Сакале да испечат леб, ама немале доволно мастраф. Имале сосема малку брашно, а недоволно и масло, практично неколку капки колку да ја намастат тепсијата. Потоа им текнало дека немаат дрва за да го запалат огнот, а немале ни струја, ниту друга алтернатива. Морале да замолат за помош кај соседите. А куќа што не може сама да си го обезбеди лебот, не е домаќинство во вистинската смисла.
Истото важи и за државата. „Лебот“ е синоним за ресурсите што треба да ги има една земја за суштинска и реална, а не номинална независност запишана на хартија.
Сите јалови стратегии и празни фрази нека си останат во фиоките каде што и досега реално чмаат, а да се почне со конкретна работа. Приоритет е мапирање на сите слаби точки и капитално инвестирање, а не трансцедирање на две спротивставени политички парадигми
Руската агресија во Украина ги откри сите слаби точки и пропагандни балони на Путин, ама во иста мера ги откри и слабостите на земјите зависни од енергенси, кои сега бараат алтернативи за руската нафта и гас.
Русија поведе војна во Украина, но ја растресе и Европа. Нејзината агресија навистина беше катализатор за европската солидарност, но извесно е дека во следната фаза ќе биде и катализатор за големо разногласие на европско тло. Секој што го игнорира овој факт, ја лишува реалноста од тој значаен податок.
Расте бројката на земјите што бараат да бидат изземени од новите пакет-санкции на ЕУ, кои вклучуваат ембарго за увоз на руска нафта, бидејќи немаат доволно време да се прилагодат на алтернативи. А додека си рекол „лето“, зимата ќе дојде, прашање е дали и договараните алтернативи за рускиот гас ќе бидат навреме обезбедени и дали ќе бидат доволни.
На сите им е јасно дека прилагодувањето на новата реалност со заобиколување на енергенсите од Русија чини и време и пари. Независноста е скапа работа. Особено енергетска, а Македонија во изминатите години не инвестираше ништо на тој план.
Да не се случеше војната во Украина со сите рефлексии по овие прашања и натаму ќе живеевме како во приказната за штурецот и мравката. И сега не е многу поразлично, освен што сме вознемирени дека нѐ чека тешка зима и сега чекаме разни мравки да ни помогнат.
Без полн амбар, без домашни капитални инвестиции во енергетиката (за кои треба време за реализација, дури и токму денеска да почнат) нема да биде тешка само оваа зима, туку и следните години.
Светот се менува, големите држави сосема очекувано побргу си наоѓаат алтернативи, ние допрва бараме решенија затоа што претходно со години не сме направиле ништо. Од 2019 година имаме Стратегија за развој на енергетиката, и тоа до 2040 година, ама не знаеме ни утре што нѐ чека.
Засега имаме само убаво четиво, полно со податоци, проценти и шарени графикони, во кои се покажува кон што се стремиме, но освен дека „треба“, не е јасно како и кога ќе се изгради нешто. Такво сценарио не се гледа, а Стратегијата убедува дека имало три: Референтно сценарио, Сценарио за умерена транзиција и Зелено сценарио.
Зеленото сценарио го видовме во Слупчане, кога беа удрени темелите за нова хидроцентрала со инсталирана моќност од 200 MW. Упссс, „мала“ грешка. Во Слупчане беа инвестирани 200 илјади евра за 20-метарски споменик на ОНА, со инвестирана моќност за политичките интереси на зелената партија ДУИ.
Потоа ја критикуваме Бугарија што инсистира да се занимаваме со минатото наместо со сегашноста и со иднината, а истото самите го правиме дома. Отворивме погонче за производство на висок напон во безбедносно-ризично и економски-кризно време.
До кога на ваков начин ќе играме „држава“? Сѐ што се случува во коридорите на власта, но и во опозицијата со барање избори сега, е далеку под општествено прифатливо ниво, лишено дури и од привид за вистинско лидерство какво што се очекува во вакви времиња.
Светот драматично се менува, се наѕираат контурите на „светот потоа“ во однос на идни сојузи, трговски текови и идеологии, но се оцртуваат и контурите на економски „волнени времиња“, сосе куп неповолни сценарија.
Без полн амбар, без домашни капитални инвестиции во енергетиката (за кои треба време за реализација, дури и токму денеска да почнат) нема да биде тешка само оваа зима, туку и следните години
Малите земји како нас, свесни дека не можат да влијаат врз тој тек, бараат начин како барем да ја амортизираат надоаѓачката криза. А овдешните спротивставени елити, наместо заедно да трагаат по решенија, тие уште посилно се глодаат меѓу себе, без стравување дека со такви активности може да обезбедат само послаба позиција во која ќе полесно ќе бидеме проголтани од кризата.
Ова не е време ни за владејачки, ни за опозициски суети. Да се умни, сите актери од политичкиот спектар би вложиле напори за ангажирање на најдобрите експертски ресурси за да се креираат решенија во однос на она што ќе претстои, а чии димензии сѐ уште никој не може да ги предвиди, освен дека ќе биде „сериозно тешко“.
Сите јалови стратегии и празни фрази нека си останат во фиоките каде што и досега реално чмаат, а да се почне со конкретна работа. Приоритет е мапирање на сите слаби точки и капитално инвестирање, а не трансцедирање на две спротивставени политички парадигми, oд кои, без разлика која и да „победи“ во надвикувањето или во надгласувањето, и двете ќе живуркаат во истата тешка каша во која ќе биде и државата.
Оттука, навистина е неразбирливо што и во вакви сериозни моменти, никој искрено не се труди да го најде соодветниот калауз за актуелната состојба. Познат цитат настанат врз искуството со кризите дава поука за создавање шанса и во време кога се чини дека нема избор. „Зборот криза напишан на кинески јазик се состои од два знака. Едниот претставува опасност, другиот можност“.
Ако опасноста е екстерно предизвикана, обидот да го претвориме тоа во можност ќе зависи интерно, само од нас. Како што е познато, големите шанси и големите кризи не создаваат ни херои, ни кукавици. Само ги откриваат пред нас.