Зошто протестираат камионџиите?

Денес (значи, понеделник, 26 јануари), возачите на камиони, односно автопревозниците на стока и товар, ќе ги блокираат македонските карго гранични премини. Всушност, ќе бидат блокирани сите гранични премини кон земјите од ЕУ на просторот на речиси целиот Западен Балкан (колку што знам, од овие земји само Албанија не учествува во протестот).

Камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцегоцина, Косово и од Црна Гора протестираат поради „новите“ правила што се наводно воведени со новиот електронски систем за влез и излез во земјите на шенген-зоната (ETIAS).

Според овие правила, секој нерезидент, односно посетител на 29-те држави од шенген-зоната, има право таму да престојува 90 дена во шест месеци, односно во период од 180 дена. Според нив, лимитот од 90 дена се „троши“ во некои четири месеци и потоа тие остануваат „во лер“ околу два месеца, чекајќи повторно да им се укаже можност да влезат во земјите од ЕУ.

Босанските камионџии алармираат дека во релативно кус период во притвор, во земјите на ЕУ се нашле стотина камионџии под обвинение за „илегален престој.“ Немам информации дали меѓу нив се наоѓа и некој македонски државјанин.

Неџо Мандиќ од српското здружение „Меѓународен транспорт“ вели дека дополнителен проблем е и тоа што во ваквите случаи, камионите се оставаат незаштитени на некој паркинг, па кога ќе пратите „резервен“ возач по камионот и него го апсат, затоа што и тој ја исполнил квотата од 90 дена престој во ЕУ.

Катастрофални последици

Балканските камионџии предупредуваат дека состојбата ќе биде уште полоша од 10 април, кога сите држави од шенген ќе мора целосно да го имплементираат системот ETIAS. И дека сега е последниот момент да се сврти вниманието на проблемот. Посебен проблем е влегувањето на Бугарија и Романија во шенген (1 јануари лани), како и на Хрватска две години пред нив, со што шенгенскиот простор е прилично проширен и нема држава во која по нужда ќе можете да се вратите.

Уште не е сосема јасно колку овој протест ќе трае. Во Македонија велат дека ќе трае седум дена, додека другите земји во регионот се порадикални и тврдат дека ќе протестираат додека не се реши нивната мака. Велат дека нема никаква смисла да го прекинат протестот затоа што и онака ќе немаат возачи за работа ако условите останат вакви.

Во Македонија веќе се најавуваат катастрофални последици, предизвикани од протестите, но уште повеќе поради одлуката ЕУ да ги третира возачите како туристи, а не како луѓе на професионална задача. Македонскиот извоз е во повеќе од три четвртини, односно околу 78 проценти, врзан за земјите од ЕУ.

Според министерот за транспорт, Александар Николоски, извозно ориентираните ќе бидат принудени да ангажираат странски превозници, што значително ќе ја зголеми не само цената на транспортот, туку и цената на финалниот производ. Со други зборови, нема да бидат, или барем не во доволна мера, конкурентни на странскиот пазар.

Се најавуваат и сериозни проблеми во снабдувањето, затоа што и најголемиот дел од увозот Македонија го прави од земјите од ЕУ (околу 60 проценти од вкупниот македонски увоз), но можат да се случат проблеми и со увозот од трети земји што ги користат државите на ЕУ како транзит.

Катастрофичните изјави доаѓаат и од најодговорните луѓе од државата. За разлика од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој се ограничува на формулации од типот „лош тек на работите“ и „сериозни проблеми“, министерот Николоски е поконкретен, барем според медиумите: „Македонската економија е пред колапс“ (што може да звучи малку необично, зашто до скоро се тврдеше дека според растот сме трета или четврта економија во Европа).

И Азески и Николоски велат дека веќе една година алармирале за овој проблем пред европските партнери, ама не наишле на разбирање.

Манипулации

Во сите официјални изјави што успеав да ги видам се потенцира дека станува збор за нови правила и не се кажува од кога датираат тие „нови“ правила. Не се кажува, затоа што, едноставно, се прави манипулација за да се префрли вината за новонастанатата ситуација на некој друг. Во случајот на Европската Унија.

ETIAS системот не е систем на нови правила, туку е само техничка алатка за поефикасно регистрирање на патниците при влез и излез од земјите во шенген-зоната. Еве, да е и тој главниот проблем, овој начин на регистрација функционира околу два месеца, а не една година, откога наводно се алармирало во ЕУ.

Правилото за престој од 90 дена во рок од шест месеци важи откога постои шенген-зоната, а таа, богами, постои одамна, точно 40 години. Договорот што беше основа за укинување на меѓуевропските граници првично во местото Шенген во Луксембург, во 1985 година го потпишаа Белгија, Франција, Западна Германија, Луксембург и Холандија.

Иако практично секоја членка на ЕУ е обврзана да се приклучи на овој договор, во шенген-зоната не се Кипар (поради поделеноста на островот) и Ирска (поради специјалните релации со Велика Британија, потврдени со Брегзит-от). Но, затоа членки на Шенген се и четири држави што не се членки на Унијата: Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн.

Шенгенскиот договор, со некои придружни документи, донесени во меѓувреме, стапува во сила десет години подоцна, на 26 март 1995 година, кога практично се укинаа граничните контроли меѓу земјите-членки на ЕУ. И буквално од тогаш важи правилото 90 дена престои во период од шест месеци за сите нерезиденти. Вклучувајќи ги тука и возачите на камиони.

На крајот на краиштата, тоа го потврдува и Александар Николоски, кој преку официјално соопштение на Министерството за „туризам“, вели: „… Формалниот одговор што го даде портпаролот на ЕК, за кој не се слагам, е дека нема разлика меѓу она што досега биле правила и новите правила, затоа што, според него, еден патник може да остане 90 дена во рамки на 180 дена во шенген-зоните, останува и сега. Формално тоа е точно, но практично не е точно, од причина што превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе што одат на посета, туку се луѓе што работат. Истите не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавач во конкретна земја-членка на ЕУ, а најчесто проблемот е тоа што само транзитираат.“

Формално и практично

Во истото соопштение, вицепремиерот и министер Николоски ламентира дека „најпластично“ им објаснувал во Брисел дека тоа ќе значи „смрт за економијата во регионот“, ама, ете, не успеал да им ја објасни разликата меѓу тоа што е „формално“, а што „практично“ почитување на правилата.

Ако е „формално“ точно она што го вели неименуваниот портпарол на Европската комисија, прашањето е како тогаш нашите превозници успевале „практично“ да го кршат правилото, односно како успевале да престојуваат повеќе од 90 дена во шест месеци, а да не бидат санкционирани? Како претходно немале проблеми, а сега имаат?

Никој од нашите официјални лица, па ни од претставниците на превозниците, нема конкретен одговор. Но, затоа го има погоре цитираниот Неџо Мандиќ. Тој вели дека полицијата досега ги разбирала нивните проблеми и им прогледувала низ прсти. Или, што би рекол еден мој пријател, упатен во овие работи: понекогаш и мал подарок чуда прави.

Се чини дека автоматскиот систем за регистрирање патници нема прсти да прогледува низ нив. А изгледа немаат низ што да прогледаат ниту административците во Брисел. Или што би рекол колегата на Николоски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски: „Системот е еднаков за сите.“

Инаку, владата ги поддржува протестите (што е сомнително самото по себе), веројатно за да се потврди тврдењето на Николоски за „колапсот“ на „четвртата европска економија.“ И уште поверојатно за да се насочи гневот кон ЕУ, а не кон вистинските виновници. Инаку, колку што гледам, Европската Унија не е баш нешто потресена од овој протест.

Не успеав да најдам ниту еден текст, па макар и вест, за најавената блокада во ниту еден европски медиум. Барем не во оние што ми се достапни. Како и да е, како и обично, последиците ќе ги трпиме ние, а не обратно. Токму како ЕУ нас да нѐ блокирала, а не обратно.

Целата оваа криза, значи, не е предизвикана од Европската Унија, ниту од некакви „нови правила“, туку од неспособноста на политичките елити, особено на актуелната, чија надворешна политика е, најблаго речено, заскитана во просторот и времето. Политика, која не си го знае, ниту го разбира сопствениот периметар, а камоли што ѝ се должностите и насоките на дејствување.

Зошто инаку на еден вицепремиер, на една суверена држава официјално би му одговарал извесен неименуван портпарол на извршното тело на ЕУ?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија