Каде се движи Македонија? Кон Европската унија? До пред неколку дена (Самитот во Трст) овој одговор ќе беше прилично убедлив, но…
Првото „но“ ќе го посветиме на самиот почеток, односно на тоа како ние и како овој текст ја перципира Европската унија, веднаш пресретнувајќи ги коментарите од типот: „Што ќе ни е Европската унија“, „Европа е курва вавилонска што секогаш работела против Македонија“, „Светот има и други страни, не е само Запад“ итн.
Европската унија е пред сѐ и над сѐ вредносна заедница, односно се базира на заедничките вредности на земјите членки. Таа обезбедува мир и благосостојба за државите што се во неа. Никогаш во познатата историја не владеел толку долго мир – повеќе од седум децении, а би рекле и во цела Европа, да не беа оние племиња што се одѕиваат на заедничкото име „екс-ју републики“.
Но, ова не се вредностите врз кои се темели европското здружување. Тоа се само последиците или нус-производите на овој тип политичко здружување. Вистинските вредности се токму политички, а тоа се вредностите на демократијата, почитувањето на човековите права, половата рамноправност, заштитата на малцинствата и ранливите групи, еднаквиот пристап до правдата и владеење на правото наместо самоволието.
Додека Анѓушев и друштвото онака шармантно се смешкаа на глорификацијата на ликот и делото на Ердоган, во Турција беа поапсени уште извесен број луѓе, меѓу кои и една новинарка за напишан критички текст, а самиот Ердоган на централната прослава на неговиот празник уште еднаш најави дека е решен да воведе смртна казна.
Македонија, како и другите претенденти за членство во овој клуб, се колне во овие вредности, но при тоа понекогаш се заборава дека не станува збор за празни флоскули што се декламираат како некаква песничка за Цар Самоил или за Александар Македонски и дека не станува збор за пароли за кои е доволно да ги отпечатиш со големи букви на луксузна хартија и да ги испратиш во Брисел.
Тие вредности мораат да се закотват и да заживеат во законите, во институциите, во процесите на одлучување… во живата демократија на оваа земја. И, секако, да бидат следени од критичкиот печат, актерите на граѓанското општество и организациите од невладиниот сектор.
Тоа, од некои причини, прилично гласно беше соопштено и во Скопје, каде што на билбордите на кои во ова време од годината обично стојат фотографии од туристичките понуди во Турција, сега беше одбележан овој ден. И, се разбира, потпретседателот на Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев, веднаш по разговорите со претставниците на Европската унија во Трст, побрза заедно со високи претставници на таа влада да присуствува на прославата на овој „празник“ во Амбасадата на Република Турција во Македонија.
Нема некоја особена потреба да се појаснува зошто Владата со своето присуство не смееше да го крене овој собир на тоа ниво.
Едноставно, 15 јули ќе остане датум-меѓник откога Ердоган и отворено почна да ја спроведува својата диктатура, односно отворено ги изгази сите погоре наброени вредности врз кои се темели Европската унија. Протера и протерува од работа, апсеше и апси, шиканираше и шиканира стотици илјади луѓе само поради тоа што нивните принципи за слободно општество се поблиски до идеалите на ЕУ, отколку до идејата на Мехмед Паша Соколовиќ за практикување на власта.
На страна тоа што додека Анѓушев и друштвото онака шармантно се смешкаа на глорификацијата на ликот и делото на Ердоган, во Турција беа поапсени уште извесен број луѓе, меѓу кои и една новинарка за напишан критички текст, а самиот Ердоган на централната прослава на неговиот празник уште еднаш најави дека е решен да воведе смртна казна. И, се разбира, повторно ги предизвика критиките на лидерите на ЕУ.
Веќе ги слушнав, а и сега ги слушам критиките кон овие тези што се сведуваат на констатации од типот: Македонија е малечка држава и не може да се игра со надворешната политика. Турција е моќна сила, еден од најголемите инвеститори кај нас и осведочен македонски пријател. Па, имаме значајно турско малцинство. И така натаму. И, се разбира, ниту еден од овие аргументи не стои. Барем не во контекст на празнувањето на воведувањето на отворената диктатура на Ердоган.
Идејата за држава е првенствено – идеја. И таа идеја се базира, како што веќе рековме, на вредности! На политички вредности. Што мислите, како на пример, ќе ѝ изгледа на Ангела Меркел и на германската политичка јавност ова чествување на Ердоган непосредно по медиумското масовно прикажување на глувонемите снимки на срдечната средба на Меркел и Заев во Трст. Кој ни е поважен пријател – Германија или Турција. Или ќе си играме игри од типот: и Турција и Германија.
Башка да не заборавиме: и во Германија има значајно турско малцинство, па не слушнавме дека претставници на нивната влада биле на чествување во турската амбасада, како што не биле и од другите земји-членки на ЕУ. Како што не биле ни во земјите во регионот. Демек, само ние сме процениле дека е ова важен дипломатски потег!
Еве едно реторичко прашање: кој од македонската влада ќе оди на чествување во турската амбасада на 19 мај, турскиот празник, попознат и како ден на Кемал Ататурк. Одговорот, како и на секое реторичко прашање, е познат – никој! Турција, очигледно, повеќе нема намера да го слави таткото на модерната, секуларна и европска турска држава.
Но, не дека само ден пред ова чествување не беше најавено чудесното свртување на новата влада кон некои вредности познати како програмски определби на довчерашниот режим. Имено, само ден претходно во посета кај премиерот Заев беше црномантијашката камарила, позната како врвот на МПЦ, на чело со челникот, дедо Стефан. Според соопштението средбата била срдечна, а Заев и министрите за внатрешни работи, за образование и за култура ветиле целосна соработка во имплементацијата на богословијата во државниот образовен систем, во заштитата на црковното наследство и во враќање на имотите на Црквата.
Можеби ветиле и дека СДСМ во својот статут, како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ, при евентуално гаснење, својот имот ќе ѝ го остави на МПЦ. Или барем дека без попови ќе нема фрлање на ниту еден камен-темелник или дека ќе се помогне изградба на уште 1.989.267 цркви во Скопје.
И во Германија има значајно турско малцинство, па не слушнавме дека претставници на нивната влада биле на чествување во турската амбасада, како што не биле и од другите земји-членки на ЕУ. Како што не биле ни во земјите во регионот
Не дека читателот не знае, ама сепак поради чесноста кон овој текст треба да напоменеме уште еднаш дека МПЦ е навистина ортодоксна организација, заглавена во сопствениот катехизис, со сериозни проблеми на привикнување на векот и на времето во кое живееме. Освен, се разбира, ако не станува збор за џипови, глисери и останати лични удопства.
Значи, станува збор за организација која има изразито мизогени ставови и застапува отворена виктимизација на жените, за организација која не се прослави со толеранција кон другите религии туку напротив, за наводна верска заедница со непримерни хомофобични ставови во однос на сите останати христијански религии, со еден збор, за организација која се залага за спротивниот вредносен систем од она што го нарекуваме цивилизирана Европа. Која, патем речено, е секуларна.
Ајде да се потсетиме уште еднаш: МПЦ ветува живот за сите. Таму некаде на небото. После овој овоземски живот. Само треба да бидеме послушни. Кон власта и кон давачките кон Црквата.
Јас не знам на што мисли Заев кога вели „Живот за сите“ и „Доаѓа живот во Македонија“, ама ако се ова пораките, тогаш би било многу подобро да не мисли и да не вели ништо.