Регион

Косово: Одбележана годишнина од убиствата на 106 цивили

Градоначалникот на Ораховац, Смајл Латифи, им оддава почит на убиените пред спомен-обележјето во Пусто Село. Фото: Смајл Латифи/Фејсбук

Функционери на Косово и жителите на Пусто Село, лоцирано во општина Ораховац, ја одбележаа  22-годишнината од масакрот извршен над 106 цивили, за време на војната во Косово во 1999 година.

„Овој масакр и многу други што овие денови ги одбележуваме ширум Косово, нè потсетуваат на цената што ја плативме за слободата на Косово, но, исто така, нè прави и порешителни, да не правиме никаков компромис кога станува збор за слободата, независноста и нашата држава“, рече, Глаук Коњуфца, оддавајќи почит на спомен-обележјето во Пусто Село.

„Српската држава, во овој масакр, не ги поштеди ниту децата. Тоа покажува колку беше монструозен Слободан Милошевиќ“, додаде тој.

Во попладневните часови, на 31 март 1999 година, српската војска, паравоените и полициските сили, го опколиле ова село во општина Ораховац, кое броело околу 100 куќи, и каде што населението двојно се зголемило неколку недели претходно, бидејќи голем број луѓе раселени од другите околни села, тука нашле засолниште.

По eдночасовно гранатирање на селото, српските сили, според преживеаните, ги собрале селаните во полето и ги одвоиле мажите од жените, а потоа започнале да пукаат.

„Тие ги одвојуваа луѓето во групи од по 30, во зависност од нивната возраст. Никој од првата група не преживеа. Вкупно имаше четири групи, јас бев во третата“, нагласи денеска, 77-годишниот Тахир Красниќи, кој го преживеа масакрот.

Почит на жртвите им оддаде и градоначалникот на Ораховац, Смаил Латифи.

„Локалните жители ги погребаа мртвите, но, после тоа, српските сили ги ексхумираа и запалија дел од нив, во обид да го сокријат злосторството“, рече Латифи.

„За жал, ова злосторство и натаму не е казнето“, додаде тој, повикувајќи го косовското судство да спроведе истрага за злосторствата.