Регион

Косовски пратеник осуден на две години затвор

Иван Тодосијевиќ. Фото: Министерство за локална самоуправа

Основниот суд во Приштина, го осуди Иван Тодосијевиќ, за поттикнување на етничка, расна и верска нетрпеливост, поради неговата изјава дека масакрот над Албанците во селото Рачак е измислица.

„Тој беше осуден на две години затвор“, изјави за БИРН, судијата Муса Конѓели.

Тодосијевиќ во октомври беше избран за пратеник на Српска листа, партија која има поддршка од Белград. Претходно, тој беше министер за локална самоуправа во косовската влада, но по дадената изјава, беше сменет од својата функција.

Изјавата за масакрот во Рачак, Тодосијевиќ ја даде на одбележувањето на 20-годишнината од бомбардирањето на НАТО на Југославија, кое имаше за цел да го принуди Слободан Милошевиќ да ја сопре воената кампања против Албанците во Косово.

Едно од оправдувањата за воздушните напади на НАТО против Југославија, беа и убиствата на 45 косовски Албанци, извршени од страна на српските безбедносни сили во селото Рачак.

„Повод за агресијата на нашата земја беше таканаречената хуманитарна катастрофа на просторот на Косово и Метохија, измислениот Рачак, и токму овие албански терористи, кои сето ова го измислија, правеа најголеми злосторства во Косово и Метохија”, рече во тоа време Тодосијевиќ.

„Тие (косовските Албанци) вршеа злосторства и пред агресијата на НАТО, убиваа добри српски домаќини и полицајци на нивното работно место“, истакна Тодосијевиќ во март.

Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, остро реагираше на денешната пресуда.

„Сите сме Иван Тодосијевиќ! Она што тој го рече, им пречи, бидејќи нивната лажна држава како кула од карти, почива на лаги и прикривање на злосторства, и затоа панично се плашат од секој глас на вистината“, се вели во соопштението на Канцеларијата на КиМ.

Реагираше и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој му даде поддршка на Тодосијевиќ, велејќи дека тој ја кажува вистината.

Вучиќ, по предизборната средба со членовите на Српска листа во Белград во октомври, за Тодосијевиќ рече: „Ова е човекот што го обвинија за Рачак, прекрасен српски домаќин од Звечан. Тој е виновен бидејќи рече дека масакрот во Рачак бил лажиран. Па, јас го кажувам истото. Дозволете ми три пати да го кажам она што го рече Тодосијевиќ“.

Пресудата е првостепена и на неа може да се поднесе жалба