Анализи

Наши и помалку „наши“ медиуми

Пријателски медиуми за пријателски приказни

Сите медиуми се еднакви, но некои се поеднакви од другите. Вака би звучела Орвеловата максима од сатиричниот роман „Животинска фарма“, пресликана за дел од медиумскиот амбиент кај нас.

Не така често, но и натаму се случува едни медиуми да имаат повластен пристап за информации, изјави и интервјуа, додека другите се игнорираат и се третираат како „непријателски“.

Ваква селекција имало и сега, и во минатото. Всушност, праксата е толку етаблирана, што постоењето паралелни информациски системи во македонскиот медиумски систем, со мали исклучоци, како никого повеќе и да не го загрижува.

Гостување како иновација и заемно задоволство

Да се покрива државна делегација на пат, во новинарските кругови секогаш се сметало за привилегија | Фото: БИРН

Идејата да се врати споменикот на Ќосето ги активира задреманите „брзи прсти“ на социјалните мрежи на вториот ден Велигден. Дебатата „тргна“ од вест од гостувањето на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на порталот Инфомакс, во емисијата именувана „Наше Скопје“.

На почетокот од првото едно и пол часовно гостување на Арсовска, водителот Александар Митовски кажа дека за првпат во медиумската историја во Македонија, градоначалничката секоја недела ќе ги информира граѓаните за тоа што се случува во градот.

„Ќе биде некој вид отчет“, ја допрецизира Митовски, кој е домаќин во емисијата што се емитува на Јутјуб и на Фејсбук.

Неделава следуваше и втора епизода.

Ja прашавме градоначалничката Арсовска зошто одлучила да ѝ се обраќа на јавноста преку неделни интервјуа за Инфомакс и како одговара на критиките дека на тој начин се дискриминираат другите медиуми.

Конкретни одговори не добивме. Во три реченици, од Градот објаснија дека применуваат „еднаков пристап кон сите медиуми кога станува збор за јавни настани од интерес на граѓаните“.

Ги охрабрија „медиумите и нивните претставници редовно да учествуваат на поканите за средби на кои ќе се известува за работата на Град Скопје“ и рекоа дека транспарентноста им е приоритет и оти се отворени за соработка со сите медиуми.

Но, не одговорија дали сметаат дека е проблематично тоа што Инфомакс е портал за кој има десетина одлуки на Советот за етика во медиумите затоа што го прекршил Етичкиот кодекс на новинарите.

Се чини дека тоа за градоначалничката не претставува проблем. Во втората епизода, Арсовска рече дека ѝ е задоволство што гостува во ваква емисија, што го опиша како „иновативна идеја“, а критиките ги објаснуваше дека така е со секој почеток – „иновативните идеи да наидуваат на отпор“.

Но, Арсовска не е единствената градоначалничка што ја создаде оваа пракса. Многу пред неа, поточно уште од 2005 година, тоа редовно го правеше тогашниот градоначалник на Струмица, а подоцна и премиер, Зоран Заев, на локалната телевизија ВИС во Струмица.

Не секоја  недела како Арсовска, туку секој месец, Заев со години се појавуваше на неколкучасовните емисии и одговараше на прашањата на струмичани.

Емисијата ја водеше струмичанецот Ѓорѓе Калајџиев, кој, кога Заев стана премиер, му стана советник за „подготовка на брифови и документи за медиумски средби“.

Ексклузивно патување за Киев

Критики за избор на само еден медиум од многубројните медиуми имаше и за скорешното патување во Украина на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој беше таму со новинарска екипа од сателитската двојазична телевизија ТВ 21.

Телевизијата и во најавите за посетата особено потенцираше  дека е единствената што го следи Џафери при посетата на Украина, што предизвика реакции на социјалните мрежи поради „повластениот пристап“.

На прашањето до прес-службата на Собранието како е избран само тој медиум од сите телевизии да известува за настанот, одговор не добивме.

Не стигна одговор на прашањето дали во парламентот постои систем преку кој се избираат медиумите што добиваат вакви покани за патување.

Вообичаената пракса е на такви патувања, на сметка на државата, да бидат поканети екипи на Јавниот сервис или информативната агенција – МИА кои се платени од буџетски пари, а другите сами да ги покријат трошоците.

Доколку институцијата има доволно средства, тогаш ги покрива трошоците и на другите медиуми. Да се покрива државна делегација на пат, во новинарските кругови секогаш се сметало за привилегија. Така, медиумот добива ексклузивитет и дополнителна видливост, а новинарот има пристап до извори и шанса за добра приказна.

Контрола на приказната

Извештајот на Репортери без граници нотира дека во Македонија постојат паралелни медиумски системи | Фото: БИРН

„Обид целосно да се контролира наративот“. Со овие зборови, истражувачот Игор Мицевски од Институтот Ресис го оценува ексклузивниот пристап што политичките актери им го даваат на некои медиуми, исклучувајќи ги другите.

„Сметаат дека така за настанот ќе биде конструирана една приказна – онаа што тие сакаат да биде слушната – не многубројни од сопернички приказни, кои за настанот ќе произведат различен наратив што ќе ја дестабилизира нивната идеја за тоа што навистина се случило“.

Желбата да се „контролира приказната“ не ја крие и самата Арсовска во разговорот на Инфомакс. Таа  кажа дека критиките нема да ја спречат да гостува во емисијата за да се информираат граѓаните преку оние канали кои „најдобро може да ја пренесат информацијата што сакаме да ја пренесеме“.

Тоа, пак, некогаш успева, но некогаш не, вели Мицевски.

„Поради пукнатините што ги има насекаде низ медиумските сфери, обидите за ваква контрола јавно ја експонираат културата на нетранспарентност, негрижата за медиумскиот плурализам, негрижата за сеопфатното информирање на публиките“.

Иако годинава со подобри оценки за состојбата на медиумите во последниот извештај на Репортери без граници, се констатира дека двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создале „паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание“.

На овој дел од извештајот на невладината организација посочува Катерина Синадиновска, претседателка на Советот за етика во медиумите. Таа, пренесувајќи дел од нејзиното обраќање по повод 3 мај – Меѓународниот ден на слободата на медиумите, на социјалните мрежи, ја нагласи опасноста од состојбата во која „се креираат паралелни реалности, паралелни вистини и само се зголемува поларизацијата на општеството на сметка на вистинскиот дијалог, културата во јавната дебата и суштинскиот судир на различни мислења и аргументи. Ова не е здрава демократија“.