Имер Имери го напуштил Косово за време на војната, како бегалец, а во него се вратил како затвореник на 16 јуни 1999 година, кога од Косово веќе биле повлечени српскте сили.
Имено, во пролетта 1999 година, само неколку дена откако пристигнал во Албанија, каде бил сместен во бегалски камп во Кукс, припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) го затвориле во таен центар за притвор во селото Кахан и го претепале.
„Додека бев во бегалскиот камп во Кукс, тие (припадниците на ОВК) ме повикаа во центарот (на градот), а потоа ме затворија во импровизиран затвор. Тие нè претепаа и нѐ држеа во многу лоши услови“, вели за БИРН 72-годишниот Имери, кој живее во селото Војник кај Србица/Скендерај.
Неговото „злосторство“ било тоа што политички ги поддржувал ривалите на ОВК, пацифистичката Демократска лига на Косово, предводена од Ибрахим Ругова.
Тој и другите биле задржани од припадниците на ОВК во планините во северна Албанија до јуни 1999 година. Откако војната официјално завршила, тој и тројца други затвореници биле префрлени во зграда во Призрен, во Косово. Една недела подоцна, тој успеал да избега.
Во ноември истата година, бил убиен неговиот брат Хаки, кого претходно, среде бел ден, го одвеле лица облечени во униформа на ОВК, иако ОВК во тоа време и официјално била распуштена.
Во јули 2011 година, судски совет на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), осуди петмина поранешни припадници на ОВК за малтретирање цивилни затвореници во логорите на ОВК во Кукс и Кахан, во 1999 година. Сабит Геци, Риза Алија, Џемшит Красниќи, Шабан Хоти и Хаки Реџепи, беа прогласени за виновни за воени злосторства.
Сепак, жртвите, во овој процес, како и во другите судски процеси за воени злосторства во Косово, не добија обештетување.
Имери потенцира дека по војната се соочил со повеќе здравствени проблеми и психолошки трауми. „Кога беше изречена пресудата, очекував да слушнам нешто во врска со обесштетувањето, затоа што имаше луѓе кои умреа таму, но ништо не се случи“, рече тој, алудирајќи на Антон Бисаку, кој во извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за наводните злосторства извршени од припадниците на ОВК, беше именуван како една од жртвите на тајните логори на ОВК.
Судската пресуда донесена во процесот против именуваните петмина поранешни припадници на ОВК, не вклучуваше и одлука за отштета на жртвите, иако со закон, косовските судови треба да им препорачаат на жртвите да побараат надомест во граѓанска постапка.
Бесник Рамосај, директор на одделението за статистика на Судскиот совет на Косово, за БИРН изјави дека неговата институција не води статистика за предметите во кои судовите наложиле отштета.
„Ние немаме ниту статистика за тоа колку жртви можеби се обештетени“, додава Рамосај.
Од Судскиот совет на Косово ни потврдија дека на обвинетите кои биле ослободени од вината, им била исплатена отштета во висина од 140.200 евра, но не прецизираа од кои причини. Истражувањето што БИРН го спроведе оваа година, откри дека Србија и Босна и Херцеговина им исплатиле околу 1,8 милиони евра отштета, на обвинетите за воени злосторства кои биле ослободени од обвиненијата, за времето што тие го поминале во притвор и за правни трошоци.
Имер Имери. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.
Граѓанските постапки можат да ги доведат жртвите во опасност
Во 2015 година, Косово, во рамките на Министерството за правда, донесе програма за обештетување на жртвите на злосторствата, која им овозможува на жртвите на насилните злосторства да поднесат барање за отштета.
Отштета од државата може да се бара кога жртвата не може да добие обештетување од осудениот или од други извори, но од Министерството за правда не ни потврдија дали оваа програма ги опфаќа и жртвите на воените злосторства.
Имери нагласува оти тој не знаел дека оваа програма постои. „Лично, би сакал да барам отштета, а верувам дека и другите би сакале. Но, мислам дека таа треба да биде вклучена во судските пресуди“, додава тој.
За оние кои ги следеа судските процеси за воени злосторства во Косово, како што е Ехат Мифтарај, директор на приштинскиот Институт за правда, сегашната правна рамка е несоодветна за жртвите на воените злосторства.
„Правната рамка на Косово не ги регулира работите соодветно. Во текот на мониторингот на судските процеси за воени злосторства, видовме дека дури и во случаите кога пресудите вклучуваат затворски казни, реституцијата за жртвите останува непознато подрачје“, вели Мифтарај за БИРН.
Институт за правда го следел и спроведувањето на програмата за обештетување на жртвите на злосторствата и не наишол на побарување од жртвите на воени злосторства, информира Мифтарај.
Во меѓувреме, жртвите, чии идентитети, поради заштита, биле скриени во кривичната постапка, не гледаат можност да побараат надомест во граѓанска постапка, затоа што не постои правен механизам што ќе им овозможи да ги скријат своите идентитети во граѓанските предмети. Имено, за да покренат граѓанска постапка, тие мора да ги обелоденат своите имиња, што може сериозно да им го загрози животот.
Друга жртва, која сведочеше како заштитен сведок на судењето на споменатите петмина поранешни припадници на ОВК, за БИРН изјави дека ангажирала адвокат, но дека не можела да поднесе тужба со скриен идентитет.
„Од тогаш (од 1999 година) имам проблеми со ногата. Мислев дека треба да побарам отштета, но тоа беше невозможно“, вели жртвата за БИРН, која побара да остане анонимна.
Берина Жутиќ-Разиќ, правен советник на ТРИАЛ Интернешнл со седиште во Сараево, организација која се бори против неказнивоста и ги поддржува жртвите кои бараат правда, вели дека поминувањето низ уште една судска постапка, повторно ги трауматизира жртвите.
„Државите имаат меѓународни обврски да обезбедат отштета за жртвите на злосторствата според меѓународното право“, вели таа за БИРН.
Жутиќ-Разиќ додава дека за да се задоволат непосредните потреби на преживеаните, властите треба „да го признаат нивното страдање, да им овозможат (службен) статус на преживеани лица и да ги признаат нивните права, вклучително и правото на парична отштета“.
„Мислам дека донесувањето на легислатива за ефикасен систем на административна отштета, е најдоброто решение за да можат преживеаните да ги остварат своите права“, истакнува таа.
Слични проблеми за жртвите на воените злосторства може да се појават кога ќе се изрекуваат пресудите пред Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг, односно, пред таканаречениот „специјален суд“, пред кој ќе им се суди на поранешни припадници на ОВК, за воени и повоени злосторства.
Статутот на овој специјален суд и законот што го овозможи негово формирање, не нудат решенија за жртвите доколку осудените лица не се во можност да ја платат отштетата што ќе ја наложи судот.
Имери смета дека е време Косово, како држава, конечно да преземе мерки за да се обезбеди жртвите да го добијат обештетувањето што го заслужуваат.
„Мислам дека жртвите како мене не можат да се носат со тоа физички или финансиски“, вели тој и додава: „Затоа е неопходно да се формира државен фонд за ваквите луѓе“.