Регион

Критики до амбасадорот на БиХ во Москва

Даниел Ковачевиќ, Бања Лука

Младен Иваниќ. Фото: Анадолија

Советничката за медиуми на Младен Иваниќ, во петок соопшти дека српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, на следната седница на ова тело, ќе побара, амбасадорот на БиХ во Москва, Мустафа Мујезиновиќ, да биде отповикан.

Реакцијата на Иваниќ доаѓа откако студенти од БиХ, кој оваа недела ја посетија Москва, се фотографираа со амбасадорот, со знамето на БиХ од војната.

Белото знаме со син штит и шест златни лилјани, се користеше од 1992 до 1998 година, кога по наредба на високиот претставник беше повлечено.

Србите во БиХ остро се спротивставуваат на употребата на ова знаме во јавноста, бидејќи го идентификуваат со Бошњаците од воениот период.

„Иваниќ смета дека овој потег на амбасадорот Мујезиновиќ е непримерен и затоа, веќе на следната седница на Претседателството на БиХ, на 13 март, ќе бара негово разрешување“, изјави за медиумите во БиХ, советничката на Иваниќ, Марија Милиќ.

Настанот го осуди и министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак.

Студентите се фотографираа со военото знаме и со Мујезиновиќ на Црвениот плоштад во Москва, честитајќи им го на граѓаните на БиХ, Денот на независноста.

Политичкиот аналитичар, Срѓан Пухало, сугерираше дека барањето на Иваниќ има врска со фактот дека на изборите оваа есен, тој повторно ќе се кандидира за српски член на Претседателството, на која позиција, ќе се кандидира и актуелниот претседател на Република Српска, Милорад Додик.

„Мислам дека Иваниќ превентивно повика на повлекување на амбасадорот, за да ги избегне нападите на Додик и на неговиот Сојуз на независните социјалдемократи. Тие постојано го обвинуваат за предавство на (српските) националните интереси, па јас не верувам дека тие би пропуштиле и во оваа прилика да го направат тоа“, изјави Пухало за БИРН.

Денот на независноста на БиХ се слави на 1 март, но не и во Република Српска, каде што многумина, кога се гласаше за независноста на оваа држава, сакаа да останат во рамките на Југославија.

Република Српска одбележува свој Ден на државноста на 9-ти јануари, а неговата прослава редовно предизвикува етнички тензии во земјата.