Регион

Косово: Притвор за Србин осомничен за воени злосторства

Канцеларијата на Специјалното обвинителство во Приштина. Фото: БИРН

Основниот суд во Приштина, на Горан Станишиќ, кој беше уапсен во саботата на граничниот премин Јариње, меѓу Србија и Косово, му одреди едномесечен притвор.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека Станишиќ е осомничен за принудно раселување, за грабежи, заплашување и за вмешаност во убиство на „десетици лица“ во селото Словиње, во регионот на Липљан, централно Косово, за време на офанзивата на српските сили на 15 и 16 април 1999 година.

Српските власти го осудија апсењето.

Канцеларијата за Косово и Метохија на Влада на Србија, во неделата соопшти дека Станишиќ бил раселен од Косово во 1999 година, но дека редовно патувал таму и оти до овој викенд, кога е приведен, не се соочувал со проблеми.

Марко Ѓуриќ, директор на Канцеларијата за КиМ, изјави дека ова е уште еден обид на приштинските власти „да создадат лажна слика за Србите како злосторници“, пишува весникот „Данас“.

Ѓуриќ додаде оти апсењето е „уште еден во низата примери на заплашување на Србите, со цел да се заврши етничкото чистење во јужната српска покраина“.

Србија одбива да го признае Косово како независна држава и понатаму го смета за своја покраина.