Регион

Грабар Китаровиќ го поддржа градоначалникот на Вуковар

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Колинда Грабар Китаровиќ и градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава. Фото: Кабинет на претседателот на Република Хрватска

Колинда Грабар Китаровиќ денеска изјави дека го поддржува градоначалникот на Вуковар, Иван Пенава, кој истакна дека проширувањето на правата на српското малцинство во овој град, би ги загрозило меѓуетничките односи, и покрај одлуката на Уставниот суд дека иплементацијата мора да се спроведе наскоро.

Пенава ја даде оваа изјава, откако Уставниот суд на Хрватска пресуди дека службената употреба на српскиот јазик и кирилицата во Вуковар, во која живеат значителен број припадници на српското малцинство, треба да се прошири. Во 1991 година, Вуковар беше под опсада на српските сили, кои речиси целосно го уништија овој град.

По состанокот со Пенава во Загреб, од кабинетот на Грабар Китаровиќ соопштија дека претседателката верува оти неопходните предуслови за „проширување на посебните права“ сé уште не се исполнети, иако промените не треба премногу долго да се одложуваат.

Грабар Китаровиќ додаде дека мислењето на Пенава не може да се смета за непочитување на одлуката на Уставниот суд.

„Не сакам поделби или конфликти помеѓу Хрватите и Србите, но повикувам на трпение и имање предвид кои подразбираат прифаќање на фактот дека Вуковар ги лечи своите рани“, нагласи таа.

Во изјавата, исто така, се нагласува дека претседателката „смета дека е исклучително важно да се поддржи градоначалникот Пенава и граѓаните на Вуковар, кои повеќе од четврт век трпат неправда поради необјасниво бавното и неефикасно делување на институциите“.

Со ова таа алудираше на незадоволството во Вуковар, поради бавното гонење на Србите кои извршиле воени злосторства во овој град. Грабар Китаровиќ истакна дека и овие постапки „не можат да се одложуваат во недоглед“.

Според одлуката на Уставниот суд од 2 јули, општинските советници во Вуковар, кои му припаѓаат на српското национално малцинство, треба да ги имаат истите услови како советниците од хрватска националност.

Во август 2015 година, Вуковар го смени статутот на градот, според кој „колективните права на српското национално малцинство (на пр. двојазичните натписи на таблите на институциите, улиците или плоштадите) на територијата на градот Вуковар, можат да се обезбедат, дури кога ќе бидат исполнети другите услови“.

Според овие измени, српските советници можат да добијат документи издадени на српски јазик и кирилица, само доколку поднесат писмено барање.

Десничарските партии во градското собрание гласаа за промените во ноември 2013 година, прогласувајќи го Вуковар за „град од посебна важност“, исклучувајќи го од законот за правата на малцинствата во Хрватска, поради она што овој град доживел за време на опсадата. Тој беше речиси целосно уништен од страна на српските сили во 1991 година.

До усвојувањето на промените дојде по неколкумесечни протест поради воведувањето на двојазичноста во службена употреба на места каде, според законот, малцинствата бројат над 30 отсто од вкупното население, што е случај со српската заедница во Вуковар.

Меѓутоа, Комитетот за човекови права и права на националните малцинства на Хрватска, поднесе барање за ревизија на уставноста на статутот.

Со одлуката на Уставниот суд, некои измени беа укинати, па Србите, без разлика дали се советници или обични граѓани, ќе можат да добијат официјални документи на нивниот јазик и писмо.

Градските власти мора да дејствуваат во согласност со законските одлуки, и во октомври да го известат судот, до каде се со ускладувањето со нивната одлука.