поборник за зачувување на природата, тоа е така нормално, и во принцип никој не би можел да им приговори на овие барања. Но…

Но, во случајот на ДУИ не станува збор за симпатични, добронамерни граѓански активисти што ќе прават протести на некоја ливада против изградбата на некој објект за кој сметаат дека ѝ штети на природата, а со самото тоа и на луѓето. Тоа не се „паркобраните“, ниту се луѓето што го гушкаа Градскиот трговски центар. Или, пак, оние што го бранеа Водно токму од нивните урбанистички политики.

Да се надеваме дека ДУИ ќе ги следи основните еколошки правила – првин ќе го исчисти сопствениот двор. Ако го направат тоа, и тоа ќе биде огромен ефект од оваа нивна промена

Ќе се бори ли ДУИ против платформите на Матка, на пример? Ќе ги санира ли депониите во Тетово и Струга? Ќе се извини ли за еколошката катастрофа, предизвикана за времето додека таа практикува власт? Да, ова се реторички прашања и не бараат никаков одговор.

Меѓутоа, она на што треба да се обрне внимание е исклучивоста на политичкиот избор. Без оглед на перцепцијата на премиерот Зоран Заев дека ДУИ завршила со етничката агенда и дека сега фатила граѓански правец, ние ќе констатираме дека во суштина една исклучивост (етничката) е заменета со друга (еколошката), а ДУИ, како што знаеме, има огромно искуство во билдање фанатизам кај своите следбеници. Во таа смисла постои реална опасност националниот (националистичкиот) фанатизам да биде заменет со „зелен“ фанатизам. А ние имаме доволно искуство за да знаеме каде води кој било фанатизам.

На крајот на краиштата, ако го погледнете искуството на „зелените“ политички партии, ќе видите дека тие се одликуваат со борбеност (која во најрадикалните облици добива карактеристики на тероризам) и речиси есхатолошка посветеност за „судниот ден“ што сите нѐ чека.

Впечатокот е дека се работи за самоизолирана и изградена психологија на група „просветени“ луѓе што живеат во опкружување на „непросветените“ и „непосветените“. А (во согласност со зелената филозофија) оние што ви го валкаат дворот треба да се „исчистат“. Слично на раните христијани или комунистите пред да дојдат на власт. А кога веќе станаа власт, знаеме како владееја – со забрана на сите други уверувања и политички погледи и со наметнатата „единствена исправна вера“.

Денес е многу популарно да се биде против изградба на мини хидроцентрали, против нуклеарните електрани, против палење на ѓубрето, против изградба на рудници… Но, ако се погледне малку под површината, може да се заклучи дека, всушност, „зелените“ политички партии се против технолошкиот напредок од кој било вид. Мантрата за органска храна, на пример, забранува каква било индустрија во близина на насадите, а за каква било технолошка припомош воопшто и да не зборуваме. Глорификацијата на руралното и пасторалата како нова утопија наспроти пеколниот и ужасен урбан живот не може, а да не ме потсети на озлогласеното нацистичко мото „Крв и почва“ (Blut und Boden).

Досега најголем политички успех имаа германските „зелени“. Израснати врз конјуктурата на студентските протести, културолошките промени („сексуалната револуција“ и хипи-движењето) и антивоените чувства (Виетнам), тие веќе одамна се трета партија по моќ во Германија. Под нивно влијание, Германија прекина да гради нуклеарни електрани, а некои од нив дури и затвори. Резултатот на оваа политика е познат – Германија денес покрива само десет проценти од нејзините потреби за енергија. За остатокот е зависна – и тоа главно од рускиот гас!

Нема сега да ламентираме дека нуклеарната енергија е всушност „најчистата“ енергија, бидејќи постои сериозна опасност од хаварии, како оние во Чернобил (СССР, Украина, 1986) и во Фукушима (Јапонија, 2011). Сепак, Јапонија не ги затвори нуклеарните електрани. Едноставно, не сакаше со валканата вода да го фрли и детето.

Глорификацијата на руралното и пасторалата како нова утопија наспроти пеколниот и ужасен урбан живот не може, а да не ме потсети на озлогласеното нацистичко мото „Крв и почва“ (Blut und Boden)

Или да го земеме примерот на Иран. Тоа е една од неколкуте земји со најмногу резерви нафта, а, сепак, форсирано работи на совладување на нуклеарната технологија, исклучиво за добивање енергија, односно за мирнодопски цели, како што велат тие. Што ќе ѝ е на земја што извезува нафта нуклеарна енергија? Или тамошните теократи се толкави визионери, па гледаат еден век однапред.

Има безброј примери во оваа насока. Франција, на пример, не ги затвори нуклеарките и сега самата покрива половина од нејзините потреби за енергија.

Но, да не навлегуваме во детали, бидејќи ДУИ е сѐ уште далеку од какви било артикулирани политички ставови од нивното ново политичко поле на дејствување. Она што е важно да се напомене е дека екологијата, освен што го чува здравјето на луѓето и го прави светот подобро место за живеење, за неразвиените земји и земјите во развој не е ништо друго, туку форсирање нов неоколонијализам. Нејзиното практикување во нејзината есенцијална смисла ги прави овие земји зависни од оние што веќе се развиле во времето кога екологијата не била баш приоритет (на пример во времето на индустриската револуција).

Според досегашното практикување на политиката, ДУИ не остава никаков сомнеж дека верно ќе ги следи налозите на таканаречената меѓународна заедница и на ова поле. Не дека ќе се развиевме ако немавме еколошка свест, ама шансите за тоа се минимални ако имаме таква фанатична партија на власт, која сега се декларира за „зелена“.

Добро, да не бидеме песимисти до крајот и да се надеваме дека ДУИ ќе ги следи основните еколошки правила – првин ќе го исчисти сопствениот двор. Ако го направат тоа, и тоа ќе биде огромен ефект од оваа нивна промена.