Регион

Косово: Учебниците ја продлабочуваат поделбата

Во Косово, учениците од албанска и од српска националност, се образуваат според различни образовни системи

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

И покрај поврзаноста на историјата со политиката, новите учебници ставаат акцент и на општественото и културното влијание на историските настани. Но, истакнува Ибрахими, националистичката реторика сè уште се користи во учебниците.

„Сè уште постои тенденција, иако не толку присутна, кон едностран пристап на национална основа. Има многу примери на селективни извори или историски процеси, како и несоодветна употреба на терминологијата“, додава тој.

Образовниот систем одигра важна улога во предвоената политичка историја на Косово, кое беше поделено на национална основа, паралелно со порастот на тензиите во тогашната југословенска покраина. И Албанците и Србите во Косово ги изоставуваат јазикот и историјата на другата заедница, од наставната програма.

Србија сè уште има контрола врз образовниот систем во областите со мнозинско српско население, каде училиштата работат според наставниот план и програма на Србија, и каде историјата, особено неодамнешната, се изучува поинаку.

Во основното училиште „Крал Милутин“ во Грачаница, во новата учебна година, од Србија пристигнаа бесплатни учебници, во кои Косово е опишано како дел од Србија, а не како независна држава.

Еден од наставниците во ова основно училиште, кој сакаше да остане анонимен, за БИРН изјави дека „никој не ги прашува наставниците во Косово, дали содржината (на учебниците) треба да бидат во согласност со новите случувања“.

„Она што тие (во Белград) ќе зготват, ние треба да го јадеме. Нема друга опција. Понекогаш учебниците не се компатибилни со ситуацијата“, истакнува овој наставник.

Од друга страна, тој не сакаше да каже дали би работел според учебниците одобрени од властите во Приштина.

Шкелсен Гаши, прв човек во невладината организација „Адмовре“ со седиште во Приштина, која се занимава со транзициската правда, образованието и градење на мирот, нагласува дека пристрасните и националистичките наративи треба да бидат отстранети од учебниците во двете земји.

„Очигледно, постојат многу разлики во учебниците на Србија и на Косово, особено во пристапот кон историографијата“, вели Гаши за БИРН.

„Адмовре“ неодамна објави студија за огромните разлики во презентацијата на историските настани во учебниците на двете земји. Гаши посочува дека постојат сосема различни наративи кога станува збор за она што се случило во последните децении во Косово.

„Ослободувањето и окупацијата на земјата се претставени поинаку. Во српските учебници сè уште е присутен офанзивниот национализам, додека во косовските учебници е присутен дефанзивниот национализам“, додава тој.

Злосторствата на другите

 

Наставникот, Фатлум Ибрахими, држи час по историја во Приштина. Фото: БИРН

Гаши потенцира дека националистичкиот наратив преовладува кога се изучува периодот помеѓу 1912-тата, годината на албанското востание во Косово и во други места против османлиското владеење и 2000-тата, годината по завршувањето на војната со српските сили.

„Учебниците во обете држави зборуваат само за злосторствата на другата страна, претставувајќи се себеси како жртви, а другата страна како агресор“, објаснува тој.

Тој ги споменува и спорните изрази користени во учебниците во Косово, со кои се опишуваат дејствијата на Србија, како, на пример, „насилство и шовинистички терор“, „терор и државен геноцид“ и „застрашувачки сцени на варварство на крвавите ескадрили“.

Од друга страна, српските учебници ги користат термините „напад на албанските банди“ и „терор на Албанците врз Србите“. Во нив, вели Гаши, „се зборува само за злосторствата на косовските Албанци, па дури и кога се наведуваат повеќе факти, тие повторно се преувеличуваат“.

Дубравка Стојановиќ, професор по историја на Универзитетот во Белград, смета дека властите во Србија и во Косово треба да формираат научна комисија, чии членови ќе бидат историчари и други експерти, и да започнат дискусија за чувствителни и спорни прашања.

„Свесни сме дека не можеме да гласаме за историјата и да постигнеме консензус за тоа што се случило во минатото, затоа што имаме многу различни мислења. Но, она што можеме да сториме е да слушнеме што мисли другата страна за одредени настани и да го отвориме умот за дебата, за критичко размислување и за расправа“, вели Стојановиќ за БИРН.

Таа додава дека првиот чекор е запознавање со ставот на „другиот“ и градење меѓусебно разбирање.

„На овој начин, можеме да се обидеме да разбереме како различната перспектива може да го промени нашето разбирање за истиот настан. Тоа е единственото помирување во кое верувам – да одиме многу подлабоко и да им помогнеме на нашите општества да излезат од стапиците што самите си ги поставија“, заклучува таа.

„Учениците мора да ги согледаат двете страни“

Арбер Салиху, од косовското Министерство за образование, го покажува учебникот на Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа. Фото: БИРН.

Арбер Салиху, претставник на Министерството за образование на Косово, кој работи на планирање на наставните планови и програми, вели дека новата програма нуди поинаков пристап, особено кога се зборува за неодамнешната историја на Европа.

„Се обидовме да понудиме напредни учебници, фокусирајќи се на фактите и историските извори и елиминирајќи ги квалификациите“, вели Салиху за БИРН.

Сепак, тој признава дека понекогаш учебникот може да не ги исполнува новите барања на Министерството за образование.

„Точно е дека има некои грешки. Забележавме некои неправилни или разводнети верзии на настани во учебниците. Во некои случаи, некои важни факти се занемаруваат за да се релаксираат (меѓуетничките) односите или заради помирувањето“, вели тој.

Во последниве години, во училиштата во Косово се користат и учебници чии автори се повеќе од 60 историчари од сите земји во регионот, објавени од Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, со седиште во Грција.

Ова организација понуди материјали засновани врз мултиперспективна методологија, која вклучува презентирање на различни перцепции за историските настан. Но, косовското Министерство за образование тврди дека дел од материјалот содржи неточни информации и предрасуди.

„Овие учебници содржат неточни информации, а има и некои други недостатоци. Како прво, го нема знамето на Косово, покрај другите знамиња“, потенцира Салиху.

Една од целите на Националниот стратешки план за образование на Косово, 2017-2021 година, е развој и примена на политиките за негување на меѓуетничките односи преку образованието.

Сепак, образовните системи на Албанците и на Србите и натаму функционираат одделно, со ограничена официјална соработка и само спорадични можности за интеракција помеѓу учениците од двата система.

Дукаѓин Пуповци, директор на невладината организација, Центар за образование на Косово, посочува дека и покрај заедничкото југословенско наследство, образовните системи на Косово и на Србија содржат значителни разлики.

„И натаму постојат елементи на пристрасен говор или говор на омраза, и во Косово, и во Србија, особено во учебниците по историја и литература“, вели Пуповци за БИРН.

„Двете земји треба да практикуваат мултиперспективен историски пристап. Само на овој начин учениците можат да ги согледаат и двете верзии (и албанската, и српската) на историските настани“, додава тој.

Училиштата во Косово во кои наставата се одвива на српски јазик, наставата можат да ја држат според наставниот план и програма на српското Министерство за образование и да користат негови учебници, доколку за тоа го информираат косовското Министерство за образование.

Косовските институции немаат развиена специфична програма за настава на српски јазик во Косово.

Пуповци потенцира дека за обете држави е корисно да го отстранат пристрасниот вокабулар од учебниците, бидејќи тоа само ги интензивира поделбите. „На овој начин, анимозитетите се продлабочуваат, а изгледите за мир се намалуваат“, објаснува тој.

Во 2018 година, Мисијата на ОБСЕ во Косово објави извештај во кој се препорачува унапредување на дијалогот меѓу заедниците во образованието, особено во мешаните училишта, каде учениците од двата система ги делат училниците.

Салиху додава дека доколку Косово и Србија постигнат некаков одржлив договор во рамките на преговорите за нормализирање на односите, тогаш треба да се постигне договор и за обединување на образовниот систем во Косово.

„Не велам дека е рано за ова. Но, тоа не е така лесно“, предупредува Салиху.

Од српското Министерство за образование, наука и технолошки развој, одбија да одговорат на нашите прашања во врска со српската програма и српските учебници во косовските училишта.

Куштрим Колиќи, директор на приштинската невладина организација „Интегра“, чија работа се фокусира на мирот, помирувањето и човековите права, истакнува дека образовните системи на двете држави, треба да користат учебници по историја, кои ќе помогнат во зараснувањето на раните од конфликтот и во надминувањето на длабокиот антагонизам.

„Учениците не можат сами да ги отфрлаат националните поделби, затоа што не постојат национално мешани одделенија“, вели Колиќи за БИРН.

Тој посочува дека е време Косово, од своја страна, да ги исчисти учебниците од пристрасен јазик.

„Не треба да се чека на никаков договор или голем чекор од Србија. Нека ѝ се даде можност на идната генерација да го положи  тешкиот товар од минатото“, истакна тој.