Регион

БиХ: Започна судење за злоставување на цивилни затвореници од српска националност

Судoот на БиХ. Фото: БИРН

Марија Таусан | Сараево

Пред Судот на Босна и Херцеговина започна судењето на Зијад Срабовиќ, Рефик Моранкиќ, Ахмет Бајриќ, Абид Арапчиќ, Сенаид Ќосиќ, Пашага Чајиќ, Самир Џамбиќ и Мирсад Жилиќ, кои обвинението ги товари за нечовечки третман, тортура и убиство на цивили притворени во Лукавац и Модрац, во периодот од јуни до октомври 1992 година.

Срабовиќ, како поранешен помошник командант за безбедност на територијалната одбрана (ТО) и Бајриќ, Чајиќ, Џамбиќ и Жилиќ, како воени полицајци, се обвинети за злосторства извршени во средношколскиот центар во Лукавац, каде што цивилите од српска националност биле тепани и мачени со електрична енергија, при што еден од затворениците подлегнал.

Обвинети се товарат и за злоставување на Азиз и Раденко Шахат, кои биле притворени во основното училиште во Лукавац, бидејќи имале радио станица и наводно соработувале со српската страна.

Во обвинението се наведува дека воените полицајци го тепале Азиз и го терале да трча гол по спортската сала, при што Срабовиќ му рекол: „Подобро ти е да признаеш, не можам да ги смирам. Ќе те убијат“.

Срабовиќ е обвинет дека вршел и не ги спречил нечовечкиот третман, тортура, убиства и незаконско притворање на цивилите.

Моранкиќ е обвинет како член на штабот на ТО Лукавац, командант на воената единица наречена „Фикина единици“ и на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) Модрац, но и како командант на затворот во објектот „Кланица“ во Модрац.

Според обвинението, тој формирал единица во затворот, ги наредил незаконските притворања на цивилите, вршел, овозможил и не ги спречил мачењето, убиствата и нехуманиот третман.

За злосторствата во „Кланица“, обвинети се Моранкиќ и членовите на неговата единица, Ахмет Бајриќ, Абид Арапчиќ и Сенаид Ќосиќ. Како што се наведува, во овој објект српските затвореници биле тепани, сексуално злоупотребувани и бесени со врзани раце на метална кука за добиток.

Во обвинението стои дека жена од „Фикината единица“ влегувала и ги газела затворениците со штикли, им гаснела цигари по телото и ги сечела со нож.

На Арапчиќ на товар му се става дека тепал затвореник, кој им подлегнал на повредите.

Обвинителката, Елдина Биук, истакна дека Лукавац е мало место и оти сите ги познавале обвинетите.

Таа додаде дека Моранкиќ носел конвои со храна и оружје, оти имал голема авторитет и можел да формира своја единица и затвор.

Адвокатот на Моранкиќ, Сенад Дуповац, нагласи оти ќе повика сведоци кои ќе ги оспорат тврдењата во обвинението, особено оние што се однесуваат на овластувањата на обвинетиот.

Обвинетиот Бајриќ рече дека прочитаните наводи во обвинението му изгледаат како „вселенски роман“.

Тој нагласи дека ќе покаже оти него „го нема во многу работи“.

Сослушувањето на првите сведоци е закажано за 2 јули.