Регион

Косово: Во употреба првиот албанско-српски онлајн речник

Од денешното претставување на првиот онлајн албанско-српски речник во Приштина. Фото: Амбасада на Велика Британија во Косово.

Со помош на онлајн речникот кој содржи 40.000 зборови, младите Албанци и Срби од Косово ќе можат да го научат јазикот на другата заедница, бидејќи по распадот на Југославија, тие во училиште повеќе не го изучуваат.

„Јазичните бариери ги спречуваат заедниците да ги остварат своите човекови права и слободи, создавајќи атмосфера на недоверба“, изјави Захир Танин, шеф на мисијата на ООН во Косово, УНМИК, на презентацијата на речникот.

Танин додаде дека јазичните бариери ја спречуваат комуникацијата меѓу луѓето од различните заедници и во секојдневниот живот, и оти може да го отежнат пристапот до јавните услуги.

Онлајн речникот е дел од поширока програма што ја води Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во соработка со повереникот за јазици на косовската влада, британската амбасада во Приштина и УНМИК, за поддршка на активностите што ја промовираат повеќејазичноста и важноста на изучувањето на јазиците.

Проектот вклучува развој на онлајн платформа за учење на јазиците – VocUp и бесплатни часови.

Британскиот амбасадор во Приштина, Николас Абот, истакна дека прашањето за јазикот е исклучително важно кога станува збор за односите меѓу заедниците во Косово.

„Очигледно е дека младите треба да разговараат и да се разбираат меѓусебе, а и да работат заедно за добробит на Косово. Меѓусебното разбирање е единствениот начин да се постигне напредок“, додаде Абот.

Албанскиот и српскиот јазик се два официјални јазици на Косово. Другите јазици, како што се турскиот и ромскиот, се во службена употреба во општините, каде што оние што ги зборуваат, сочинуваат најмалку пет проценти од локалното население.

Славиша Младеновиќ, повереник за јазици во кабинетот на премиерот на Косово, посочи дека е тешко денес, две децении по војната, да се најдат млади луѓе кои ги зборуваат и двата јазици.

Тој додаде дека овие јазици треба да бидат дел од наставната програма во сите училишта, каде што во моментов се изучува само албански или српски јазик, во зависност од националната  припадност на учениците.

„За жал, многу работи не се променети и веќе три децении немаме училишта каде младите го учат јазикот на своите соседи“, истакна тој.