Регион

Лица ослободени од обвиненија за воени злосторства наплатиле над 1.5 милиони евра

Босна и Херцеговина успешно ја тужеле 44 лица, кои добиле надомест откако биле ослободени од обвиненијата за воени злосторства

Адмир Муслимовиќ БИРН Сараево

Босна и Херцеговина успешно ја тужеле 44 лица, кои добиле надомест откако биле ослободени од обвиненијата за воени злосторства. Вкупниот износ на исплатената отштета е над 1,5 милиони евра.

Вкупно 3.032,671 босанска конвертибилна марка (1.552,550 евра) им е исплатено на 44 лица кои успешно ја тужеле БиХ, за времето што го поминале во притвор, додека им се судело по обвиненијата за воени злосторства, од кои биле ослободени, дознава БИРН.Овие информации предизвикаа критики до судиите и обвинителите на државно ниво, од кои беше побарано да се придржуваат до повисоки стандарди.

Дали постои нечија вина, која на крајот довела до тоа, од буџетски средства, во толкава мера да се плаќаат ослободителните пресуди, треба да се истражи, смета Ружица Јукиќ, потпретседателка на Високиот судски и обвинителски совет на БиХ.

„Обвинителството на БиХ или поединци од обвинителството, кои довеле до тоа, мора да одговораат“, вели Јукиќ за БИРН.

„Секој случај треба да се разгледа посебно, да се пријави до дисциплинскиот обвинител, бидејќи делува како несериозност. Од многу причини може да дојде до ослободителна пресуди. Меѓутоа, кога се поднесуваат обвиненија што на самиот старт се лоши, тоа треба да се преиспита“, вели Јукиќ.

За такви работи, некој мора да се одговара, но и да се преиспита компетентноста на обвинителите и судиите, вели Василија Видовиќ, долгогодишен адвокат од Сараево.

„Ова се комплексни кривични дела, каде се применува меѓународното право, а Обвинителството на БиХ не применува многу меѓународни стандарди. Затоа за последица го имаме она што го имаме“, смета Видовиќ.

Федералниот обвинител, Муниб Халиловиќ, кој своевремено работел на предметите на воени злосторства во државното обвинителство, смета дека луѓето се држат во притвор повеќе отколку што е потребно.

„Тоа не е секогаш неопходно и честопати може да се оди со помали мерки“, вели тој.

„Од друга страна, постојат и случаи каде притворот е единствената мерка. Луѓето без постојан престој или оние кои вршат притисок врз сведоците, мора да бидат во притвор“, додава Халиловиќ.

Според него, „не е реално да се очекува дека сите обвинети ќе бидат и осудени“.

Уште четири случаи се водат пред Судот на Босна и Херцеговина, со барање за исплата на 399.403 босански конвертибилни марки (204.470 евра), додека во еден спор барањето за отштета било одбиено.