Регион

Новооткриена гробница им дава надеж на семејствата

Семејствата се надеваат дека ексхумацијата на новооткриената гробница, конечно ќе стави крај на потрагата по останките на нивните најблиски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Откако во понеделникот, на 31 мај, беше откриена нова масовна гробница во општина Калиновик, на локалитетот Добро Поље, Самир Врановиќ, претседател на Здружението на членови на семејствата на исчезнатите лица, „Вистина – Калиновик ’92“, изрази желба да присуствува на ексхумацијата на теренот.

Досега, на споменатата локација се ексхумирани посмртни останки од најмалку четири лица, за кои Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ БиХ) претпоставува дека се жртви од бошњачка националност, кои починале во 1992 година.

Новата масовна гробница се наоѓа на само неколку метри од патот М18, на нерамен терен опкружен со шума, карпи и кал, што го отежнува пристапот до местото.

Тука се присутни багери, членови на ИИЛ БиХ, истражители од Обвинителството, членови на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), како и работници кои помагаат во ископувањето на гробницата. Кога заедно со Врановиќ пристигнавме на локацијата, ни рекоа дека штотуку го нашле четвртиот череп.

За Врановиќ доаѓањето е од личен карактер, бидејќи тој го бара својот татко Салко, веќе 29 години. Секогаш кога ќе се најде нова гробница, кај него се буди нова надеж, дека конечно ќе го најде и ќе го погреба телото на неговиот татко.

„Емоциите се секогаш присутни при секое откритие, затоа што секогаш размислувате дали е тоа вашата личност или на вашето семејство“, вели Врановиќ, кој е, исто така, член на Советодавниот одбор на ИИЛ БиХ.

Затворени, измачувани и убиени

Истражители работат на теренот на локалитетот Добро Поље. Фото: БИРН.

На почетокот на војната во 1992 година, локалните Бошњаци во Калиновик, биле заробени и приведени во училиштето „Миладин Радојевиќ“ и во другите објекти во градот, каде што некои биле измачувани и убиени.

На 5 август 1992 година, српските војници одвеле околу 25 притворени Бошњаци, кои се наоѓале во магацинот за барут во Калиновик.

Тие биле врзани, сериозно тепани и принудени да пеат четнички песни, додека со полициска придружба, ги возеле кон селото Ратине, општина Фоча, каде биле убиени.

Врановиќ вели дека неговиот татко бил приведен во Калиновик во 1992 година, откако Кризниот штаб, кој бил под српска контрола, ги повикал сите Бошњаци да дојдат пред општинската зграда на работа.

Неговиот татко бил затворен 11 дена во училиштето „Миладин Радојевиќ“, а потоа, според информациите на Врановиќ, бил префрлен во „логорот на смртта -„ Магацинот за барут “, каде бил мачен и малтретиран.

Врановиќ дознал дека неговиот татко бил еден од Бошњаците кои биле префрлени со камион од „Магацинот за барут“ во Ратине, на 5 август 1992 година, каде бил убиен во штала заедно со другите затвореници.

„Тој е убиен, стрелан, подоцна наводно бил запален во штала -„ Шталата на тузлакот“, во Ратине, а сè уште не сме ги пронашле ниту останатите 20 тела“, вели тој.

По пристигнувањето на теренот, Врановиќ ги праша истражителите: „Дали телата се запалени?“.

Но, истражителите одговорија дека коските кои штотуку ги нашле во Добро Поље, не се изгорени. Тие ни покажаа четири чисти черепи и коски. Тие претпоставуваат дека ќе најдат четирите тела и се надеваат дека ќе има и други.

Останките, ни објаснија, ги пронашле на површината. Тие веруваат дека другите делови се наоѓаат под камењата и грмушките, така што целиот терен ќе мора рачно да се ископа и да се исчисти, за да не се оштетат останките.

Врановиќ посочува дека постои можност, телото на неговиот татко да биде во секундарна гробница, во областа каде што е пронајдена гробницата на локалитетот Добро Поље. Силите на босанските Срби понекогаш се обидувале да ги прикријат своите злосторства, со преместување на телата од примарните, во оддалечени секундарни гробници.

„Понекогаш ми е тешко да зборувам“

Самир Врановиќ на локалитетот Добро Поље. Фото: БИРН

На подрачјето на Калиновик, 122 лица се водат за исчезнати. Од нив, досега се пронајдени 80. По останатите сѐ уште се трага.

„Понекогаш ми е тешко да зборувам, ние сме во 21 век, ги бараме членовите на нашето семејство, а воените злосторници се движат слободно, токму на овие простори“, вели Врановиќ.

Досега, Судот на БиХ осуди пет лица на вкупно 57 години затвор, за сторени злосторства во оваа област.

Ратко Бундало, поранешен командант на тактичката група Калиновик, беше осуден на 22 години затвор, а Неџо Зељаља, командир на полициската станица во овој град, на 15 години затвор, бидејќи во периодот од мај 1992 до март 1993 година, дале наредба и вршеле прогон на Бошњаците од оваа област.

Ѓорѓислав Ашкраба беше осуден на седум години затвор, за незаконско притворање, помагање во убиства и земање на бошњачки цивили од областите Калиновик и Фоча, кои биле притворени во магацинот за барут, на принудна работа.

Славко Лаловиќ, како поранешен чувар во основното училиште „Миладин Радојевиќ“ во Калиновиќ, беше осуден на пет години затвор.

Новица Трипковиќ, поранешен припадник на Војската на Република Српска (ВРС), беше осуден на осум години затвор, за убиство на тројца бошњачки цивили, приведени во основното училиште „Миладин Радојевиќ“.

Вишиот суд во Белград, го прогласи поранешниот припадник на ВРС, Далибор Крстовиќ, за виновен за силување на Бошњачка, која била затворена во основното училиште во Калиновик, во август 1992 година, и го осуди на девет години затвор.

Хашкиот трибунал го осуди поранешниот претседател на Република Српска (РС) Радован Караџиќ, меѓу другото, и за прогонства во Калиновик, во рамките на кои беа извршени и други злосторства.

Поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, исто така беше осуден за прогон на Бошњаците и Хрватите во голем број општини, вклучувајќи ја и општината Калиновик. Тој се жалеше на првостепената пресуда, а конечната пресуда се очекува на 8 јуни.

Младиќ е роден во село во близина на Калиновик и некои Срби кои живеат во овој град, сè уште го сметаат за херој. Мурал на Младиќ висок 3,5 метри, беше поставен на влезот во Калиновик во 2018 година, на кој тој беше прикажан како салутира во воена униформа.

Врановиќ тогаш за БИРН изјави дека на Бошњаците кои избегале од Калиновик за време на војната и кои сè уште не се вратиле во своите домови, со муралот им била испратена јасна порака: „Немојте, вие Бошњаците, да се враќате тука, ова е место на воен злосторник“.

На локалитетот Добро Поље, Врановиќ апелира до сите оние кои имаат какви било информации за исчезнатите, вклучувајќи го и неговиот татко, или за обидите да се прикријат злосторствата во областа Калиновик, да ги споделат.

„Мислам дека е време да се најдат тие тела (…) да им проработи совеста и да кажат каде се локациите, каде ги убиле и каде подоцна ги пренеле во масовни и во секундарни гробници“, порача Врановиќ.