Регион

Косово: Уапсен Ремзи Шала

Ремзи Шала, пред судот во Призрен. Фото: БИРН

Поранешниот командант на ОВК, Ремзи Шала, кој за време на војната бил познат по прекарот, Црвено јаболко, се појави денеска пред судот во Призрен, откако претходно беше уапсен, но негираше дека се обидел да ја избегне правдата.

Шала, кој првично требаше да се појави пред судот во Призрен на 9-ти јануари, е осомничен дека во 1998 година киднапирал Албанец, кој подоцна бил убиен.

Тој, исто така, на 17-ти јануари требаше да се појави на разговор во Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг, кое води истрага за наводните воени и повоени злосторства на поранешните припадници на ОВК.

Но, Шала не се појави ниту во Призрен, ниту во Хаг, туку избега во Албанија.

Судот во Призрен издаде налог за негово апсење.

Сепак, Шала изјави оти немал намера да ја избегне правдата.

„Знаете дека никогаш не би му избегал на нашиот судски систем. Знаев за сослушувањето на 9-ти јануари, но во меѓувреме нешто се случи. Имено, од ЕУЛЕКС дојдоа во мојата куќа, пред главната врата, без униформа, и тие се однесуваа многу лошо со мене“, изјави тој пред судот.

Додаде дека официјалните претставници на ЕУЛЕКС „го ставиле во автомобил и го принудиле да земе некакви документи за специјалниот суд (во Хаг), да ги потпише и да оди таму на 17 јануари во 9 часот наутро“.

Овие негови тврдења, не можат да се потврдат независно.

Косовските власти го обвинија Шала дека го киднапирал лицето Хаџи Петреши од селото Дуље, во регионот на Сува Река, кој бил пронајден мртов неколку дена подоцна.

Тој негираше дека го сторил ова дело.

Шала за БИРН во јануари изјави дека нема да замине на разговор во Хаг, бидејќи, како што нагласи, не им верува на Специјализираните совети на Косово, пред кои, како што се очекува, ќе им се суди на високи членови на ОВК, кои претходно ќе бидат обвинети од страна на Специјализираното обвинителство.