Регион

Воените споменици на Косово, не ја кажуваат целата приказна

На 28 ноември, градоначалникот на Гнилане откри нов споменик, посветен на Агим Рамадани, познат командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Лекцијата за херојството или жртвувањето за заедницата, е трансформирано во споменик. Ова всушност значи дека Гнилане има нови објекти на културно-историското наследство, чија вредност, по претпоставка, ја делат сите членови на заедницата и на општеството во целина.

Во оваа фаза, треба да потсетиме дека овие места се јавни места, дека не се во сопственост на верски или политички лица или групи. Сепак, и натаму е важно да се постави прашањето: Кој всушност ги поседува или управува со овие места?

На почетокот на ноември, имав предавање на Правниот факултет во Приштина, за наследството на злосторствата. Ги прашав студентите: „Кој одлучува што треба да се одбележува и зошто? Што значи ова за процесот на изградба на мирот во Косово и за начините на кои се интерпретира минатото?“.

Ова прашање ги натера моите студенти да размислуваат за тоа кој има контрола врз она што треба да се одбележи и на кој начин.

Теоретски, авторитетите кои одлучуваат како и зошто делови од историјата треба да се одбележуваат и да се претворат во наследство, се оние кои влијаат на политичките процеси на национално ниво.

Како и да е, пренамената на една локација во комеморативно наследство, доаѓа со одговорноста за правилно управување и одржување на истата, што, само по себе, е значаен културен процес.

Да се ​​вратиме за момент во минатото. За време на војната во Косово, беа убиени околу 10.800 косовски Албанци. Меѓу нив и невини селани, жени и деца. Овие злосторства беа спроведени на систематски начин, врз целото население ширум Косово.

Кога почна да се наѕира крајот на конфликтот и кога Белград почна да ја губи контролата, илјадници мртви тела беа уфрлувани во камиони, а потоа транспортирани до масовни гробници низ Србија.

Денес, 20 години по крајот на војната, на комеморациите во Косово им недостасува референца на овие злосторства, кои се соочуваат со можнооста да исчезнат од јавната свест.

Зборот споменик има грчко и латинско потекло и значи нешто што потсетува, предупредува, советува. Имајќи го ова предвид, кога некоја локација станува комеморативно место, таа станува симбол на општеството. Местото постои со цел да предупреди, да даде совет или да ги потсети идните генерации на минатите настани, кои треба да се избегнуваат во иднина.

Во Косово, одбележувањето на минатото оди во две насоки. Првата се официјалните „преку ноќ“ иницијативи, со кои борците се чествуваат со поставување на нивни споменици во јавниот простор, и тие се доминантни во комеморативните повоени наративи.

Втората насока се индивидуалните иницијативи: мајка која трага по останките на нејзиниот единствен син (Несрет Кумнова); заедница која настојува да го сочува сеќавањето на жртвите пронајдени во масовна гробница; сопственик на пицеријата кој настојува да го сочува својот имот како место на кое било извршен масакр (Сува Река); жена која останала сама и која се обидува да го претвори семејниот дом во музеј, со цел да го зачува споменот и работите што им припаѓале на нејзиниот сопруг и на четворицата нејзини синови, чии останки биле пронајдени во масовна гробница (Фердоније Ќеркези).

Во Косово, постојат и други слични форми на зачувување на колективното сеќавање, преку изложби или индивидуално чување на артефакти.

Но, ако овие споменици во јавниот простор, продолжат да доминираат во комеморативниот пејзаж на Косово, насилството и болката на невините луѓе никогаш нема да бидат прикажани на соодветен начин.

Гледањето на бројните статуи на борците, не им ја раскажува на луѓето целата приказна, иако намерата на нивното поставување е токму таа. Наместо ова, нудејќи само еден дел од приказната, се добива впечаток дека се работело за своевидна славна војна, за конфликт меѓу две борбени групи, српските сили и ОВК.

Повеќето локации на масакри, не се обележани

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

 Во март 1998 година, пристигнав во Преказ со неколку шпански новинари, четири часа откако српските сили се повлекоа од ова село. Тие нападна неколку семејства, жени и деца, кои беа сами во своите домови, а не на бојното поле.

Денес, на комеморативното место во Преказ, насекаде може да се види печатот на ОВК, покрај оној на Адем Јашари. Неговиот семеен дом е претставен како негов оперативен центар, неговиот мотор стои на посебно место на вториот кат во Националниот музеј на Косово.

Меѓутоа, ако ја погледнеме пошироката слика, ова место не ја покажува болната историја на семејството Јашари. Видливо е дека легендарниот командант на ова место водел херојска битка, но, не сум сигурен како тоа соодветно може да биде потсетник, предупредување или совет за идните генерации, бидејќи само делумно го отсликува она што се случило во Преказ.

Комеморативниот пејзаж на Косово, на овој начин е фрагментиран и често не ги прикажува трагичните настани низ кои поминале невини луѓе или во кои имало жртви.

На пример, местата на масакрите не се обележани на никаков начин, тие им се познати само на истражувачите како мене, кои го проучуваат минатото и на оние кои директно се погодени и кои засекогаш ги носат лузните од она што се случило.

Спомениците не се единствениот вид на чествување што го управуваат јавните институции, иако другите официјални напори изостанаа.

Постојат локации на кои како обележје се направени гробишта, каде надгробните споменици се направени од идентичен камен, во една големина. Ваквите гробишта го чуваат споменот на постарите мажи, жени и деца, а на гробиштата во Ѓаково, на пример, има и неколку празни гробни места, каде треба да бидат погребани останки што се чекаат да пристигнат од Србија, каде биле закопани во масовните гробници.

Сепак, оние за кои се изградени овие спомен-гробишта, никогаш нема да му бидат познати на обичниот посетител, бидејќи на спомен-плочата на влезот, тие се спомнуваат како „маченици на нацијата“.

Тешко е да се поврзете со болното наследство на овие места, ако нема ознаки или опис на настанот. Имено, невините лица, земени од нивните домови, честопати се нарекуваат „маченици“ и „херои“, наместо жртви на брутален режим, чија цел било истребување на група луѓе, заради нивната етничка припадност.

Некој сигурно ќе сочувствува кога ќе се соочи со вакво визуелно претставување на бројни жртви, но вистината е многу подлабока.

Треба да бидеме внимателни кога ги користиме јавните места за одбележување на минатото. Општеството кое проживеало насилство и злосторства, е препуштено на физичка девастација и на лични и колективни трауматски искуства, кои го обликуваат општествениот идентитет и култура.

Документирањето на минатото преку споменици, усна историја и гробишта, е важен аспект кога станува збор за справувањето со минатото. Сето ова дава потенцијал за заздравување и за поставување на прашања за минатото.

Сегашните доминантни облици на посветеност кон минатото создаваат забуна и, во најлош случај, го загрозуваат нашето сфаќање за она што се случило.

Едно е сигурно, ако продолжи оваа игра со вистината, последиците најмногу ќе ги осетиме ние, луѓето што ги носиме лузните на војната.

Nora Weller е професор на Универзитетот Кембриџ, Велика Британија, која се занимава со наследството на злосторствата и со заштитата на културното наследство.

Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно мислењата на БИРН.