Анализи

Беко – терен за борба меѓу моќта и законот

Иднината на градбата ќе се решава на суд

Две години му требаше на Јавното обвинителство за да поднесе обвинение против  бизнисменот Борис Стојменов по кривичната пријава од Општина Центар доставена во јули 2020 година, поради бесправно градење на местото на поранешната стоковна куќа Беко. А додека обвинителите го градеа случајот против поранешниот пратеник и министер, градеше и самиот Стојменов. Иако градилиштето му е формално затворено од 26 јули 2020 година, тој во меѓувреме направи две подземни нивоа на својот нов објект и ги почна надземните работи.

Сликите од теренот и историските сателитски снимки покажуваат дека како што се множеа решенијата за запирање и за уривање на објектот од локалните власти, така се зголемуваа и неговите димензии. Дури и додека траеше мораториумот за градење што го воведе претходната општинска управа.

 „Постојано ги гледаме како доаѓаат, ги кинат лентите за затворање на градилиштето и продолжуваат да градат“, ни кажаа соседите што живеат и работат во близина, кога го посетивме објектот.

Иако пред година и пол, од обвинителството, за БИРН, изјавија дека „јавен обвинител прибира вербални и материјални докази со цел утврдување на фактичката состојба“, во обвинителниот акт објавен на 4 мај е наведено единствено тоа што поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ, постојано го повторуваше – дека Стојменов во 2016 година добил градежна дозвола за да го реновира и да го надгради стариот објект Беко, но во 2018 обезбедил стручно мислење дека градбата е нестабилна и добил дозвола да ја урне, а откако го расчистил теренот, почнал да гради без да побара ново одобрение.

Земјиштето каде што се гради е регистрирано на име на компанијата Економско биро, во сопственост на неговото семејство, а управувана лично од него. Според обвинителството, со старата дозвола за реновирање требало да направи објект со димензии 28,5 на 42,5 метри, а откако ја урнал стоковната, почнал да гради зграда од 61 на 34,5 метри. Поточно, ја зголемил основата на градбата за речиси 60 проценти, од 1.200 на 2.100 квадрати.

Колку нивоа сака да изгради нагоре, знае само инвеститорот. Според деталниот урбанистички план изработен од Ин-пума во 2012 година, кој може да се најде на веб-страницата на Општина Центар, тој има право да направи деловен објект со приземје, мезанин и девет ката, со вкупна површина од над 16 илјади квадратни метри. Ако се изгради, вредноста на таквата зграда во строгиот центар би се пресметувала со осум цифри во евра. 

Како се дестабилизираше објектот среде мораториум

Подземните нивоа се завршени и се гради над земја | Фото: БИРН

Стоковната куќа Беко, објект ценет од многу архитекти и граѓани како еден од симболите на постземјотресното Скопје, е проектирана во 1969, градена од 1970, а отворена во1972 година, според податоците на МАРХ.  Набргу целиот простор околу неа станал познат како „Беко“, назив што и натаму е во употреба, иако објектот не постои (на пример така неформално се нарекува и полициската станица Центар отспротива, каде што се издаваат и лични документи). Затоа нејзиното уривање предизвика многу реакции.

Во времето на транзицијата, објектот преминува во сопственост на семејството Стојменови, кои го реновираат и го пренаменуваат во хотел, со име ТЦЦ Плаза. Во 2016 почнува нова реконструкција со монтажна надградба. Првичната идеја била тој да добие нови нивоа нагоре и да се преоблече во барок, но тоа никогаш не се случи.

По локалните избори, во декември 2017 година, Општина Центар носи одлука за мораториум на градењето за да се ревидираат урбанистичките планови. Следната година напролет беше побарана и добиена дозвола за уривање на Беко, со образложение дека објектот имал проблем со статиката.

Колку неубедливо изгледаше тоа образложение покажуваше големиот број коментари дека работниците одвај ги извадиле неброените тони железна арматура од зграда прогласена за нестабилна. И самата авторка Мимоза Несторова Томиќ, во разговор за порталот СДК, забележа дека Беко го уривале четири месеци, а велеле дека има проблем со статиката.

Една од нејаснотиите поврзани со случајот е и како првично инвеститорот добил дозвола за надградба ако статиката била проблематична и како го открил тоа во текот на градбата, токму кога стапи во сила мораториумот и се отвори можност за ревизија на Деталниот урбанистички план. Тоа беше период кога се зголеми притисокот за намалување на површините за градба во Центарот, па со мораториумот постоеше можност да го загуби правото некогаш да го изгради објектот со максималните предвидени димензии.

„Не може некој однапред да знае дали и по ревизијата на планот ќе ги добие истите параметри за градба. Димензиите може да се променат, и тоа се случи на повеќе локации“, рече советничката од Општина Центар, Јана Белчева Андреевска, поранешна претседателка на општинскиот совет, која со помош на здружението „Здравје пред профит во Центар“ своевремено го иницираше ревидирањето на урбанистичките планови на општината.

Затворање врз затворање врз затворање на градилиштето

И додека беше затворено, на градилиштето можеше да се видат работници | Фото: БИРН

Поради мораториумот, Стојменов не можел да добие ниту градежна дозвола според актуелниот план, па решил да се повика на старата, на таа за реновирање од 2016 и да почне да гради.

Оттогаш трае борбата меѓу инвеститорот и локалните власти.

„Многупати имаме носено одлуки за запирање на градбата или за нејзино отстранување, веќе не можам да се сетам колку“, рече за БИРН поранешниот градоначалник Богдановиќ во 2020 година.

На 20 јуни 2019 година, општината го затвори градилиштето. Инвеститорот Стојменов продолжи да гради. Решение за отстранување на градбата доби на 26 февруари 2020. Објектот продолжи да расте. На 8 мај уште еднаш е затворено градилиштето, и повторно е отворено на своја волја од инвеститорот. Тоа се повторува и на 25 јули 2020.

Ова се само неколку датуми споменати во соопштенијата на општината до јавноста, а разликите на теренот може да се видат и на сателитските снимки на Гугл.

При едно затворање на градилиштето, Стојменов за ТВ 21 изјави дека има право да гради зашто своевремено платил и комуналии и ја обвини општината дека му барала мито од еден милион евра.

„Не им давам мито“, вознемирено извикуваше Стојменов тогаш пред камерите.

Тој го повтори ставот дека еднаш добил градежна дозвола и не му треба нова и во интервју за А1 Он, во кое, пак, го обвини поранешниот премиер Зоран Заев дека стои зад блокадите на градилиштето.

За овие изјави има тужба за клевета од Богдановиќ и предупредување за тужба од Заев.

Во Законот за градење се предвидува дека реконструкција се прави исклучиво во габаритот на постојниот објект, без никаква можност за зголемување на димензиите.

Обидите да се прават нови и поголеми градби зад параванот на реконструкција се познати и од порано. Делумно поради овие причини веќе две децении стои затворено градилиштето на објектот Кермес во градскиот парк во Скопје, кој со својата недовршена бетонска конструкција веќе почнува да наликува на археолошки локалитет.

Ќе гради ли Стојменов легално?

Објејтот се наоѓа во строгиот центар на Скопје | Фото: БИРН

Во моментов не постои мораториум за градење во Центар. Уставниот суд го укина во декември 2020, а новата општинска власт досега не покажала интерес да обнови една таква мерка. Градежни дозволи се издаваат слободно.

Во меѓувреме, се подготвува и нов закон за легализација на дивоградби, откако минатата година во мај се изгласа еден, па претседателот Стево Пендаровски не го потпиша.

Ова се две околности што може да ги искористи инвеститорот Стојменов. Од друга страна, пак, има решение за уривање и обвинение дека не го испочитувал, па следно останува на судот да одлучи дали ќе дозволи да се искористат „дупките“ низ кои може да се протне оваа зграда во центарот на градот.