Регион

Република Српска со Србија ги услогласува учебниците по историја

Фото: Пиксабеј

Република Српска (РС) е подготвена да воведе нови учебници по историја за средношколците, кои ќе вклучат лекции за војната во БиХ (1992-1995), како дел од тековниот проект за усогласување на училишниот наставен план со Србија, велат за БИРН од Министерството за образование и култура на РС.

„Во основните училишта во Република Српска од септември 2018 година се воведе нов учебник за деветто одделение, а од следната учебна година 2019-2020 ќе се користи нов учебник за трета и четврта година гимназија, во кој граѓанската војна во БиХ ќе биде една од темите“, се вели во писмената изјава на Министерството за образование на РС, за БИРН.

Во претходните учебници по историја во РС, беа опфатени само неколку општи факти за војната.

Министерството, исто така, наведува дека педагошките институти на Србија и на РС работат на усогласување на содржината за таканаречената „национална” група на предмети – мајчин јазик, историја, географија и природа и општество.

„Националната” група на предмети во училиштата во БиХ се изучува во зависност од националноста на учениците, односно во зависност од тоа дали се Бошњаци, Хрвати или Срби.

Загриженост дека потегот на РС за усогласување на наставната програма со Србија е всушност националистички потег насочен кон создавање хомоген српски идентитет,беше изразена уште минатата година кога проектот беше покренат.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ соопшти дека ја поздравува регионалната соработка како начин за промовирање на помирувањето и меѓусебното разбирање, но предупреди дека реформата на наставата по историја е долготраен, чувствителен и комплициран процес во постконфликтните општества.

„Вклучувањето на содржини поврзани со настаните во периодот помеѓу 1992 и 1995 година е важно прашање за одговорните образовни власти и тоа мора да се направи на инклузивен и непристрасен начин”, се вели во писмениот одговор до БИРН на Брус Бертон, шеф на Мисијата на ОБСЕ во БиХ.

Бертон забележува дека насоките за пишување и оценување на учебниците по историја за основните и средните училишта во БиХ, усвоени од страна на сите министерства за образование во земјата, велат дека авторите на учебниците треба да ја намалат количината на информации поврзани со политичката историја, и дека учебниците треба да бидат објективни, научно базирани и фокусирани на градење на меѓусебно разбирање, помирување и мир во земјата.

„Ова, исто така, значи дека учебниците треба да вклучуваат различни историски извори за одредени настани, со цел да се поттикне дијалогот и да се изгради толеранција”, додаде Бертон.

Политичкиот аналитичар од Сараево, Златиборка Попов- Момчиновиќ, за БИРН изјави дека од клучно значење е сите лекции, како и учебници, да бидат добро избалансирани и базирани на факти.

„Нам, како постконфликтно општество, ни требаат наставници кои нема да интерпретираат никакви факти во одредена политичка рамка, така што тие (наставниците) мора да бидат целосно свесни за тоа во текот на образовниот процес”, истакнува Попов-Момчиновиќ.

„Образовниот систем, особено во БиХ и во соседна Србија или Хрватска, мора да биде ослободен од идеологии, и ова е она што во овој случај најмногу загрижува”, додаде таа.

Педагошкиот институт на РС тврди дека учебниците во Србија и во Република Српска веќе се слични и дека само дел од нивната содржина треба да се менува.

„Ние немаме намера да повредиме никого, бидејќи водиме сметка за заштитата на идентитетот на српскиот народ, не забранувајќи им на другите да го направат истото тоа. Од 2002 година, учениците од бошњачка нацоиналност во РС имаат национална група предмети, а исто и учениците од хрватска националност“, изјави Предраг Дамјановиќ, директор на Педагошкиот институт на РС во 2018, кога проектот започна.