Регион

Косово: По масакрот, обвинетиот српски борец „виден со мртви тела“

Марцел Лекај, Дие Морина, Приштина

Дарко Тасиќ (стои) пред Основниот суд во Призрен | Фото: БИРН

На судењето на поранешниот српски борец, Дарко Тасиќ, сведок изјави дека по масакрот во косовското село, Мала Круша, во 1999 година, го видел обвинетиот, како со камион превезува мртви тела.

Пред Општинскиот суд во Призрен, на судењето на поранешниот српски борец, Дарко Тасиќ, на рочиштето одржано во понеделникот, сведок изјави дека по масакрот во Мала Круша, во март 1999 година, го видел обвинетиот со неколку мртви тела.

„Го видов Дарко Тасиќ, заедно со неговиот татко, Среќко Тасиќ, и уште други двајца, на реката Дрим со камион, тие се обидуваа да влезат со него во реката … во камионот имаше мртви тела“, рече сведокот, Касум Хајдари.

Специјалното обвинителство на Косово, тврди дека Тасиќ, како резервист на југословенската полиција или на паравоените сили, по масакрот ги запалил мртвите тела и ги фрлиле во реката.

Тој е осомничен дека учествувал и во одземање на имот, грабежи и незаконско и намерно уништување на имот, кои дела ги извршил во соучесништво со други лица, чии идентитети не се познати.

Злосторствата, кои вклучуваат и палење на куќите во Мала Круша, биле извршени помеѓу 15 и 26 март 1999 година, соопшти обвинителството.

Освен Хајдари, сведочеше и сведокот, Бајрам Зулфиу, кој истакна дека во селото, на 26 март 1999 година, околу 20 лица, облечени во српските полициски униформи, ги одвоиле мажите од жените и децата.

„Тројца од нив беа маскирани, нас мажите не внесоа во една куќа, останавме во ходникот … бевме околу 109 мажи, вклучувајќи и едно 13-годишно момче и стари лица“, додаде Зулфиу.

Тој истакна дека тогаш дошло лице, чиј прекар бил Ѓоко, кое рекло: „Јас ќе го завршам ова за две минути“.

Тоа беше моментот, рече сведокот, кога сфативме дека ќе бидеме убиени.

„Потоа тоа лице, Ѓоко, почна да пука во наша насока, во ходникот, со митралез … Луѓето почнаа да паѓаат, едни врз други, додека другите вооружени лица проверуваа дали некој останал жив и го убиваа“, нагласи Зулфиу.

Објаснувајќи како го преживеал масакрот, тој посочил дека бил покриен со мртви тела и крв. Според него, имало 20 преживеани.

Судењето продолжува во вторник.