Регион

Косово „не може“ повторно да го отвори случајот за воено силување на Красниќи-Гудман

Васвије Красниќи Гудман  Фото: БИРН

Специјалниот обвинител на Косово, Дрита Хајдари, за БИРН денеска изјави дека се обидела да пронајде правна основа за повторно отворање на случајот на Васвије Красниќи-Гудман, но оти во тоа не успеала.

„За да се отвори случајот, потребни се нови докази … и тоа докази само во полза на обвинетиот, а не и против него“, истакна таа.

Во 2014 година, Врховниот суд на Косово, ослободи двајца поранешни српски полицајци, кои беа обвинети за силување на Красниќи-Гудман.

Таа е една од првите жени кои јавно објавија дека била силувана за време на војната, кога имала 16 години.

Хајдари, во емисијата на БИРН Косово „Животот во Косово“, во ноември, изјави дека повторно покренала истрага за случајот на Красниќи-Гудман.

„Случајот на Васвија повторно е отварен. Решив повторно да го отворам нејзиниот случај, но не против сторителите, бидејќи постапката против (двајцата) е завршена со конечната пресуда“, изјави Хајдари во емисијата.

Таа објасни дека една од причините за повторното отворање на овој случај е тоа што за време на војната, српските сили го користеле силувањето како оружје.