Регион

Шверц на луѓе: Кеш, насилство и врски со безбедносните служби

БИРН открива како се одвива лукративната операција за шверцување бегалци преку Балканот

  • 3
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Спроти главната автобуска станица во Белград се наоѓа парче од Блискиот Исток – кафулето Месопотамија, препознатливо по предната портокалова фасада. Во него можете да пушите наргиле, да играте табла или да се напиете турско кафе варено на жежок песок.

Но, според разузнавачки извори и според сведоштва на бегалци што поминуваат низ Србија кон Западна Европа, Месопотамија нуди и услуга што ја нема на менито.

„Отидов таму и оставив пари за шверцерите“, вели Абдула, опишувајќи го механизмот на т.н. „пакет-договор“, со кој бегалците со шверцерите го договараат целиот пат – од местото на плаќање до крајното одредиште во Европската Унија.

„Парите се на мое име и постои шифра. Кога ќе стигнете на целта, ја испраќате шифрата на момчето од ‘канцеларијата’ и тој точно знае кој треба да дојде за да ги земе парите. Тоа е заради сигурност дека шверцерот нема да ги земе парите пред испораката. Ако полицијата ве врати назад, вашите пари се сè уште на сигурно“, објаснува Абдула за БИРН.

Според бројни извори, како и според белешките на доушници на Воено-разузнавачката служба (ВОА) во кои БИРН имаше увид, Месопотамија е српска филијала на синџир „канцеларии“ или „банки“ долж патот од Блискиот Исток до Западна Европа, по кој бегалците и мигрантите се движат бегајќи од војна и од немаштија.

Овие „канцеларии“ обезбедуваат клучна услуга во лукративната индустрија на шверцување луѓе, во која влоговите се големи, а довербата е во хроничен дефицит. Луѓето што во нив ги чуваат парите, т.н. „трета страна“, се витални посредници меѓу очајните бегалци и шверцерите што го држат клучот за нивното успешно патување до Запад.

„Месопотамија е како канцеларија на ‘третата страна’“, вели Абдула, кој во тој белградски локал оставил 3.500 евра за да ја помине границата, а за БИРН се согласи да зборува под услов да не му се открие вистинскиот идентитет.

Кафуле „Месопотамија“ во центарот на Белград. Фото:БИРН

Бизнисот со шверцување мигранти на Западен Балкан е вреден најмалку 50 милиони евра годишно, се наведува во извештајот на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GI-TOC).

БИРН ги открива механизмите на функционирањето на шверцерската индустрија во Србија, клучните точки на патот кон граничните премини на северот на земјата, но и врските на припадниците на полицијата и на српските служби за безбедност со поединечни шверцери.

По трагата од белешките на доушник на ВОА

Србија е главната транзитна земја на Балканската бегалска рута. Според податоците на УНХЦР, во Србија, во 2019 година влегле вкупно 30.216 бегалци и мигранти, двојно повеќе отколку само една година претходно.

Во официјалните прифатни центри, на крајот на март имало 4.460, но стотици се сместени низ хостели, приватни куќи и во напуштени објекти, додека чекаат шанса за „гејм“, што е колоквијален израз за обид да ја преминат границата преку избегнување бројни пречки, како во видеоигра.

Оградите од бодликава жица на унгарската граница и насилните методи на државите-членки на ЕУ што се граничат со Србија, ги турнаа мигрантите во уште поголема зависност од шверцерите. Поради својот илегален статус, мигрантите се дополнително подложни на измами, физичко малтретирање, проституција, силувања и киднапирања, а тие случаи главно остануваат скриени и надвор од дофатот на правната држава.

„Сум слушнал разни работи“, вели преведувач што работи за една од невладините организации што се занимаваат со прашањето за бегалците, и кој, исто така, се согласи да зборува за БИРН под услов да остане анонимен.

„Шверцерите искористувале некои луѓе. Некои девојки од Иран морале да спијат со нив, бидејќи немале пари да платат патни трошоци. Имало силувања долж граничните премини и во шумите, кога водичите на патот намерно ги одвојувале девојките од мажите“.

„Многу од нив ми рекле дека во случаите кога некое семејство ќе плати за пат, некои шверцери ќе им ги киднапираат другите деца и ќе бараат уште пари. Додека не платат, нема да ги пуштат“, додава тој.

Лузни на мигранти добиени на нивниот пат од Сирија до Србија. Фото Саша Драгојло

Кафулето Месопотамија, заедно со блискиот Истанбул фаст-фуд, е дел од неформалниот систем за осигурувања од можни измами, каде што се чуваат парите за услугите на шверцерите, сѐ додека бегалците не стигнат на договореното место.

Според извори на БИРН, овие локали ги контролира 41-годишниот турски државјанин Ахмет Туна, кој е оженет со српската државјанка Табита Туна.

Ахмет Туна, во мај 2018 година, во Србија регистрирал фирма „Туна текстил доо“. Таа фирма формално управува со „Истанбул фаст-фуд“ и со блискиот хостел „Миттани“. Месопотамија е посебно правно лице во сопственост на српската државјанка Снежана Радуловиќ, која не одговори на нашите прашања во врска со оваа приказна. Меѓутоа, мигрантите што оставале пари во локалот, како и други извори упатени во бизнисот со шверцување, тврдат дека Туна управува и со Месопотамија.

Одговарајќи на прашања на БИРН, Ахметовата сопруга Табита Туна негира дека тие на кој било начин се вмешани во бизнисот со шверцување или со чување пари. „Ние не се занимаваме со тоа. Кај нас никој не оставил пари. Кај нас само јадат и спијат, тоа е сѐ“, вели таа за БИРН.

Табита потврди дека таа и сопругот се сопственици на Истанбул фаст-фуд и на хостелот „Митани“, но ја негира врската со Месопотамија.

„Месопотамија не е наша. Сопственик е некој сосема друг, не знам кој е“.

Хотел Митани и Истамбул фаст фуд, во сопственост на семејството Туна. Фото: БИРН

Но, белешките на доушник на ВОА, во кои БИРН имаше увид, ги поврзуваат Месопотамија и Истанбул фаст-фуд со шверцувањето мигранти. Доушникот В.Ш. во своите белешки точно опишува што се случува кога шверцер доаѓа по својата заработка во овие локали.

Како што наведува тој, по влегувањето во Месопотамија, шверцерот го праќаат до блискиот Истанбул фаст-фуд, по што тој го покажува бројчаниот код што одговара со оној што му е претходно даден на бегалецот или на мигрантот. Шверцерот постојано го следат, наведува В.Ш.

Доушникот на ВОА опишува и сцена на предавање коверт, на кој со рака била напишана реченица на арапски и допишано 50.000, која тој самиот ја посведочил. Извесен Турчин, кого го нарекува „главниот“ го предал ковертот на „Арапот“. „Арапот го отвора ковертот, поминува со прст преку банкнотите од по 500 евра и си оди“, напишал В.Ш.

Тој тврди дека сите договори во врска со шверцувањето на мигрантите низ Хрватска се склопуваат во Белград.

„Ми се пофалија со видеоснимка снимена во Месопотамија Кафе, како со камион со хрватски регистарски таблички испратиле во Виена 42 луѓе. Кога (барателите на азил) стигнале и се јавиле од Виена, му исплатиле на Хрватот во наведениот локал 110.000 евра“, опишува тој.

Абдула тврди дека системот на „канцеларии“ е најсигурен за бегалците, но ниту тој не функционира секогаш.

„И тоа е ризик, бидејќи тој (посредникот) секогаш може да ги земе парите и да избега. Тоа се случи кога бев во Атина. Типот што требаше да ги чува парите избега со 300.000 евра“.

Илустрација: БИРН

Шверцери под заштита

Пред воопшто да одлучат да ги остават парите во Месопотамија, бегалците мора да најдат доверлив шверцер.

Сериозните шверцерски мрежи се транснационални и дејствуваат во повеќе држави на мигрантската рута. Кога ќе се постигне договор, шверцерот има улога на „навигатор“ и ги поврзува „клиентите“ со „соработниците“ до крајот на патувањето, чија крајна цел е најчесто Западна Европа.

Според личните препораки, мигрантите ги наоѓаат шверцерите на социјалните мрежи каде што задоволните „муштерии“ објавуваат препораки или предупредувања на Фејсбук, Телеграм или на Ватс ап.

Во мигрантските групи на Фејсбук, во кои пристапи БИРН, одредени шверцери нудат премин преку границата пеш, во автомобил или во камион, нудат пасоши, работни и возачки дозволи, а помагаат дури и при изнајмувањето куќи или отворањето фирми во ЕУ.

Самите шверцери и нивните соработници објавуваат видеоснимки од успешни акции на кои се гледаат задоволни луѓе како се пробиваат низ шумата или, пак, се возат низ европските патишта во автомобили, додека пеат со гласна музика.

Мнугу мигранти се сместуваат во напуштени објекти, додека чекаат шанса за „гејм“. Село во близина на граничниот премин Хоргош. Фото Саша Драгојло

Според анализата на БИРН на судските предмети во последните четири години, и покрај тоа што е формирана Постојана ударна група за борба против шверц на луѓе, полицијата и обвинителството имаат мал напредок, кога станува збор за апсењата на високопозиционираните членови на шверцерските мрежи.

Во периодот од февруари 2017 до март 2021, полицијата уапсила 210 лица од 24 организирани групи осомничени за шверцување, а конфискувала околу 245.000 евра и 34 возила. Меѓутоа, кога тие случаи ќе се прегледаат детално, се гледа дека повеќето процесуирани се „пешадија“ – таксисти или возачи на автобуси што бараат дополнителна заработка, ситни криминалци и обични граѓани што „паднале“ пред искушението да заработат набрзина.

Драган Често, заменик-обвинител за организиран криминал и шеф на Ударната група за борба против шверцувањето луѓе, за БИРН вели дека е свесен дека заплените се скромни, како и дека можеби сите „шефови“ не се процесуирани, но додава дека тој може да го прави само тоа што може да му пројде на суд.

„Дали се ситни или крупни риби во прашање, јас го работам само тоа што можам да го докажам. Јас не можам да излезам на судење со претпоставки. Знам дека тука се вртат многу поголеми пари, но мене ми е важно да го докажеме кривичното дело, без оглед на износот“, објаснува Често.

Од друга страна, истражувањето на БИРН покажува дека одредени шверцери уживаат заштита од безбедносните служби. Сириецот О.Ј. избегнал апсење, и покрај фактот дека бројни извори, мигранти и бегалци, експерти од невладините организации и агенти на безбедносните служби, потврдиле за БИРН дека тој е еден од водечките шверцери во Србија.

Како бегалец од Сирија, каде што веќе една деценија беснее граѓанска војна, О.Ј. имал поголеми шанси во однос на другите да влезе во ЕУ. Сепак, тој последните четири и пол години легално престојува во Србија, која за повеќето бегалци и мигранти е само транзициска земја.

„Единствената причина поради која остана тука е што во Србија му оди подобро отколку што би му одело на Запад“, вели еден од изворите што го идентификува како шверцер.

Извор близок до О.Ј., кој разговараше под услов да остане анонимен, истакнува дека тој всушност ужива заштита од српската Безбедносно-информативна служба (БИА).

„Тој има многу врски, вклучително и во БИА“, тврди тој. „Му рекле дека знаат сѐ, но дека е во ред сѐ додека тој им помага. Кога бараат некого, тој мора да им помогне да го најдат. Мислам и дека им дава процент“.

Тој „процент“ е значаен, зашто според процените на нашите извори, шверцерската мрежа на О.Ј. зема околу 150.000 евра месечно, што е приближно 60 отсто од вкупниот износ што државата го запленила во рок од четири години.

Извори за БИРН од безбедносните служби ја потврдуваат врската на О.Ј. и БИА, која дури има и свој претставник во Ударната група за борба против шверцувањето луѓе. Бројни мигранти за БИРН рекле дека припадници на српската служба им нуделе соработка.

Одредени шверцери уживаат заштита од полициските структури. Агент на БИА наведува случај со сирискиот шверцер А.С., за кого вели дека е пуштен штом се покажало дека соработува со српската полиција.

„Сите побеснеа поради тоа“, истакнува тој.

Драган Често вели дека тој не е упатен во тоа дека некои шверцери се заштитени од страна на безбедносните служби, но не ја исклучува можноста дека тоа се случува.

„Јас би дал оставка истиот момент кога би го дознал тоа. Првпат слушам од вас, но не исклучувам дека е можно. Но, јас да сум информиран, а ќе признаете дека можам да добијам само информации од службите што го работат тоа, никако не е можно. Кога јас би знаел и би премолчил, тоа би се косело со мојот професионален морал“, вели заменик-обвинителот.

Гордана Вукашин од групата 484, невладина организација што се занимава со прашањето на миграцијата, наведува дека „ситните играчи“ се секогаш најпогодни за „улов“, поради нивната директна вклученост во самиот процес, со што се пласира слика дека на полето на борба против шверцот „сепак нешто се случува“.

„Меѓутоа, сведоци сме на тоа дека со нивното апсење шверцувањето луѓе не запира, што укажува на тоа дека сериозните играчи и натаму се во игра, а сите други се само заменливи алки во синџирот. И тука има едно сосема логично прашање што може да се наметне, а тоа е кој каков интерес има“, истакнува Вукашин за БИРН.

Преведувачот од една невладина организација за човекови права тврди дека е „јавна тајна“ дека поединечни шверцери се заштитени.

„Според моите информации, се апсат главно возачи. Во нашиот камп има редовни полициски проверки, но шверцерите за кои сите знаевме, никој не ги пипаше. Тоа е јавна тајна. Невозможно е дека безбедносните сили во оваа земја не знаат кој се занимава со тоа“.

Во БИА не одговорија на прашањата на БИРН во врска со односите на припадниците на оваа агенција со шверцерите.

Гранична полиција во село Рабе. Фото: Саша Драгојло

Бел Двор, лузни и тунели

Во белешките на доушникот на ВОА, градот Сомбор, кој се наоѓа во северозападна Србија, во близина на границата со Хрватска и со Унгарија, се идентификува како шверцерско седиште. Ова за БИРН го потврдија и бројни други извори.

Во градот со околу 50.000 луѓе се наоѓаат низа хостели што се наменети исклучиво за сместување бегалци и мигранти, од кои еден, скриен во централната градска улица и без официјален назив, е во сопственост на семејството Туна.

Меѓутоа, бројни извори го идентификуваа хостелот „Бел Двор“, во предградието на Сомбор, како главно место за шверцерите. Соработникот на ВОА, во своите белешки, исто така, го означил „Бел Двор“ како омилено место на еден од шверцерите, а соговорникот на БИРН, Абдула го споменува тој објект при описот на целата операција на шверцување – од Месопотамија до северот на земјата.

„Човек од Белград оди со вас на автобуската станица, каде што купувате билет и заминувате за Сомбор. Во Сомбор ве чека друг човек и ве води во хотелот ‘Ѓорѓе’ или во хостелот ‘Доктор’“, вели тој, напоменувајќи дека ‘Ѓорѓе’ е референца за Ѓорѓе Кнежевиќ, сопственикот на „Бел Двор“.

„Тогаш таму чекате додека трета личност не ве одведе до граница. Откако ќе ја преминете границата, ве чека друг човек што ве води понатаму“, објаснува Абдула.

Хостел „Бели двор“ на излезот на Сомбор. Фото: Саша Драгојло

Бегалците и мигрантите со кои репортерот на БИРН разговараше во „Бел Двор“ се жалеа на полициско насилство на границата и покажуваа лузни од жици и од каснувања на полициските кучиња што ги добиле при претходните обиди да преминат. Нивните соби се преполни, во некои дури има душеци на подот, додека траги од мувла има насекаде по ѕидовите.

При посетата на хостелот, сопственикот Ѓорѓе Кнежевиќ се конфронтираше со новинарот на БИРН, прашувајќи го кој му дал дозвола да влезе, и барајќи да си оди. Меѓутоа, по еден телефонски повик, Кнежевиќ мирно одговараше на прашањата, потврдувајќи го присуството на шверцерите во неговиот хостел.

„Мојот објект е најдобар за контрола на мигрантите и за нивното одење на „гејм“ зашто е надвор од градот. Но, кога видов дека губам контрола над нив, ги исфрлив надвор. Во моментов нема шверцери кај мене, решив малку помирно да спијам“, вели Кнежевиќ, негирајќи дека тој е на каков било начин поврзан со овој бизнис.

„Не сум им помагал јас. Тоа е сѐ добро организирано, а, според моите информации, сѐ потекнува од Турција“, наведува сопственикот на „Бел Двор“, одбивајќи да открие повеќе детали.

Собите во хостелот се преполни во некои дури има душеци на подот, додека траги од мувла има насекаде по ѕидовите Фото:Саша Драгојло

Пред хостелот, таксистите што чекаат муштерии, велат дека мигрантите и бегалците им станале еден од главните извори на приходи откако почнала пандемијата со корона вирусот. Ги возат, како што велат, само блиску до границата, ништо друго.

При „гејмовите“, бегалците со чамци преминуваат преку Дунав или се пробиваат пеш низ шумата, а често се кријат и во камионите. На унгарската граница со клешти ја сечат жицата или преминуваат со скали, а се забележани и случаи на копање тунели.

Тие што немале среќа се жалат дека полицијата често им ги зема парите и мобилните телефони, а одредени велат дека ги присилувале да се соблечат, им ја палеле облеката, а потоа ги пуштале полициските кучиња на нив.

„Унгарската полиција ме тепаше жестоко, иако не давав отпор“, вели 33-годишниот Авганистанец Рашид Мустафа, опишувајќи го своето апсење откако влегол два километри на унгарска територија.

Ме присилија да клекнам и ме шутираа, по што на кратко сум загубил свест. Тешко го повредив лактот“, вели тој за БИРН, во разговор во напуштена куќа во селото Раба, на тромеѓето со Романија и Унгарија. Покажува и лекарски наод како доказ за своето тврдење.

Авганистанец Рашид Мустафа со две девојки во село во близина на границите со Унгарија и Романија. Фото: Саша Драгојло

Во Суботица, двајца Курди од Сирија нашле привремено скривалиште во напуштена куќа, во близина на железничката станица. Дваесет и петгодишниот Сарман ја поткрена маицата за да ја покаже долгата вертикална лузна, која, како што рече, ја добил од гелер пред седум години во Сирија.

Тој и неговиот сонародник, 48-годишниот Салман Хамад, велат дека двајцата оставиле по 3.500 евра во Месопотамија во Белград и дека моментално чекаат повик од шверцер за да ја поминат границата.

„Немаме што да јадеме, но мораме да преминеме, единствено тоа е важно“, нагласува Хамад.

Инсајдери тврдат дека, ако се земат предвид димензиите на шверцувањето, тешко е да се поверува дека бегалците и мигрантите немаат поддршка и од полициските структури на границата.

Во своите белешки, доушникот на ВОА опишува претходен договор меѓу полицајци во Суботица и авганистански шверцери, според кој полицајците наплаќале 600 евра по мигрант, за да овозможат премин до тунел долг 50 метри што се наоѓа во близина на граничниот премин Келеби.

„Дневниот профит е меѓу 15.000 и 20.000 евра“, наведува В.Ш.

Таксист од Суботица, кој бараше да остане анонимен, вели дека одредени таксисти имаат договор со поединечни полицајци.

„Сега не толку, но порано беше така. Еден колега ми вели – „имам премин“, го прашувам како имаш, ми вели „молчи, што ти е гајле, вози, доаѓаш со мене“. И тој што оди со него, тој ќе настрада, не бил во шемата“, објаснува тој.

Единствениот вистински ризик го преземаат самите бегалци и мигранти. Дваесет и осумгодишен Сириец наведува дека шверцерите меѓусебно се борат за контрола над најдобрите гранични точки, и дека често ги тепаат бегалците што ќе пробаат да поминат без нивните услуги.

„Ако се обидете да поминете без нив, ќе ве најдат. Тоа се случува редовно“, вели тој за БИРН.

Од друга страна, редовно е и полициското насилство. Меѓутоа, за нив нема назад, вели неговиот 19-годишен земјак Хусеин, во разговор пред хостелот Олга во Сомбор.

Веќе шест месеци е во Србија. Вели дека оставил 7.000 евра на ‘трета страна’ на „пазарот“ во Турција, каде што во моментов е неговиот татко. Чека шанса да отиде во Германија, бидејќи таму е брат му, но моментално, како и илјадници негови сопатници во балканското лимбо, живее ден за ден.

„Секој ден пробувам да одам на ‘гејм’, ја барам својата шанса. Немам никаков реален план“.

 Саша Драгојло