Регион

Брамерц: Балканските држави назадуваат во гонењето на воените злосторства

Серж Брамерц. Фото:http://www.irmct.org

Потребно е поголема политичка волја и соработката помеѓу поранешните југословенски држави, за да може преостанатите осомничени лица за воени злосторства, извршени во војните во 1990-тите, да се најдат пред лицето на правдата, изјави главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц.

„Очигледно е дека постојат политички препреки, како и недостиг на политичка поддршка и посветеност, кои се неопходни за успехот на обвинителите за воени злосторства”, рече Брамерц, во интервјуто емитувано на телевизија Н1.

Брамерц истакна дека регионалната соработка во случаите на трговија со луѓе, организиран криминал и тероризам, меѓу земјите од поранешна Југославија, се одвива добро, но дека соработката во врска со воените злосторства не е толку добра.

Тој додаде дека неговиот извештај за нивото на соработка помеѓу земјите од регионот и ММКТ, кој тој треба да му го поднесе на Советот за безбедност на ООН во средината на јули, е претежно негативен.

„Реалност е дека за многу злосторства извршени во Босна и Херцеговина, наводно, се виновни поединци, кои мирно живеат во Србија и во Хрватска, наместо да се под истрага и да се гонат”, рече Брамерц.

Тој посочи дека во БиХ не се завршени неколку илјади предмети за воени злосторства, како и уште стотици други поврзани со Србија и со Хрватска.

Брамерц, со кого интервјуто беше направено за време на неговата посета на Србија, предупреди дека во некои земји, воените злосторници се сметаат за херои и се величат од политичарите, како и дека воените злосторства сѐ уште се негираат, што им испраќа негативен сигнал на потенцијалните сведоци.

„Ние не можеме да ја промениме политичката реалност, не можеме да го промениме фактот дека во оваа земја, како и во другите, постојат политичари кои ги слават воени злосторници, што е навреда за жртвите на тие злосторства, но се надеваме дека има доволно политичари кои се на функција и кои ќе го поддржат овој процес“, рече тој.

Запрашан во врска со случајот на двајцата политичари на Српската радикална партија, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, кои MMKТ ги бара за наводно непочитување на судот, во врска со судењето на нивниот водач, Воислав Шешељ, Брамерц ја повика Србија да ги исполни барањата за нивна екстрадиција.

„Ние сметаме дека постои обврска за соработка со MMKТ, кој е формиран од  Советот за безбедност на ООН, што значи дека сите земји членки на ООН мора да соработуваат со него”, нагласи тој.

„Веруваме дека постои правна основа, Радета и Јојиќ, да му бидат предадени на Хаг. Дури и ако не постои таква основа, Владата има обврска да ја создаде“, додаде тој.

Брамерц учествуваше на регионалната конференција на обвинителите за воени злосторства, што се одржа вчера во Белград.

Главна тема на дискусија на конференцијата, на која присуствуваа обвинители од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и од Србија, беше регионалната соработка во случаите на воени злосторства.

MМКТ соопшти дека учесниците се сложиле дека е потребно кривично да се гонат сите сторители на воените злосторства, извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија, и оти меѓусебната соработка помеѓу нивните канцеларии, е од суштинско значење за тоа да се постигне.