Регион

Последна желба на мајките од Сребреница е Ратко Младиќ да биде правосилно осуден

Мајките на жртвите на геноцидот во Сребреница, ја чекаат конечната пресуда против командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кога и да имало телевизиски пренос на некое судење поврзано со геноцидот во Сребреница, Ханифа Ѓогаз го следела, заедно со другите ожалостени мајки на момчињата и мажите убиени од страна на силите на босанските Срби, во масакрите извршени во јули 1995 година.

„Тие се поддржуваа една со друга, ја споделуваа својата тага“, вели нејзината ќерка, Разија Хусејновиќ.

Членките на здружението „Мајки на Сребреница“, на 8 јуни повторно ќе се соберат во Меморијалниот центар во Сребреница, за да го следат изрекувањето на конечната пресуда на Ратко Младиќ, за геноцид и други воени злосторства.
Но, Ханифа нема да биде меѓу нив. Таа почина во јануари годинава, на 72-годишна возраст. Таа нема да ја дочека конечната пресуда на Младиќ, на која се надеваше откако ги загуби синовите Самир и Сабахудин и нејзиниот сопруг Хамед, во геноцидот во Сребреница.

Ханифа е една од неколкуте мајки на жртвите од Сребреница, кои починаа пред да ја дочекаат пресудата на Младиќ. Во текот на долгогодишните  судења, обвинетите за воени злосторства понекогаш умираа пред да им биде изречена пресудата, а умираат и преживеаните. Така, судењето на Младиќ траеше цела деценија.

Разија вели дека нејзината мајка го видела Ратко Младиќ во Поточари, за време на падот на Сребреница. Со денови, откако пристигнала на безбедна територија, таа не можела збор да каже, поради стравот што го доживеала и кога некој ќе ѝ поставел прашање за случувањата, таа почнувала да плаче, вели нејзината ќерка.

Подоцна, нагласува таа, се повлекла во себе и ретко зборувала, само ќе кажела нешто кратко, пред секое рочиште на судењето на Младиќ.

„Таа ќе речеше дека нема казна за тоа што го сторија, единствено да ѝ ги вратат децата, а тоа не можат да го сторат, тие ги одведоа во смрт“, посочува Разија.

Ханифа се вратила во Сребреница во 2000 година, за да најде мир во местото каде што ги воспитувала своите деца. Но, бидејќи телата на нејзините деца не биле пронајдени во целосна состојба, туку во делови, таа постојано патела.

„Колку пати одеше и ја препознаваше облеката на своите деца, потоа ќе ги закопаше, па не се целосни тела, па потоа дополнително ги закопуваше во гробот“, вели нејзиниот зет, Џевад Хусејновиќ.

„Секој пат таа повторно ги губеше и ги закопуваше, живееше, а срцето ѝ пукаше секој пат“, нагласува тој.

„Мајките си заминуваат, една по една“

Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Хатиџа Мехмедовиќ, поранешна претседателка на здружението „Мајки на Сребреница“, постојано ја повикувала Ханифа во Меморијалниот центар во Сребреница, каде, со другите жени, ги гледале телевизиските преноси на судењата.

„(Мехмедовиќ) никогаш не ѝ дозволи да остане сама во куќата и да ја чува тагата во себе“, вели Разија.

Самата Мехмедовиќ во геноцидот изгубила два сина, сопругот и двајца браќа.

Таа почина во јули 2018 година, една година по изрекувањето на првостепената пресуда на Ратко Младиќ, со која тој беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина за време на војната 1992-1995, за тероризирање на население во Сараево за време на опсадата на градот и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Сегашната претседателка на здружението „Мајки на Сребреница“, Фазила Ефендиќ, се потсетува дека Хатиџа, својот борбен дух и сила, по сè што преживеала, ги покажувала преку упорноста во следењето на судските постапки, често одејќи во Хаг за да ги следи судењата, заедно со други жртви.

„За Хатиџа беше многу важно да го следи секое судење внимателно, таа беше многу активна, дури и кога немаше да оди во Хаг, таа нè собираше и ќе речеше дека треба да гледаме заедно, дека тоа е важно“, нагласува Ефендиќ.

„Таа навистина се бореше за вистината и правдата и најмногу ми е жал што не дочека да ја слушне и конечната пресуда на Младиќ, после толку борби“, вели таа.

Во една пригода, Мехмедовиќ за БИРН изјави дека не смее да се заборави што се случило и дека мора да се зборува за злосторствата.

„Јас немам иднина, но ќе се борам додека сум жива. Никогаш нема да се борам за одмазда. Секоја преживеана жртва се бори за правда и правичност“, рече таа.

„На нашите деца од раце им беа одземени моливи, а не оружје. Ќе се борам секое дете да има подобра иднина, посветла и понормална, отколку што имаа нашите деца“, истакна Мехмедовиќ.

Здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“, како што гласи неговото целосно име, е основано во 1996 година и спроведува активности во име на семејствата на жртвите, кои беа убиени кога силите на босанските Срби една година претходно, ги освоија Сребреница и Жепа, кои ООН ги беше прогласила за „заштитени зони“.

Членките на здружението се стекнаа со моќна репутација со нивната кампања за кажување на вистината. Тие беа вклучени и во случаите што се водеа против ООН и Холандија, покренати поради наводна негрижа на холандските припадници на ООН, кои дозволија Бошњаците да бидат убиени. Тие, исто така, го убедија Европскиот парламент да донесе резолуција во која се повикуваат сите земји на ЕУ, да го одбележуваат 11 јули како Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Животот на Нура Алиспахиќ, мајка од Сребреница, сè до октомври 2020 година, кога починала, се одвивал меѓу двата гроба на нејзините синови – едниот во Алејата на младите во Тузла, а другиот во Меморијалниот центар Поточари во Сребреница.

Во Сребреница е погребан нејзиниот син Азмир. Тој е еден од шестмината  Бошњаци застрелани од припадниците на единицата „Скорпиони“ во Трново, во 1995 година. Овие убиства „Скорпионите“ ги снимаа со видеокамера, како трофеј.

Нура, во 1993 година, го изгубила и својот сопруг, а потоа, во геноцидот во Сребреница, и нејзиниот брат, 12 братучеди и 5 зета. Иако во војната била принудена да ја напушти својата куќа, таа се вратила во Сребреница, каде ги поминала последните денови.

„Нема веќе кој ниту врата да ми отвори. За мене, животот повеќе нема никакво значење… Ми значеше додека имав деца и сопруг. Сите ми се убиени. Сега преживувам сама, болна сум и сеедно ми е“, изјави Нура за БИРН во 2017 година.

Таа ни рече дека повеќе не верува во правдата: „Нема правда, ниту некогаш ќе има“.

Зарем не можеа да дозволат барем еден од моите синови да остане жив?

Нура Алиспахиќ, која почина во 2020 година, покажува фотографии од нејзините двајца синови. Фото: БИРН.

На Када Рамиќ, во геноцидот во Сребреница, ѝ се убиени три сина – Џевад, Џемо и Мехмедалија. Четвртиот син, Сабит, загинал во 1993 година. Сите ги идентификувала и закопала до декември 2020 година, кога починала на 81-годишна возраст.

„Секогаш велеше дека единствена желба ѝ е да дочека да ги најде децата, да ги закопа и да се осудат луѓето што ги убија децата од Сребреница, тоа секогаш го велеше“, раскажува нејзината ќерка, Реџија Хасановиќ.

„Ги закопа децата, но тие сè уште не се осудени“, додава таа.

Татко ѝ се разболел, кога ги пронашле посмртните останки на нејзините браќа, објаснува Реџија. Тој повеќе не можел да поднесе да живее, без да се надева дека нема да дојдат.

Таа вели дека нејзината мајка била мирна и повлечена жена, дека не зборувала многу и оти ги криела солзите, но дека не пропуштила ниту едно судење.

„Штом ќе ги видеше нивните лица на телевизија, таа веднаш почнуваше да плаче и велеше: ‘Зарем не можеа да дозволат барем еден од моите синови да остане жив?’“, се присетува Реџија, на зборовите на својата мајка.

На конечната пресуда на Младиќ, во Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, поради пандемијата на корона вирусот, ќе може да присуствува само по еден претставник од секое здружение.

Ефендиќ објаснува дека е планирано да одат помладите и поздравите, а оти другите членови ќе организираат колективно следење на пресудата во Меморијалниот центар во Сребреница.

„Немам друго очекување освен да биде осуден на доживотен затвор, да се  потврди првостепената пресуда, ништо друго не може да се очекува, ништо помалку“, истакна Ефендиќ.