Регион

Косово:Разрешување заради коментар за НАТО

Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај (фото: EПA/Oливер Хослет) и сменетата заменичка на министерот за правда, Весна Микиќ (фотографија на Весна Микиќ)

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, ја смени денеска заменичката на министерот за правда, Весна Микиќ, поради нејзиниот коментар, објавен на Фејсбук, по повод 20-годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО на Југославија, дека НАТО извршил „геноцид”.

„На овој ден, пред точно 20 години, над една суверена држава, која со децении се бореше против албанскиот тероризам во рамките на нејзините граници, е извршен намерно планиран геноцид, од страна на НАТО алијансата”, напиша Микиќ во неделата.

Харадинај изјави дека нејзиниот коментар е спротивен на основните вредности на Косово.

„Во Владата и во институциите на Република Косово, нема место за поединци, без оглед на нивната етничка припадност, кои ги навредуваат заедничките евроатлантски вредности”, напиша Харадинај на Фејсбук, најавувајќи го разрешувањето на Весна Микиќ.

За неа, пак, смената е недемократски чин.

„Овој потег на Владата, го покажува нивото на демократија во Косово, и колку се пожелни Србите кои мислат со своја глава и ја зборуваат вистината во институциите на високо ниво”, изјави Микиќ за БИРН.

НАТО ја започна својата 78-дневна воздушна кампања против Југославија,  во 1999 година, во обид да го принуди тогашниот претседател, Слободан Милошевиќ, да ги прифати условите на договорот за ставање крај на неговата воена кампања против Ослободителната војска на Косово (ОВК), која вклучуваше етничко чистење и убивање на цивили, Албанци, ширум земјата.

Бомбардирањето, кое резултира, според Хјуман рајтс воч, со околу 500 мртви, во Србија често се нарекува „НАТО агресија”.

Инаку, разрешување на Весна Микиќ, побара пратеничката на Демократската партија на Косово, Ганимете Муслиу, која истакна дека „заменичката на министерот не треба да се плаќа, со данокот од граѓаните”.

„Доста веќе толериравме”, истакна Муслиу.