Коментари на жалење на косовските функционери и политичари, предизвика неочекуваната шокантна оставка на Рамуш Харадинај, до која дојде откако Специјализираното обвинителство на Косово во Хаг, кое води истраги за злосторствата извршени за време и по војната во Косово, од 1998 до 2000, го повика на сослушување.
Претседателот, Хашим Тачи, изјави оти жали што Харадинај, поранешен командант на ОВК, и нејзини други поранешни членови, се повикани на сослушување во Хаг, но истакна дека ја почитува одлуката на премиерот.
„Верувам во чистата борба на ОВК и во високите морални вредности на војниците за слобода”, рече Тачи.
Тој додаде дека и неговиот советник, Бислим Зирапи, бил повикан на сослушување.
Амбасадорката на Косово во САД, Влора Читаку, изрази незадоволство бидејќи Харадинај ќе биде сослушан како осомничено лице.
„Ова е сè, само не правда!”, напиша таа на Твитер.„Иако двапати ослободен од Хашкиот трибунал, Специјалниот суд повторно го повика Харадинај како осомничено лице. Ова е прогон“, додаде Читаку.
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го ослободи Харадинај од обвиненијата за воени злосторства, во 2008 и 2012 година.
Тој вечерва на членовите на неговата Алијанса за иднината на Косово им рече дека ќе ја брани својата „чест” пред сите обвиненија дека сторил недело.
„Ќе им одговорам на овие клеветници со честа на еден албански воин”, рече Харадинај.
Фатмир Лимај, претседател на партијата НИСМА (Социјалдемократска иницијатива), кого Хашкиот трибунал, исто така, го ослободи од обвиненијата за воени злосторства, изјави оти поканата за разговор со Харадинај како осомничено лице, е неправеден чин.
„За жал, косовскиот парламент го основаше овој суд, така што единствена алтернатива е клеветите на косовските непријатели, да ги соочиме со фактите”, рече Лимај, чија партија е дел од владејачката коалиција.
Политичките противници на Харадинај изјавија дека ја сакале неговата оставка, но не поради наводи дека извршил воени злосторства.
Лидерот на опозициската Демократска лига на Косово, ЛДК, Иса Мустафа, истакна оти жали поради повикот на хашките обвинители.
„ЛДК постојано ја бараше оставката на оваа влада, но жалиме што тоа се случува поради повикот на Специјализираните совети”, напиша Мустафа на Фејсбук.
Тој додаде оти верува дека повторно ќе се докаже оти војната на ОВК била праведна и дека Харадинај бил невин.
Албин Курти, лидер на опозициската Ветевендосје, исто така политички противник на Харадинај, истакна дека ова е „вистинска оставка од погрешни причини”.
„Харадинај … требаше да поднесе оставка многу одамна”, нагласи Курти, обвинувајќи го Харадинај за серија политички грешки.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, треба да ја соопшти својата реакција во сабота, но пратеникот од неговата Српска напредна партија, Милован Дрецун, кој воедно е и претседател на Комитетот на српскиот парламент за Косово, оставката на Харадинај ја нарече „добра вест”.
Дрецун истакна дека ова „ќе го отвори патот за воспоставување правда за српските (воени) жртви и за гонење на одговорните”, објави Танјуг.
Како што се очекува, пред Специјализираните совети ќе им се суди на поранешните припадници на ОВК, против кои Специјализираното обвинителство ќе поднесе обвиненија за злосторства кои опфаќаат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, популарно наречени специјален суд, се дел од косовскиот правен систем, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.
Портпаролот на специјалното обвинителство, Кристофер Бенет, за Ројтерс изјави дека не може да даде никакви детали за сослушувањето на Харадинај, бидејќи тој има „обврска да ја штити приватноста на секој поединец”.