Регион

Харадинај поднесе оставка

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Откако својата партија ја извести за оставката, Харадинај се напи кафе во едно кафуле во Приштина. Фото: БИРН

Како што денеска на прес-конференција во Приштина изјави Харадинај, тој поднесува оставка бидејќи бил повикан да даде исказ пред Специјаизираното обвинителство на Косово, кое спроведува истраги за злосторства извршени за време и по војната на Косово, од 1998 до 2000 година.

„Ова не е лесна одлука, но тоа е реалноста”, рече Харадинај, кој за време на војната беше командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Тој нагласи дека во исто време не може да биде и премиер, и осомничен.

„Владата ќе продолжи да ги извршува своите функции за да не се создаде вакуум. Официјално ќе ги информирам сите релевантни институции и ќе останам лојален на мојата татковина. Ми беше чест  да ѝ служам на мојата земја“, додаде тој.

Иако изјави дека косовската влада ќе продолжи да функционира, Харадинај предупреди дека наскоро ќе дојде до одржување на нови парламентарни избори.

„Косово мора да биде подготвено за избори. Другите треба да разберат дека сме суверена држава. Одговорноста сега поминува врз претседателот, кој треба да започне консултации за датумот на изборите“, нагласи тој.

Како што се очекува, пред Специјализираните совети ќе им се суди на поранешните припадници на ОВК, против кои Специјализираното обвинителство ќе поднесе обвиненија за злосторства кои опфаќаат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, популарно наречени специјален суд, се дел од косовскиот правен систем, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.

Слично сценарио се случи во март 2005 година, кога Харадинај, кој и тогаш ја извршуваше функцијата премиер, поднесе оставка,  откако беше обвинет од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Харадинај беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства во 2008 година, поради недостиг на докази.

Хашкиот трибунал го ослободи по втор пат во ноември 2012 година.