Ѕидот мора да падне! (Die Mauer muss fallen!)

Да имате граѓани кои во 21 век сѐ уште немале можност да добијат електрификација, канализација, водовод или пристоен студентски дом, тоа значи дека сте ги оградиле со ѕид многу повисок од Берлинскиот и дека сме многу далеку од можноста за политички неоптворено обединување во различноста, а уште подалеку од пристапот до исти права и можности.

Мало шарено парче бетон, искршено со помош на чекан, солзи радосници и чувство на слобода, зацврстено меѓу дизајнирана пластика на која пишува:

13.08.1961 – 09.11.1989, со години ми го потхранува чувството дека на работната маса чувам дел од поновата, но значајна европска историја.

Купено е по симболична цена од продавница за сувенири, во местото на неговото „раѓање“. Но, пораката што зрачи од него, не се мери со пари – туку со идеали. Не случајно денес го спомнувам тоа мало парче од урнатиот Берлински ѕид – злогласната бариера која 28 години ги раздвојуваше луѓето, семејствата, пријателите…

Уривањето во 1989 година на тој идеолошки армиран ѕид, симбол на „студената војна“, беше увертира за она што се случи една година подоцна: Денот на германското единство (Tag der Deutschen Einheit), еден од најзначајните датуми во современа Европа. Во 1990 година, на 3 октомври, ден запаметен како студен, во 00:00 часот по средноевропско време, се случи најтоплата историска прегратка – по 45 години се обединија Западна и Источна Германија.

Од падот на Берлинскиот ѕид до ноќта на обединувањето, поминаа точно 323 денови посветени на компликувани преговори кои завршија со одлуки во документ од 1.000 страници. Денес е повеќе од сигурно дека архитектите на германското единство тогаш немале многу време за експерименти или за прогнози како ќе се одвива постапно зближување на двете германски држави, ниту колку ќе чини обединувањето во финансиска смисла. Биле решени без двоумење да ја искористат единствената шанса, во момент кога дотогашниот светски поредок радикално се менувал. И ја искористиле.

Последното дете родено во Источна Германија само две минути пред обединувањето, беше Зара Клир. Фотографијата на која е овековечен нејзиниот прв плач, тогаш ги обиколи медиумите. Денес го слави 25-от роденден. Не знам во кој град живее, не знам дали студира или работи, но едно знам – израсната е во земја без ѕидови. За Берлинскиот ѕид можела да учи само на часовите по историја. И припаѓа на генерацијата која најдобро ќе научи како се градат мостови меѓу луѓето и како една земја може и треба да се бори и да се грижи за единството.

Го пишувам ова со горко чувство дека единството е сето она што го немаме во Македонија. Знам, „единство“ е збор кој на луѓето им наликува на фраза, особено на оние кои во него не гледаат основа за обезбедување политички профит. Веруваат дека многу повеќе „можности“ им нуди терминот „конфликт“. Колку повеќе го произведуваат, толку повеќе генерираат работни места за нивната погубна политика, трудејќи се да наметнат како важен актер во решението на проблемот кој токму тие го создале.

Врз таква политика со години опстојуваат на политичката сцена, инвестирајќи во десетици и десетици ѕидови во меѓунационалните, меѓукултурните и меѓупартиските односи. Тие ѕидови потоа се пресликуваат и на сите други нивоа, од врвот до дното на пирамидата.

Она што мора да се научи, не само од германскиот пример, е дека единството и обединувањето се чин на храброст, а поделбите – израз на слабост. Нема ништо ни патриотско ни херојско во форсирањето поделби по сите основи, кои редовно завршуваат со етикети од типот „предавници“, „соросоиди“, „комуњари“…

Дали некој би си дозволил денешната канцеларка Ангела Меркел да ја нарече „комуњарка“, затоа што израснала во Источна Германија? Не.

Почитувањето на разликите, третирањето на ривалите само како драгоцени политички опоненти, но никако како „непријатели“, е дел од политичката култура без која демократијата не може да функционира. Различноста не значи непријателство (Diversa non adversa).

Македонија нема да опстане ако во неа не профункционира обединување околу врвните демократски вредности. Договорот од Пржино и слични политички интервенции за излез од кризата нема да можат да дадат ефект, ако не создадеме услови единството околу решенијата да биде автентично почувствувано како услов без кој не се може.

Единството е важно за државните цели. Потребно е за стратегиските надворешно-политички приоритети, за внатрешно-политичките, за инфраструктурните, културните итн. Без тоа не е возможен ни внатрешен рамномерен развој.

Македонија денес е нашироко омеѓена со многу невидливи ѕидови кои не ги обединуваат граѓаните во исти услови и ист стандард. Од една страна е Скопје во кое се истураат неконтролирано високи суми буџетски пари за архитектонски експерименти, а од друга страна општини кои сѐ уште не го дочекале денот да добијат електрификација, канализација, водовод или пристоен студентски дом.

Да имате граѓани кои во 21 век сѐ уште немале можност да ги почувствуваат благодатите од пронајдоците на Никола Тесла од пред еден век, тоа значи дека сте ги оградиле со ѕид многу подолг и повисок од Берлинскиот. Тој сведочи за растечко разединување по многу основи, но и за фактот дека сме многу далеку од можноста за политички неоптворено обединување во различноста, а уште подалеку од пристапот до исти права и можности.

Тој ѕид мора што поскоро да падне. Нема сам да се урне, Мора да го урнеме ние и гласно да повикаме за тоа, како што пред 26 години во еден глас повикуваа милиони храбри луѓе, предводени од визионерски настроените политички елити: Die Mauer muss fallen!