Истражувањa

Косовo: Што се случува со повратниците од Исламската држава?

Затворски казни, но и делумна реинтеграција

Деновиве, Нуредин Сулејмани го отфрла тероризмот и прифаќа дека морало да оди в затвор. Признава дека порано се дружел со „погрешни луѓе, на погрешно место и во погрешно време.“

Сепак, тој посакува правосудниот систем да бил поправеден кон него.

Имал 27 години во 2013 година, кога полицијата го привела. Го сретнавме во затворот во Дубрава, десет години подоцна,  непосредно пред да биде ослободен.

Сулејмани беше еден од последните затвореници што сè уште отслужуваат затворска казна во Косово за тероризам поради учеството во конфликтите во Сирија и во Ирак.

Косово, со население од помалку од два милиони, стана најголемиот „извозник“ на џихадисти во Европа по жител. Босна е далеку зад него на листата, со 85 џихадисти на милион жители

Околу 300 негови сограѓани се приклучија на егзодусот на исламски екстремисти во тие конфликти пред една деценија, со што Косово, со население од помалку од два милиони, стана најголемиот „извозник“ на џихадисти во Европа по жител. Босна е далеку зад него на листата, со 85 џихадисти на милион жители, а потоа следат Белгија и Албанија.

Тоа што Косово било плодна почва за регрутирање екстремисти е во силен контраст со репутацијата на земјата како мошне проамериканска држава, во однос на други исламски општества.

Повеќето Косовци постари од 30 години ја помнат војната за национално ослободување против она што остана од Југославија, држава во која доминираа Србите. Тогаш, американските војници беа дочекани како ослободители, а оттогаш главниот град Приштина има статуа на Бил Клинтон и улица именувана по неговата државна секретарка Медлин Олбрајт.

Во градските барови и кафулиња, луѓето со презир ги примаа вестите за домашни џихадисти што беснеат во Сирија и во Ирак. Многу од тие млади мажи биле деца за време на војната и постоеше сентимент дека својата слобода ѝ ја должат на воената интервенција на западните војски. А, сега, ете, биле подготвени да загинат борејќи се токму против тие исти армии во далечни земји.

Коментарите одеа дотаму што ако барале конфликт, немало потреба да одат толку далеку

„Не мораа да одат во Сирија“, беше честа реакција во тоа време. „Можеа само да тргнат по патот нагоре.“

Повратникот од џихадискиот поход, Сулејмани во косовскиот затвор Дубрава | Фото: БИРН

Беа потребни три месеци за да се организира получасовното интервју со Сулејмани. Нè одведоа во соба за состаноци, во затворот Дубрава и нè оставија сами со затвореникот. Собата имаше клима-уред, прозорци со решетки и метални маси прицврстени за подот.

Затворот, додека траат посетите, понекогаш звучи како детска градинка. Низ ѕидовите ги слушавме радосните извици на децата со своите татковци, испрекинати од удирањето на тешките врати.

Сулејмани е висок и крупен човек со проретчена косата. Заоблените веѓи му даваат замислен изглед. Носеше затворски елек и огорчено се жалеше на третманот од судиите.

Кога бил млад, тој западнал во друштво на тврдокорни исламисти во Приштина. Безбедносните служби се инфилтрирале во групата и полицијата го уапсила Сулејмани кога се обидел да купи оружје. Но, во друго, одвоено судење се појавиле докази што укажале дека Сулејмани, исто така, патувал преку Турција за да биде со џихадисти во Сирија и во Ирак од регионов, кои зборуваат албански. Поради тоа, казната му била продолжена.

Режимот на Асад падна минатата година, а командантот на бунтовничката група Џабхат ал Нусра де факто стана шеф на сириската држава, ја замени камуфлажната униформа со цивилна облека и сега се сретнува со западните делегации.

Освен за трговија со оружје, тој подоцна бил осуден и зашто учествувал во две екстремистички групи, кои се бореле против сирискиот диктатор Башар ал Асад: Исламска држава и Џабхат ал Нусра, испостава на Ал каеда во Ирак.

Сулејмани има три деца. Дозволено му било да го посетува семејството 14 дена во годината (кои не може да ги користи последователно), како награда за добро однесување во затворот. Вели дека по пет години во затворот бил заслепен од брзото темпо на живот надвор од затворските ѕидови.

„Се чини дека сè стана многу бурно, сите брзаат за да стигнат на своите работни места“, рече тој. „Подобро е вака, бидејќи немаат време за други работи. Сѐ се смени.“

Откако зборувавме, режимот на Асад падна минатата година, а командантот на бунтовничката група Џабхат ал Нусра де факто стана шеф на сириската држава, ја замени камуфлажната униформа со цивилна облека и сега се сретнува со западните делегации.  Визијата за калифат, држава во која исламската религија доминира и во општественото уредување, беше поразена на бојното поле, но групата сè уште претставува закана во источна Сирија, нивното поранешно упориште.

Хуманитарните работници од тој регион предупредија дека постои можност да оживеат џихадистите додека огромните затворски кампови, во кои се сместени десетици илјади луѓе што живееле под калифатот, може да останат без хуманитарна помош. Новата администрација на Доналд Трамп, пак, годинава ненадејно ја прекина помошта што ја обезбедуваа САД.

Косовците беа непропорционално многу застапени во редовите на странските борци во Сирија и во Ирак, но во глобала тие, сепак, беа мала група. Од европските земји, Франција, всушност, „придонесе“ најмногу, при што се проценува дека околу 2.000 нејзини граѓани се пријавиле да војуваат во името на исламската држава. По Франција, следеа Германија и Велика Британија – земји со население најмалку 35 пати поголемо од косовското.

Косово ги прифати назад своите граѓани, борци од сиријските фронтови  | Архивско фото: Pexels / Ivan Hassib

Кога падна калифатот, владите на овие земји се соочија со дилема. Што да се прави со стотиците нивни граѓани што ги преживеаја борбите и беа заробени, често заедно со своите деца? Според меѓународното хуманитарно право, враќањето на овие луѓе дома е обврска на државите. Всушност, повеќето од заробениците не беа борци, туку жени и деца заглавени во нехигиенски кампови.

Меѓутоа, во европските престолнини, репатријацијата се сметаше за политички ризична, изложувајќи ги владите на напади од десницата. Многу држави се „влечкаа“ или се обидоа да ги игнорираат законските обврски. Земјите како Велика Британија, Данска и Холандија, во некои случаи се обидоа дури да им го одземат државјанството на овие луѓе.

Во Велика Британија, случајот со Шамима Бегум ги разгоре дебатите за расизмот и имиграциската политика. Таа е родена и израсната во источен Лондон. Таа станува цел на британските таблоиди откако престојувала во калифатот како тинејџерка.  Додека Бегум била заробена за време на борби, Британија ѝ го одзема државјанството. Овој потег, всушност, ја остава без никакво државјанство и во легално лимбо, бидејќи Британија, исто така, не успеа да го натера Бангладеш да ја прифати поранешната британска државјанка врз основа на нејзиното потекло.

Косово на поинаков начин се справи со ваквите случаи. Во 2019 година, косовските власти ги вратија своите граѓани (и деца ) од пустинските кампови во источна Сирија.

За разлика од официјална Приштина во многу европските престолнини, репатријацијата се сметаше за политички ризична, изложувајќи ги владите на напади од десницата

Операцијата беше помогната и јавно поддржана од најмоќниот сојузник на Косово: американската амбасада во Приштина, која, всушност, ја пофали оваа балканска држава дека им дава пример на другите земји. Одреден број борци за калифатот имаше и од Албанија и од Северна Македонија, држави кои, исто така, подоцна тивко ги вратија преживеаните жени и деца. Но, во Босна овој процес одеше побавно, оставајќи голем број граѓани заглавени во камповите.

Огромното мнозинство од повратниците на Косово се деца. Тие се придружувани од своите мајки, татковците обично се мртви, затворени или исчезнати. Отсуството на машки родител во семејствата стана проблем при школувањето на овие деца.

Во едно училиште во Приштина, кое прими деца вратени од Сирија и од Ирак, школскиот директор ни кажа дека мајките првично не сакале да присуствуваат на родителски состаноци: нивната строга религија забранувала такви интеракции. Па, затоа училиштето морало да ги убеди дека нивното присуство на состаноците е во најдобар интерес за децата.

„На крај, тие сфатија дека намерите ни се искрени“, изјави Висар Османи, директорот на училиштето „Емин Дураку“.

Мајките, исто така, поставија одредени барања до училиштето: на пример, тие побараа да им се дозволи на нивните тинејџерки да носат шамија. Секуларизмот е втемелен во Уставот на Косово и верските симболи се генерално забранети во државните училишта. А во вестите периодично се објавуваат стории за студенти што биле избркани затоа што инсистирале да носат шамија.

Сепак, на училишните администратори им е дозволена одредена флексибилност и може да изберат да не ја спроведуваат забраната за шамии. Османи направил исклучок за новите ученици, но го одбил барањето да им биде дозволено да се молат во текот на училишниот ден.

„Следниот чекор е нивната социјализација“, изјави тој.

Откако ги сместило новодојденците, училиштето морало да се справи и со реакцијата на секуларните родители, кои биле шокирани кога чуле за девојчиња што носат исламска облека на училиште.

„Моравме да ги потсетиме дека и овие деца, кои дојдоа од Сирија, се наши сограѓани и дека имаме должност кон нив“, рече Османи.

Во Дубрава се сместени околу 2.000 мажи осудени за убиства, сексуални напади, трговија со дрога и тероризам. Овој комплекс од згради со црвени тули сместени во подножјето на планината Мокра Гора е еден од најголемите косовски затвори. Пред четврт век, во деновите на распаѓањето на Југославија, таму се случи масакр. Тогаш, диктаторот Слободан Милошевиќ почна акција против етничкото албанско население на Косово, кое агитираше за независност.

Меѓу затворениците во тоа време имало и членови на УЧК, герилци од етничките Албанци, кои воделе национално-ослободителна војна против Белград. Во 1999 година, затворскиот комплекс беше бомбардиран во воздушен напад на НАТО, чија цел беше војската на Милошевиќ. Кога затворските чувари ја вратија контролата врз објектот, тие убија речиси 100 затвореници во дворот, користејќи куршуми, ракети и гранати.

Аделина имала 10 години во 1999 година, кога авионите на НАТО помогнаа да се ослободи Косово од власта во Белград. Сега, на средина од четвртата деценија, таа живее во Приштина со своите пет деца, родени од два брака со мажи од Косово, кои се бореле за исламската држава.

Таа зборуваше под услов да не биде објавено нејзиното вистинско име. Рече дека првично се противела да замине во Сирија, но нејзиниот сопруг бил решен да оди и таа не сакала да го растури семејството.

Брачната двојка и нивните четири деца заминале со комерцијален лет во Турција и тајно преминале во калифатот. На почетокот, животот им бил добар. Им биле задоволени сите основни потреби – имале храна, домување и облека. Децата оделе на училиште, каде што го учеле исклучиво Куранот на арапски јазик. Но, во ноември 2014 година, сопругот на Аделина бил убиен во борба и таа останал вдовица.

Косово репатрирало повеќе од 120 лица од 2019 година. Според податоците обезбедени од Министерството за внатрешни работи, околу две третини од нив се деца

„Таму мораше да имам сопруг“, ни раскажа таа.

Повторно се омажила за друг Косовец, кој бил дел од странските борци и кој подоцна станал татко на нејзиното петто дете.

„Морав да се прилагодам, животот мораше да продолжи“, рече таа.

Територијата заземена од Исламската држава, опфаќајќи големи делови од Сирија и Ирак, постепено беше повторно заземена од локалните фракции и од регионалните сили, во кои учествуваа и курдските милитанти поддржани од САД, ирачката војска, која се бореше заедно со шиитските милитанти поддржани од Иран, како и трупите на сирискиот режим поддржани од Русите.

Аделина и нејзиното семејство, на крајот се предале на курдските сили од Сирија.

„Сонував моите деца да можат да спијат без страв“, рече таа. „Им влевав надеж, раскажувајќи им за животот во Косово.“

Во април 2019 година, по година и половина во заробеништво, сонот на Аделина ненадејно се оствари. Ѝ кажале дека Косово е подготвено да ја прими назад. Следниот ден, Аделина и децата се качиле на лет за Приштина.

Косово репатрирало повеќе од 120 лица од 2019 година. Според податоците обезбедени од Министерството за внатрешни работи, околу две третини од нив се деца. Многумина од нив ги родиле жени од Косово додека биле дел од Исламската држава.

Министерството соопшти дека децата автоматски се сметаат за косовски државјани во случаи кога нивните татковци биле мртви или исчезнати. Едвај десетина од 120-те вратени се мажи. Повеќето од околу 300-те косовски мажи што патуваа во Сирија и во Ирак се исчезнати и се претпоставува дека се мртви.

Министерството за внатрешни работи ги следи возрасните повратници и ги надгледува програмите за стручна обука, кои треба да ја олеснат нивната реинтеграција во општеството. Контактиравме семејства на некои од тие жени да видиме дали би се согласиле на интервју.

Многу жени немале избор кога тргнале со сопрузите за Сирија | Колаж: БИРН, Фото: Pexels / Hars Seno

Одговорот од роднина, кој претпочиташе да остане анонимен, беше дека жените не можеле да зборуваат. Се плашеле од правни и од финансиски проблеми доколку имале некаква неовластена комуникација со медиумите. Тие зависат од државата за исплатите на социјалната помош.

Интервјуто со Аделина го договори Министерството за внатрешни работи и се одржа во нивните канцеларии во центарот на Приштина, беше присутен и претставник на Министерството. Бидејќи Аделина инсистираше да разговара исклучиво со новинарка, како што ѝ налага верата, интервјуто го водеше нашата колешка Едона Муса.

Околу 95 отсто од Косовците, на пописот се декларираат како муслимани. Најзастапената верзија на верата во земјата е обликувана од релативната толеранција наследена од времето на отоманската ера и ослабена од децениите на југословенскиот социјализам. Како општ маркер на идентитетот, религијата е помалку важна за повеќето Косовци отколку албанската етничка припадност и јазик.

Вооружената борба е важен елемент на тој идентитет, славена пред сѐ од поранешните УЧК герилци, кои по независноста станаа политички естаблишмент. Борбата на Косово за национално ослободување е далеку од џихадистичката визија за цивилизациски конфликт – и не само затоа што Косовците, за разлика од исламските радикалисти, Западот го сметаат за сојузник.

Сепак, помал дел од косовското општество се свртува кон строгите верзии на исламот, промовирани од верски лица и од добротворни организации поврзани со автократиите на Блискиот Исток. На улиците на Косово, иако салафистите и вахабиите се малцинство, тие се прилично видливи. Мажите вообичаено носат бради, а жените се покриени. Во нивниот говор користат арапски зборови.

Тие се дел од изолирана заедница, која е многу претпазлива со новинари. Кога домашните џихадисти почнаа да умираат во Сирија и во Ирак, неуспешно се обидовме да разговараме со нивните семејства, патувајќи низ Косово. Кога работевме на оваа приказна се обидовме да се вратиме кај нив, но семејствата беа дури понепристапни од порано.

Помал дел од косовското општество се свртува кон строгите верзии на исламот, промовирани од верски лица и од добротворни организации поврзани со автократиите на Блискиот Исток

„Тоа беше многу одамна“, ни велеа, затворајќи ни ја вратата.

Во Скендерај, куќата на едно вакво семејство беше во стандардно маало за луѓе од средна класа, не беше ни богато, ниту сиромашно. А во Вуштри, семејството беше очигледно добро ситуирано: имаа прекрасна куќа со градина и гаража. Во Каменица, пак, куќата на едно од овие семејства изгледаше мрачно и сиромашно. Во една куќа во Феризај, град јужно од Приштина, таткото нè одврати. Избричен, во гардероба, која некој би ја нарекол „западна“, не изгледаше ни малку побожен.

Иако косовските радикални исламисти се држат подалеку во јавноста, тие се познати по тоа што искажуваат „жестоки“ ставови на интернет и повремено напаѓаат свештеници со кои не се согласуваат. Во 2009 година, свештеник од градот Дренас, западно од Приштина, беше жестоко претепан од група тврдокорни исламисти, откако ги критикуваше во една од неговите проповеди.

„Тоа не беше личен напад“, рече имамот Осман Муслиу, кој беше нападнат. (Тој не е во роднинска врска со новинарот, автор на оваа сторија).

„Бев мета поради мојата борба против радикализацијата“.

Денес, тој ја повикува државата да преземе похолистички пристап во борбата против верскиот екстремизам, вклучувајќи ги училиштата, граѓанските организации и медиумите. Властите треба да ги насочат своите напори, не само кон осудените терористи, смета тој, туку и кон сите Косовци што ја делат ваквата „страшна идеологија“.

Исто така, безбедносните и правните експерти предупредуваат на ризикот од тоа државата да не го сфати доволно сериозно проблемот со религиозните радикали.

„Косово заслужува признание што ги врати своите граѓани и што ги исполни своите меѓународни обврски потемелно од државите со далеку поголеми ресурси“, рече Адријан Штуни, аналитичар за безбедност, кој живее во САД и нашироко пишуваше за радикализацијата и репатријацијата на џихадистите на Западен Балкан.

Но, тој напомена дека, „би било грешка да се мисли дека сите оние што се репатрирани се каат и бараат реинтеграција“.

Нехуманите услови во сиријските кампови | Фото: Pexels / Ahmed Akacha

Фатмир Чолакај, професор по право на колеџот ААБ во Приштина, кој обучувал косовски судии и обвинители, смета дека Косово можеби жали што не го следеше примерот на земји како Велика Британија, кои одбија да ги вратат своите радикализирани граѓани.

„Бевме малку паметни, малку наивни, малку хуманитарни“, вели тој. „Понекогаш, не е толку лошо да се однесуваш како оние постари, одамна воспоставени држави. Идеолошката индоктринација не се менува лесно“.

На излегување од затворот Дубрава, го прашав еден од чуварите за однесувањето на исламистичките осуденици.

„Слушајќи ги како зборуваат, ќе помислите дека се ангели“, коментираше тој. „Но, погледнете ги нивните досиеја и ќе видите колку навистина се невини“.

Сулејмани беше ослободен во февруари 2024 година. Додека беше во Дубрава беше уверен дека непречено ќе се интегрира во косовското општество. Во затворот, вели, бил на црна листа, сите го нарекувале терорист. Надвор сè уште имал роднини и пријатели, кои можат да му помогнат.

„Ќе работам напорно кога ќе излезам“, рече тој.

Аделина, пак, ја прашавме дали би сакала да види построг облик на ислам во Косово. Нејзиниот одговор беше внимателен.

„Кога гледате некои работи, посакувате да се поинакви“, рече таа, нагласувајќи дека жали што отпатувала во Сирија. „Да го знаев тогаш тоа што го знам денес, никогаш немаше да одам“.

Ја преплавија емоциите додека се присетуваше на враќањето дома.

„Слушнав како се зборува албански на аеродромот во Приштина“, рече таа. „Немаше поголема среќа од тоа“.

Вториот сопруг на Аделина, исто така, се врати во Косово. Тој одлежа две и пол години затвор во Косово, а сега работи во градежништвото. Но, тој и Аделина на крај се развеле.

Најголемиот дел од повратничките во Косово избегнаа долги периоди во притвор. Малку од нив биле осудени за кривични дела, а и тие на крај беа ослободени по изрекувањето на казната врз основа на веќе отслуженото време во притвор.

Со оглед на тоа што жените избегнаа затворски казни тие можеа да продолжат да се грижат за своите деца, поштедувајќи ја државата од одговорноста да им назначи нови старатели

Фехмије Гаши-Битиќи, адвокатка од Приштина, која застапуваше некои од жените, смета дека судскиот систем бргу ги решил случаите на нејзините клиентки.

„Колку што знам, тие сега се грижат за своите деца“, рече таа.

Според Адријан Штуни, безбедносен аналитичар, постапувањето со жените повратнички ги одразува културните ставови во Косово. Се претпоставува дека жените биле изманипулирани или принудени да заминат во калифатот.

„Постои проблематично клише дека сите жени се жртви или биле измамени од нивните сопрузи“, рече тој.

„За секој случај треба да се решава врз основа на докази, а не врз основа на предрасуди или родова пристрасност“.

Третманот на судовите кон жените веројатно имал и практичен аспект, смета службеник, кој работел со повратниците и кој сакаше да остане анонимен. Со оглед на тоа што жените избегнаа затворски казни, вели официјалниот претставник, тие можеа да продолжат да се грижат за своите деца, поштедувајќи ја државата од одговорноста да им назначи нови старатели.

Дали косовските судови им дозволија на жените повратнички да се извлечат поради предрасуди или прагматизам? Се обративме за коментар до судскиот надзорен орган. Оттаму преку имејл, одговорија велејќи дека „не се мешаат во независноста на судиите, ниту во одлучувањето на судовите“.

Децата на Аделина се запишани во локалното училиште. Тие мораа да посетуваат дополнителна настава по часовите за да можат да го надоместат учењето на албанскиот јазик.

Таа е особено горда на своите тинејџерки, кои стануваат одлични ученички.

„ Алах да ми даде да доживеам да ги видам да станат лекарки“, рече таа.

Јетон Муслиу е новинар од Приштина, известува за корупција и општествени прашања. Оваа приказна е создадена како дел од Програмата за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.

Текстот го уредувал: Нил Арун.