Регион

Албанка од Косово сведочеше за исчезнувањето на својата ќерка

Milica Stojanovic | Белград

Хајрије и Фатон Демаку, цивили од селото Захаќ во Косово, пред Вишиот суд во Белград денеска изјавија дека нивната ќерка, односно, сестра, Есма Демаку, ја одвеле двајца мажи, откако припадниците на српските сили ги присилиле да ги напуштат своите домови, за време на нападот на нивното село во мај 1999 година.

Хајрије Демаку раскажа дека на 14 мај 1999 година, српските сили во униформи, со маски на лицата, влегле во селото, ги истерале од куќите и ги принудиле да одат на српските гробишта.

Според обвинението, на гробиштата имало уште 200 луѓе од Захаќ, на кои борците им наредиле да им ги дадат парите, накитот и документите, а потоа да влезат во нивните возила или трактор и да возат кон Пеќ.

„Во (селото) Ќушка, ја киднапираа ќерка ми, ѝ рекоа да се симне од тракторот, мислев дека ќе ја прашаат нешто, но тие ја ставија во автомобил и заминаа. Што се случи со неа, не знам“, рече Хајрије Демаку.

Братор на Есма Демаку, Фатон, кој тогаш имал 11 години, изјави дека тракторот со кој се возеле, бил сопрен од автомобил марка „Голф“, од кој излегле двајца мажи. Едниот од нив ја викнал сестра му по име, а потоа ја однел.

„Тој ѝ рече на сестра ми да слезе (од тракторот), ја качи во автомобилот, а нам ни рече да одиме“, нагласи Фатон Демаку, кој не забележал дали човекот имал список на кој било името на неговата сестра или не.

Според обвинението, на 14 мај 1999 година српските сили влегле во Захаќ и соседните села Ќушка, Павлан и Љубениќ, при што биле убиени најмалку 118 Албанци.

На 12 поранешни припадници на 177 интервенциски вод на Војската на Југославија, им се суди за воени злосторства во овие села.

Во 2014 година, обвинетите беа првично прогласени за виновни и осудени на вкупно 106 години затвор. Сепак, во 2015 година, Апелацискиот суд ја поништи оваа пресуда и го врати случајот на повторно судење.

За злосторствата во четирите наведени косовски села, се зборува и во документарниот филм на БИРН „Неидентификувани“, во кој се откриваат размерите на злосторствата извршени во тие четири села во 1999 година, како и командната структура на инволвираните полициски и воени единици.