Томе Блажески е категоричен дека не сака никого да навреди. Но, во овој случај, велат неговите критичари, тој можеше да избере помалку провокативно име за бугарскиот културен клуб, кој, во октомври минатата година, го отвори во Охрид.
Клубот го носи името „Цар Борис Трети“, по бугарскиот цар Борис Трети, кој во Втората светска војна склопи сојуз со нацистичка Германија по што Бугарија го окупираше поголемиот дел од денешна Македонија.
Клубот е регистриран на 17 ноември 2021 година, но своите врати ги отвори 11 месеци подоцна, откако доби ‘финансиска инјекција’ од фондацијата на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски. Ова се досега единствените пари што ги добил овој клуб, покажуваат податоците на Централниот регистар на Северна Македонија.
„Нашата цел не е ниту да предизвикаме проблем, ниту да навредиме некого“, вели Блажески.
„ Ние сме едноставно луѓе со бугарска национална определба од Македонија, кои сакаат да ја негуваат својата национална историја, традиција и корени. Но, за жал, преовлада политиката и еве каде сме сега“.
Вакви скромни почетоци имаат сите три „културни клубови“, два во Македонија и еден во Бугарија, кои минатата година се најдоа на насловните страници, предизвикувајќи разгорување на страстите во чувствителен момент, кога Европската Унија ги поттикна двата балкански соседа да ги решат долготрајните разлики околу историјата, јазикот и идентитетот, и да го расчистат патот за евентуалниот пристап на Македонија во ЕУ.
Всушност, вознемиреноста предизвикана поради постоењето на клубовите, е моќна демонстрација за тоа што може да се направи со неколку упорни активисти, со ограничени финансии од мала група нејасни добродетели и внимателно избрано име, покажуваат наодите од истражувањето на БИРН.
Во Бугарија, лутата реакција беше речиси неизбежна по објавувањето на веста дека во Благоевград е регистрирано македонско здружение што го носи името на Никола Вапцаров, поет од дваесеттиот век, кој се слави во двете земји. А тоа и беше намерата, изјави градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов.
„Ова не е клуб, туку само соба, направена за таа намена, да го испровоцира тоа што се случи“, изјави Стојанов во февруари оваа година, откако беа вандализирани просториите на клубот.
„Немаше никој во просториите, никој жив немаше. Всушност, ние заборавивме и дека тој постои“.
Масло на огнот
Македонската евроинтеграција, со години, е заложник на долготрајните билатерални прашања со соседите, Грција и Бугарија. Атина се противи на тврдењата дека Александар Велики е дел од историјата на Македонија, а Софија долго време ги доведува во прашање автентичноста на „македонскиот“ идентитет и јазик, тврдејќи дека нивните корени, всушност, се бугарски.
За првиот клуб во Македонија, Иван Михајлов, сѐ почна на 15 март 2019 година, кога судот во Битола одобри регистрација на бугарскиoт културен клуб, кој го доби името на националист и нацистички соработник, негатор на постоењето македонски идентитет, посебен од бугарскиот.
За овој клуб јавноста дозна кога се отвори во април 2022 година. На неговото отворање дојде и тогашниот бугарски премиер Кирил Петков. Локалните жители остро реагираа.
Шест месеци подоцна, во Охрид се отвори и клубот „Цар Борис Трети“. Во два одвоени инциденти, нивните простории беа каменувани, а врз нив се пукаше од огнено оружје.
Сепак, најголемиот инцидент поврзан со овој клуб е јануарското претепување на секретарот на Цар Борис Трети, Христијан Пендиков. Младиот охриѓанец веднаш, со бугарски авион беше пренесен на лекување во Софија, а во Охрид од минатиот месец почна судскиот процес против неговиот напаѓач.
Интересно е што двете здруженија се финансирани од Врабевски, основач и раководител на приватна медицинска клиника во Бугарија и на бугарската фондација „Бугарско сеќавање“.
Врабевски не е познато име во Бугарија, но го привлече вниманието на јавноста во Македонија за време на Корона пандемијата, кога неговата фондација почна да нуди вакцинација во Бугарија за „браќата и сестрите“ од Македонија.
Според официјалните податоци, фондацијата „Бугарско сеќавање“ му исплатила 12.800 евра на клубот „Иван Михајлов“ неколку недели пред формалното отворање.
„Парите беа за кирија за просториите, за канцелариска опрема и за организирање на отварањето на нашиот клуб“, објасни битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски во март.
Ѓоргиевски нагласи оти планира да организираат дебати, културни настани и хуманитарни активности, но, сето тоа ќе зависи од идното финансирање.
„Нешто можеби ќе дојде од г-дин Врабевски, нешто од членарина, а се надеваме и дека ќе добиеме нешто од државните фондови (на Бугарија)“, нагласи тој.
Иста е и приказната со „Цар Борис“.
„Не ни треба многу“, наведува Блажески.
„Голем дел е плод на ентузијазмот на нашите членови… Во иднина, кога ќе почнеме со проекти, несомнено е дека ќе имаме потреба од повеќе донации, за да ги организираме настаните“.
Според критичарите, иако Блажески тврди дека неговата асоцијација нема намера никого да навреди, изборот на називот на клубот и на локацијата на просториите не се случајност.
Клубот „Цар Борис“ е сместен две врати подолу од куќа во стариот дел на Охрид, во која, за време на бугарската окупација во Втората светска војна, бил сместен привремен суд.
Судот казнил голем број истакнати антифашисти и партизани, кои се бореле против бугарската власт, меѓу кои се и Петре Пирузе, Кирил Главинчев, Андон Дуков, Јаким Спировски и Лазар Колишевски, за кои на објектот има поставено спомен-плоча.
Прашан за пораката што ја испраќа неговиот клуб, Блажески вели:
„Ние не сакаме намерно да негираме ничија историја, ниту, пак, различни гледишта. Ние ги гледаме Македонците и Бугарите како браќа, па така наша цел е да инспирираме пријателство, а не да вознемириме или да негираме некого. Но, истовремено, сакаме да ги споделиме и нашите сопствени вистини“.
Ѓоргиевски, од клубот „Иван Михајлов“, нема очигледна политичка припадност ниту заднина, но Блажески во минатото бил член во политичката партија „Македонски концепт“.
Во медиумите се појави и негова слика, на која тој во црква стои до Христијан Мицкоски, водачот на најголемата опозициска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа фотографија беше сликана пред две години, за време на верски празник“, објаснува Блажески.
„Случајно бевме застанати еден до друг, но, освен тоа, немам никаква врска со партијата. Лично, го почитувам г-динот Мицкоски, но тоа е сѐ“.
Ниту Блажески, ниту Ѓоргиевски не се посебно активни на социјалните мрежи. На нивните профили на Фејсбук објавени се фотографии од историски личности од бугарското национално движење од 19 и 20 век и фотографии од нивни активности и посети.
Конфликтни историски наративи
Потенцијалот за провокација, кој произлегува од имињата на овие клубови, се должи на различните и, често контрадикторни, историски наративи, кои се вкоренети во Македонија и во Бугарија.
Михајлов, на пример, кој бил роден во сегашна Македонија, се смета за негативна историска личност со оглед на неговите врски со фашизмот и негирањето на македонскиот идентитет.
Цар Борис во Македонија се смета за човек под чија власт, за време на Втората светска војна, Бугарија го окупирала поголемиот дел од земјата и го испратила речиси целото еврејско население во нацистичкиот логор на смртта, Треблинка.
Меѓутоа, во Бугарија го сметаат за заслужен за економскиот развој на земјата и за лидер што ја спречил депортацијата на бугарските Евреи, спасувајќи околу 50.000 животи.
Од друга страна, Вапцаров, кој бил роден и целиот свој живот го поминал во Бугарија, и двете земји го доживуваат како дел од нивните литературни канони.
Бугарски добродетел со политички врски
БИРН не можеше да стапи во контакт со Врабевски преку неговите фирми или соработници.
Извор, кој претходно соработувал со Врабевски, а кој сакаше да остане анонимен, вели дека тој сѐ уште се смета за човек близок до поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и до неговата партија ГЕРБ. Самиот Врабевски, во 2007 година се кандидираше како кандидат на ГЕРБ за европратеник.
Во 2009 година, бугарските медиуми го опишуваа како советник на Борисов, но неговата вистинска улога, сепак, не е јасна. Во 2016 година, тој стана член на Јавниот совет на Бугарското национално радио.
Фондацијата на Врабевски, „Бугарско сеќавање“ почна да добива на значење во средината на 2010 година, промовирајќи го враќањето и придонесот на етничките Бугари „раселени надвор од границите на Бугарија“.
Но, Врабевски во Бугарија е најпознат по неговата филантропија и по образовните иницијативи, како и по неговиот ангажман во рок-бендот „Интелиџент мјузик проџект“ (Intelligent Music Project), кој ја претставуваше Бугарија на минатогодишниот Избор за песна на Евровизија.
Врабевски, минатата година беше спомнат во контекст на екстремно десничарската, ориентирана кон Кремљ, политичка партија Преродба, кога поранешната пратеничка на партијата, Елена Гунчева, го опиша како човек близок со лидерот на Преродба, Костадин Костадинов.
Имено, во 2016 година, две години по основањето на Преродба, во време кога партијата сѐ уште беше маргинална, фондацијата на Врабевски објави бесплатен учебник по историја, при што еден од неговите уредници беше и Костадинов.
Една година подоцна, според Гунчева, Костадинов размислувал да ја донира парламентарната субвенција на Преродба на „Бугарско сеќавање“ и на другата фондација на Врабевски, која работи на промовирање повисока стапка на наталитет во Бугарија, но Врабевски одбил да ги земе парите.
Во јануари, во еден од ретките коментари за бугарските културни клубови во Македонија, Врабевски, за Бугарската национална телевизија, изјави:
„Многу е важно да се зближат децата од двете страни на границата. Меѓу нив нема конфликти. […] Бугарските клубови се пример за тоа како може да постои соодветна и ефикасна стратегија, ориентирана кон Европа. Може да има заеднички иницијативи меѓу двете земји…“.
Рефлектирајќи ја широко распространетата перцепција во Бугарија за македонскиот идентитет, како вештачка креација на социјалистичка Југославија, Врабевски нагласи дека „во Македонија сè уште важи југословенската верзија на настаните“.
Иако Врабевски можеби има врски со бугарската политичка елита, БИРН не најде докази дека бугарската држава дала пари за бугарските културни клубови во Македонија.
„Заборавени од нашата држава“
Во март, посебна комисија што ја оценува употребата на имиња на личности од минатото ги забрани клубовите „Иван Михајлов“ и „Цар Борис“ и оттогаш и двете здруженија не се повеќе во централниот регистар.
Бугарија поради ова изрази „загриженост“.
Официјална Софија, пак, претходно покажа слична нетрпеливост кон иницијативата за отворање Македонски културен клуб на нејзина територија, поточно во Благоевград.
Основан со пари донирани од двајца македонски бизнисмени што живеат во Канада, клубот го доби името Никола Вапцаров.
Советот на Општина Благоевград објави декларација против отворањето на клубот, додека вршителот на должноста премиер Галаб Донев изјави дека клубот не е регистриран во согласност со законот.
Со оглед на тоа што Бугарија не го признава постоењето на македонско малцинство во нејзините граници, не може да биде регистриран клуб што ќе им служи на потребите на едно такво малцинство.
Во февруари, официјалниот регистар го одби барањето за регистрација на клубот, повикувајќи се на уставните правила, кои им забрануваат на таквите субјекти да промовираат одредена политичка линија.
Клубот, сепак, беше отворен и продолжи да постои, и покрај тоа што неговите простории беа вандализирани.
Здружението не е присутно на социјалните мрежи, ниту пак изгледа дека има програма.
Изјавите во име на клубот ги дава нерегистрираната партија ОМО Илинден Пирин, основана во 1998 година, од страна на Македонци во Благоевград.
Еден од организаторите, Милан Ризаков од ОМО Илинден Пирин рече дека намерата не е да се провоцира.
„Ние едноставно сакаме да бидеме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци и да не не навредуваат поради тоа, да можеме да се собираме и создаваме без страв, да бидеме од корист за двете земји и за и двата народа, затоа што ја знаеме нивната душа и култура“, рече тој.
Тој рече дека македонските бизнисмени Минчо Отас и Глигор Цанев, за кои речиси ништо не се знае во Македонија, биле единствените финансиери на клубот и дека дејствувале на повик на колегата од Торонто, Бил Николов, шеф на Македонската меѓународна асоцијација за човекови права во Канада.
Членовите на овој клуб под услов да останат анонимни изјавија дека ова Здружение од Канада платило за изнајмување на просториите на клубот, но дека сумата била прилично мала, не повеќе од неколку илјади американски долари. БИРН не можеше да ја потврди оваа бројка.
Клубот привремено го води Стојко Стојков, професор по историја, ветеран македонски активист во Бугарија и член на ОМО Илинден Пирин.
„Ние сме заборавени од нашата држава со децении, па оние што сакаа да помогнат, помогнаа“, рече Стојков.
Николов и неговото здружение сепак имаат историја, што се однесува до споровите меѓу Скопје и Атина.
Со години, пред „договорот за името“ со Грција во 2018 година, неговото здружение водеше јавни кампањи под слоганите „Викај ме со моето име“ и „Нашето име е Македонија“.
Николов јавно ги критикуваше ЕУ и НАТО дека го поддржуваат договорот со Грција со кој „Македонија“ стана „Северна Македонија“, тој не престана да бара Скопје да им сврти грб на двата блока.
„Да бев лидер на Македонија, пред Генералното собрание на ОН би го соопштил следново: „Го вративме вистинското име Македонија, ги ослободивме сите политички затвореници, се повлечевме од кандидатурата за НАТО и ЕУ и ги избркавме САД/НАТО/ Претставници на ЕУ од Македонија“, напиша тој во една прилика на Твитер.
Во друга објава на Твитер на 29 февруари 2020 година, Николов го нарече поранешниот премиер кој го потпиша договорот со Грција, Зоран Заев „предавник“, но тој ги отфрли медиумските пишувања кои го опишуваат како десничарски националист. Тој исто така на социјалните мрежи го нарече и лидерот на главната опозициска партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „таканаречен патриот“.
Николов сега го тужи министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, за навреда и клевета, откако минатата година, во октомври, Османи за бугарската телевизија БТВ изјави дека здружението на Николов работи против интересите на земјата и нејзините стратешки партнери и дека е „анти- Американско, анти-НАТО и анти-ЕУ ориентирани“.