Регион

Соработниците на Ратко Младиќ живеат слободно во Србија

Десетици соработници на Младиќ, обвинети или осудени за воени злосторства во БиХ, денес живеат слободно во Србија, без страв од кривично гонење

За смртта на Милорад Пелемиш, воен командант на озлогласениот 10-ти диверзантски одред на Војската на Република Српска (ВРС), кој почина во Србија на 23 април, многу се пишуваше, а бројни српски медиуми ги истакнаа, како што напишаа, неговите „херојски“ постапки за време на војна во БиХ.

Наводите дека Пелемиш учествувал во геноцидот во Сребреница во 1995 година, беа игнорирани. Но, судовите веќе утврдија дека 10-тиот диверзански одред извршил масакр врз најмалку 1.000 Бошњаци од Сребреница, на фармата Брањево, во јули 1995 година.

Судот на Босна и Херцеговина осуди петмина припадници на 10-тиот диверзански одред на вкупно 122 години затвор за учество во масакрите, но Пелемиш не беше еден од нив.

По војната во БиХ, тој продолжи да живее во Србија каде му се судеше за наводна вмешаност во заговор за убиство на југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ, но никогаш не беше обвинет за геноцид во Сребреница или за друго злосторство извршено за време на војната во БиХ.

Геноцидот во Сребреница, во кој беа убиени околу 8.000 мажи и момчиња Бошњаци, е едно од злосторствата за кои командантот на ВРС, Ратко Младиќ, ја чека својата конечна пресуда на 8 јуни.

Хашкиот трибунал и судовите во БиХ и Србија, осудија повеќе од 40 лица за злосторствата во Сребреница.

Уште 40 поранешни припадници на ВРС, кои беа обвинети или осудени за воени злосторства, живеат слободно во Србија и не му се достапни на судството на БиХ.

Србија и БиХ имаат договор за правна соработка, но Србија не ги екстрадира своите граѓани во други земји. Воените злосторства се особено проблематично прашање во овој однос.

Некои од лицата по кои се трага, живеат мирно во Србија, а други се појавуваат на телевизија и ги негираат нивните наводни злосторства.

„Србија никогаш не ја прифати својата одговорност за учествуво во војната во Босна и Херцеговина, ниту е подготвена за соработка“, вели за БИРН, Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

„Голем број од оние против кои Обвинителството и Судот на Босна и Херцеговина поднесоа обвинение, се, исто така, во Србија, и апсолутно нема интерес за апсење и гонење на овие лица“, нагласи тој.

„Обвинувања засновани врз лажни документи“

Томислав Ковач во Хашкиот трибунал, на судењето на Радован Караџиќ во 2013 година. Фото: МКТЈ.

Меѓу високопозиционираните припадници на ВРС и на полицијата, обвинети за геноцид во БиХ, се поранешниот разузнавачки офицер на Главниот штаб на ВРС, Радослав Јанковиќ, началникот на оделението за разузнавачки работи и еден од членовите на штабот на дринскиот корпус на ВРС, Светозар Косориќ и поранешниот министер за внатрешни работи на Република Српска, Томислав Ковач.

Сите тројца живеат слободно во Србија.

Во јануари 2018 година, Судот на Босна и Херцеговина, го потврди обвинението против Ковач, за учество во заеднички злосторнички потфат, кој имал за цел истребување на Бошњаците од Сребреница и за одговорност за егзекуција на околу 8.000 мажи и момчиња.

Според обвинението, припадниците на полицијата под негова контрола, спровеле операција за фаќање, затворање и егзекуција на воено способните мажи од енклавата Сребреница, откако таа паднала во рацете на силите на босанските Срби, во јули 1995 година.

Денес, Ковач живее и води свој бизнис во Србија. Понекогаш се појавува на националниот телевизиски канал, Хепи ТВ, за да зборува за војната и улогата на босанските Срби во неа.

Тој, за БИРН, изјави дека обвиненијата против него се темелат на „лажни документи“ и дека тој е обвинет за геноцид, само затоа што на босанските власти „им требал, за да имаат полициски командант или министер … како дел од заеднички злосторнички потфат за геноцид“.

Ковач, во 2016 година, преку видео врска од Белград, сведочеше на судењето на петмина поранешни припадници на силите на босанските Срби во Сараево и негираше дека полицијата учествувала во злосторствата во Сребреница.

Тој се појави и пред белградски суд како сведок на одбраната во судењето на осум поранешни српски полицајци, обвинети за убиство на 1.313 Бошњаци од Сребреница, во хангар на фармата Кравица, во јули 1995 година.

Ковач сведочеше на уште едно судење во Белград, против припадници на паравоената единица „Скорпиони“, кои беа осудени за убиство на шестмина Бошњаци од Сребреница, и беше сведок на одбраната на неколку судења пред Хашкиот трибунал.

БИРН не можеше да стапи во контакт со Косориќ или Јанковиќ, за да добие коментар од нив.

Србија одбива да го прифати геноцидот во Сребреница

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Во 2010 година, Фондот за хуманитарно право (ФХП), до српското Обвинителство за воени злосторства (ОВЗ), поднесе кривична пријава против Пелемиш и уште 11 други лица, за учество во геноцидот во Сребреница. ФХП соопшти дека шест лица спомнати во таа кривична пријава, вклучувајќи го и Пелемиш, живеат во Србија.

Од ОВЗ за БИРН изјавија дека пријавата е одбиена уште во 2011 година.

Само еден од шестмината што ФХП ги именува – Брано Гојковиќ, беше осуден од страна на српски суд, за злосторствата поврзани со Сребреница. Тој склучи спогодба за признавање на вината со обвинителството во 2016 година, по што доби десет години затвор. Како резултат на спогодбата, немаше судење во неговиот случај.

Сепак, Гојковиќ беше осуден за воени злосторства, а не за геноцид, бидејќи Србија не прифаќа дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид и покрај пресудите на меѓународните судови.

Во 2018 година, ФХП поднесе кривична пријава и против Светозар Андриќ, поранешен командант на бирчанската бригада на ВРС и началник на штабот на дринскиот корпус на ВРС. Од ОВЗ соопштија дека покренале постапка против него.

Андриќ, во Србија, влезе во политичките води и стана општински функционер во Белград. Во август 2020 година, тој беше избран за пратеник во парламентот од редовите на Српскиот патриотски сојуз (СПАС), партија предводена од ватерполистот, Александар Шапиќ. Минатиот месец, СПАС официјално стана дел од владејачката Српска напредна партија (СНП).

Повеќето судења за воени злосторства во Србија, се водат против босански Срби, чии случаи беа преземени од БиХ, а повеќето од обвинетите се војници или полицајци од понизок ранг или станува збор за случаи со мал број жртви.

Србија дури неодамна започна да суди неколку случаи против команданти на единици, односно случаи со поголем број жртви.

Судењето на Рајко Кушиќ, воен командант на бригадата Рогатица на ВРС, започна во март, кога старуваше и судењето на Драган Допуѓа, поранешен припадник на 15-тата бихаќка бригада на ВРС, обвинет за убиство на најмалку десет бошњачки цивили во селото Хргар близу Бихаќ, извршено во 1992 година.

Судењето на Вишња Аќимовиќ, обвинета за учество во убиство на 37 мажи, Бошњаци, во Мрачен Дол, во близина на логорот Сушица, во 1992 година, започна во декември минатата година.

Марко Милосављевиќ, од невладината организација Младинска иницијатива за човекови права, вели дека клучен проблем е што Србија не покренува свои, туку презема случаи од БиХ, како и тоа што не се покренати обвиненија против високи офицери.

„Сѐ додека не се гонат високи офицери и не се покренат обвиненија како резултат на истраги на нашето обвинителство, нема да видиме напредок во домашните судења за воени злосторства“, нагласува Милосављевиќ.

„Србија не доживеа катарза“

Плакати за поддршка на Ратко Младиќ во Белград, во декември 2017 година. Фото: https://www.obraz.rs/

Соработката меѓу Србија, од една страна, и БиХ, Хрватска и Црна Гора, од друга страна, во случаите на воени злосторства, и натаму претставува проблем, се вели во неодамнешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија кон ЕУ.

„Меѓусебната правна соработка останува крајно ограничена во случаите на воените злосторства“, се вели во извештајот.

Некои од проблематичните прашања, поврзани со гонењето на високопозиционирани личности, кои му биле подредени на Ратко Младиќ, во Србија, се рефлектираат во случајот против генералот на ВРС, Новак Ѓукиќ, воен командант на тактичката група Озрен.

Во 2014 година, Судот на Босна и Херцеговина го осуди Ѓукиќ на 20 години затвор, прогласувајќи го за виновен за давање на наредба за гранатирање на Тузланска капија, на 25 мај 1995 година, при што беше убиено 71 лице, претежно млади луѓе.

Ѓукиќ замина во Србија за да го избегне издржувањето на казната. Србија се согласи да го преземе извршувањето на пресудата од БиХ, врз основа на договорот за правна соработка меѓу двете земји.

Но, судењето што се одржува пред Вишиот суд во Белград, вклучува нови судски рочишта, кои со години се одложуваат, поради здравствените проблеми на Ѓукиќ, што овозможува тој и натаму да остане на слобода.

Во ноември 2020 година, од Вишиот суд во Белград, за БИРН изјавија дека Ѓукиќ не е способен да присуствува на судењето во Србија, до септември 2021 година.

Во меѓувреме, адвокатите на Ѓукиќ се обидоа да ја истуркаат теоријата дека експлозијата е дело на непознати терористи, а српското Министерство за одбрана дури организираше и промоција на книга во Белград во 2019 година, во која се тврди дека силите на босанските Срби не биле одговорни за масакрот во Тузла.

Милосављевиќ нагласува дека во Србија, обвинетите за воени злосторства се претставени како „жртви на времето или историјата, со цел да се ослободат од секоја одговорност“ за злосторствата.

Додека Младиќ ја чека својата конечна пресуда во Хаг, ставот на претставниците на воените жртви е дека Србија едноставно не сака да ги гони неговите подредени.

„За жал, 20 години по војната, Србија не доживеа катарза и не е подготвена да соработува, кога станува збор за воените злосторства“, заклучува, Мурат Тахировиќ.