Регион

Косово: Сѐ уште се чека да започнат судењата пред специјалниот суд

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, и другите поранешни припадници на ОВК, наведени во извештајот на Марти, остро ги негираа обвинувањата за вмешаност во злосторства, а специјалниот суд и натаму останува непопуларен кај косовските Албанци, иако продолжувањето на неговиот мандат е неизбежно.

Согласно законот донесен во Собранието на Косово во 2015 година, судот ќе продолжи да работи сè додека ЕУ не го информира Косово дека истрагите и постапките се завршени.

„Затоа, за да се продолжи мандатот, не се потребни формалности, специфични активности или најави”, изјави за БИРН, портпаролката на специјалниот суд, Ангела Грип.

Во текот на изминатите четири и пол години, се работеше на постепено воспоставување на механизмите на Специјализираните совети, и иако се веруваше дека обвиненијата досега ќе бидат поднесени, Грип вели дека при создавањето на судот, наишле на сериозни предизвици.

„Предизвик беше да се формира целокупната судска администрација, да се изработи и усвои правилникот за постапката и доказите, да се донесат внатрешните правила и прописи”, објаснува таа.

Специјализираните совети беа формално формирани со формирањето на неговиот Секретаријат, во април 2016 година. Потоа беа избрани судии, а за претседател беше избрана, Екатерина Трендафилова, од Бугарија, судија во Меѓународниот кривичен суд од 2009 до 2015 година.

Договорот меѓу Холандија, како земја домаќин на судот, и Косово, кој обезбедува правна основа, Специјализираните совети да ги спроведуваат постапките во Холандија, иако тие се дел од правниот систем на Косово, стапи во сила на почетокот на јануари 2017 година.

На сила стапи и правилникот за постапката и доказите на новиот суд; развиен беше и кодекс на судската етика и други релевантни документи, и направен беше список на застапници, односно адвокати, кои можат да работат со судот.

Во Хаг беше изградена и современа судница, која овозможува следење на постапките на албански, англиски и на српски јазик, а формирана е и служба за заштита и поддршка на сведоците, елемент кој се смета за клучен за пружање на заштита и поддршка на лицата што ќе сведочат. Да потсетиме дека пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), сведоците, во случаите поврзани со Косово, беа заплашувани.

Во работата на судот имаше и некои непредвидени одложувања.

Прво, се укажа потреба за ревидирање на правилникот за постапката и доказите, откако беше утврдено дека првичните одредби не се во согласност со уставот на Косово.

Потоа, во март 2018 година, првоименуваниот специјализиран обвинител, Американецот Дејвид Швендимен, неочекувано поднесе оставка на својата функција, бидејќи мораше да замине во пензија, што предизвика загриженост дека може да доведе до одложување на предметите. Два месеци подоцна, на негово место дојде Американецот Џек Смит, обвинител со искуство во политички истраги на високо ниво и во меѓународни кривични истраги.

Косовските пратеници се обидоа двапати, кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, да го повлечат или изменат законот со кој се дозволува формирање на Специјализираните совети. Иницијативата беше поттикната од петицијата на ветераните на ОВК, кои новиот суд го окарактеризираа како дискриминаторски, бидејќи пред него ќе им се суди само на поранешните припадници на ОВК, а не и на српските сили.

Западните земји остро го осудија овој потег, предупредија дека Косово може да се најде во излоција поради ова, па иницијативата беше откажана.

Беше разнишан и кредибилитетот на судот, кога еден од назначените судии беше виден на ручек со косовски адвокат, чии клиенти се повикани на сослушување. Исто така, на официјален претставник од кабинетот на премиерот Рамуш Харадин, му беше дозволено да придружува лица, повикани во обвинителството.

Но, и покрај одложувањата и контроверзиите, истрагите продолжија и досега се сослушани над 120 поранешни припадници на ОВК, и како сведоци, и како обвинети, што сугерира дека наскоро може да се очекува поднесување на првите обвиненија.

„Многу малку е направено”

Рамуш Харадинај поднесе оставка на функцијата премиер, откако беше повикан на сослушување во Хаг. Фото: БИРН

Лука Мишетиќ, адвокат кој живее во САД, а кој работел на предмети што се судеа пред МКТЈ и се наоѓа на списокот застапници на специјалниот суд, вели дека целиот процес трае премногу долго.

„Не очекував истрагите да траат толку долго, до денес. Дик Марти ја започна истрагата во 2010 година, Клинт Вилијамсон (шеф на работната група на ЕУ) ја продолжи истрагата во 2014, а обвинителството е формирано во 2016 година“, вели Мишетиќ.

„Хашкиот трибунал, на пример, ги поднесе своите први обвиненија две или три години по неговото формирање“, додаде тој.

Ајдан Хехир, предавач на Универзитетот во Вестминстер, кој неодамна објави студија за недостатокот на легитимитет на Специјализираните совети, смета дека луѓето во Косово, и Албанците, и Србите, сѐ повеќе се разочаруваат во судот, поради, како што сметаат, неговите слаби активности.

„Луѓето се природно збунети од фактот дека толку малку е направено од формирањето на судот“, вели тој.

Хехир посочува дека ваквиот спор напредок, само предизвикува сомневања дека поранешните припадници на ОВК, кои денес се истакнати политичари, нема да бидат гонети, и оти тие би можеле да покажат со прст кон официјални претставници на КФОР и на УНМИК, бидејќи по конфликтот не ги спречиле злосторствата над Србите и другите етнички малцинства.

„Од самиот почеток многумина посочија дека „големите риби“ нема да бидат судени, затоа што постигнале таен договор и имаат информации што може да инкриминираат претставници на НАТО и на ООН“, вели Хехир.

Албин Курти, лидер на партијата Ветевендосје (Самоопределување), која освои најмногу гласови на парламентарните избори минатиот месец, вели дека и самиот суд може да стане предмет на „дискусија“, доколку тој стане премиер (што веројатно и ќе се случи).

„Првата дискусија за специјалниот суд, кој потроши над 100 милиони евра на европските даночни обврзници и не поднесе ниту едно обвинение, а камоли да заклучи некаков процес, ќе се води во Собранието. Втората дискусија за овој необичен механизам за правда, ќе се води со Брисел“, рече Курти за Радио Слободна Европа.

Тој истакна дека „на Косово, наместо специјални судови, му требаат нормални судови, нормални процеси и нормална правда“. Неговата партија долго време беше остар критичар на Специјализираните совети.

„Само поединци ќе бидат повикани на одговорност“

Претседателката на Специјализираните совети, Екатерина Трендафилова, во Хаг / Фото: МКС

 Во последните четири и пол години, често се поставуваа прашања за комуникацијата на Специјализираните совети со обичните луѓе, во Косово и пошироко, во врска со неговиот мандат, кој го покрива периодот од јануари 1998 до декември 2000.

Косовските медиуми генерално го опишуваа овој суд како пристрасен, формиран само за да им суди на Албанците.

Медиумите поврзани со партиите предводени од поранешните припадници на ОВК, објавуваа текстови во кои ги критикуваа сведоците. Ова уште еднаш ја нагласи заштитата на сведоците, како еден од главните предизвици.

Меѓу оние што Специјализираното обвинителство ги повика на разговор, се и истакнати политички фигури како Рамуш Харадинај, кој се наоѓа на чело на Алијансата за иднина на Косово (ААК) и поранешниот претседател на Собранието, Кадри Весели, кој ја предводи Демократската партија на Косово (ПДК).

Харадинај и Весели изјавија дека ОВК не вршела злосторства и дека тоа ќе се докаже и пред овој суд.

„Убеден сум дека и овој суд, ќе докаже дека војната што ја водеше ОВК беше праведна, но и дека ќе ги запре нападите на вистината и на самата војска“, рече Весели.

„Борците за слобода секогаш го прават она што е правилно и праведно. Војната 1998-1999 беше чиста. Јас сум прилично сигурен дека овој суд ќе ја потврди правичноста на војната што ја водеше ОВК“, рече Харадинај.

Судски официјални лица постојано нагласуваа дека ќе им се суди на поединци, а не на ОВК.

„Ние се обидуваме да ги увериме луѓето дека судот, на одговорност ќе повика лица кои вршеле индивидуални злосторства, а не цела етничка група или организација“, истакна Грип.

Во интервју за БИРН, по стапувањето на должност во 2017 година, претседателката на Специјализираните совети, Екатерина Трендафилова, изнесе сличен став: „Специјализираните совети нема кривично да гонат ниту една етничка група. Тие нема да гонат ниту една организација. Специјализираните совети кривично ќе гонат и ќе ги сметаат за одговорни само поединците“, рече Трендафилова.

Кога хашките обвинители го повикаа Харадинај, а потоа и Весели на разговор, судот повторно се најде на насловните страници во Косово. Во меѓувреме, на сослушување беа повикани и други припадници на ОВК, но бидејќи нема обвиненија, за јавноста е нејасно, во која насока оди овој процес.

Поранешните борци кои беа сослушани, не очекуваат да бидат обвинети.

Хисни Гуцати, претседател на организацијата на воени ветерани на ОВК, редовно на Фејсбук објавува најнови информации за тоа кој е повикан на сослушување.

Тој своите објави ги завршува со зборовите: „Тој, како и сите други, ќе излезе од ова чист“.