Регион

Косово: Подигнато обвинение против поранешниот министер, Иван Тодосијевиќ

Иван Тодосијевиќ. Фото: Министерство за локална самоуправа

Perparim Isufi | Приштина | БИРН

Специјалното обвинителство на Косово, соопшти дека поднело обвинение против поранешниот министер, Иван Тодосијевиќ, образложувајќи дека тој „намерно и јавно ширел омраза, несогласување и нетолеранција меѓу националните, расните и етничките групи што живеат во Косово“.

Обвинението доаѓа три месеци откако косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, го смени Тодосијевиќ, член на политичката партија Српска листа, која ја има поддршката од Белград, бидејќи тојизјави дека косовските Албанци ги измислиле злосторствата извршени за време на војната 1998-1999 година и оти тие всушност вршеле злосторства над Србите.

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, и токму овие албански терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија”, нагласил Теодосијевиќ.

Дел од оправдувањата за воздушните напади на НАТО против Југославија, кои започнаа во март 1999 година, беа и убиствата на 45 косовски Албанци, извршени од страна на српските безбедносни сили во селото Рачак, во јануари истата година.

Воената кампања на НАТО, која траеше 78 дена и чија цел беше да го натера Милошевиќ да ги повлече своите сили од Косово, во Србија е опишана како „агресија на НАТО”.

„Тие (косовските Албанци) вршеа злосторства и пред агресијата на НАТО, убиваа добри српски домаќини на нивното работно место. Тие го продолжија својот крвав пир и за време на агресијата, но и по неа, кога пристигна таканаречената мировна мисија во Косово и Метохија“, нагласи тогаш Теодосијевиќ.

Харадинај во тоа време истакна дека таквата реторика „нема оправдување” во време кога Косово ја одбележува 20-годишнината од масакрите што српските сили ги извршија низ целата земја.

Инаку,пред разрешувањето на Теодосијевиќ, Харадинај смени уште еден српски владин функционер.

Имено, заменичката на министерот за правда, Весна Микиќ, беше сменета поради нејзиниот коментар, објавен на Фејсбук, по повод 20-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија на 24 март, дека Алијансата извршила „геноцид”.