Регион

Хрватска поднесе обвинение против српски паравојник за мачење на затвореник

Ана Владисављевиќ, Загреб

Фармата Овчара во 1991 година беше место на масакр | Фото: Перун/Википедиа

Неименуван поранешен српски парамилитарец, е обвинет за злоупотреба и мачење на хрватски воен затвореник, во Вуковар, во ноември 1991 година.

Канцеларијата на државното обвинителство на Осиек, обвини 50-годишен српски државјанин, за воено злосторство извршено над хрватски воен затвореник.

Осомничениот, член на српската паравоена единица „Лева суподерица“, е осомничен дека во ноември 1991 година, со уште двајца други членови на истата единица, малтретирал и мачел, тогаш 21-годишен хрватски војник, припадник на првата гардиска бригада на хрватската војска.

Хрватското министерство за внатрешни работи, соопшти дека жртвата, од областа на Овчара, била донесена во индустрискиот магацин Велепромет, каде што по падот на Вуковар во рацете на српските сили, биле притворени хрватски цивили и припадници на хрватските вооружени сили.

Припадниците на паравоените сили, потоа го однеле хрватскиот воен затвореник, во куќа во Вуковар, каде што биле сместени некои припадници на српската паравоена единица.

По малтретирањето, го одвеле во логор во Србија, каде што бил затворен со други затвореници од областа на Вуковар. Во овој логор, тој останал се до размената на затвореници во 1992 година.

Обвинетиот не е уапсен, затоа што не е во Хрватска.

Вуковар, кон крајот на август 1991 година, се најде под опсада на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени единици.

Бранителите на Вуковар се предадоа на 18 ноември истата година, по што од Вуковар беше протерано несрпското население, додека голем број на воени затвореници и цивили беа депортирани во затвори и во логори во Србија, додека 260 лица беа убиени во близина на фармата Овчара и на други места.

Овчара стана најголемата масовна гробница во војната во Хрватска.

За време и по опсадата на Вуковар загинаа повеќе од 3.000 војници и цивили, од кои 86 беа деца.

По четири години поминати под контрола на бунтовничките хрватски Срби, Вуковар, со Ердутовиот мировен договор, во 1996 и 1997, беше мирно реинтегриран во Хрватска.

Во јануари оваа година, српскиот суд осуди осум поранешни припадници на територијалната одбрана на Вуковар, на 101 година затвор, за масакр на околу 200 лица во Овчара.