Регион

„Лојалноста кон соборците“ ги доведе водачите на ветераните на ОВК пред суд

Наместо поткопување го поткопаат судот со документите за воени злосторства лидерите на ветераните на ОВК се најдоа и самите пред него

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Претседателот на Здружението на ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, и неговиот заменик, Насим Харадинај, во последните две години поминаа многу време пишувајќи статуси на поддршка на социјалните мрежи, за нивните поранешни соборци, кои беа повикани на сослушување пред Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово (т.н. Специјален суд) во Хаг, во врска со наводни воени злосторства.

Судењето за Гуцати и Харадинај започнува денеска пред овој суд. Тие се обвинети за попречување на правдата и заплашување на сведоците, откако во септември 2020 година добија две пратки со доверливи документи од предметите на Специјалниот суд.

И двајцата, како поранешни учесници во војната со српските сили 1998-1999 година, долго време се противеа на постоењето на Специјализираните совети на Косово (ССК), тврдејќи дека оваа институција е пристрасна, бидејќи е воспоставена за да им суди на поранешните припадници на ОВК, наместо на Србите, кои, во конфликтот, ги извршиле најголемиот број на воени злосторства.

Во обвинението се наведува дека два месеца пред документите да им бидат доставени, тие двајцата давале изјави во кои ги обвинувале сведоците што соработуваат со Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), дека се „лажговци, соработници и предавници“, во обид да го „поткопаат и опструираат судот“.

По добивањето на судските документи, во кои имало и информации за идентитетот на заштитените сведоци, тие одржале прес-конференција на која „доверливи и нејавни информации беа јавно дистрибуирани и дискутирани“, се наведува во обвинението.

Како резултат на нивните постапки, тврдат обвинителите, сведоците и нивните семејства биле заплашени. „Нивната безбедност, приватност, углед и егзистенција, беа загрозени“, се додава во обвинението.

За тајно доставените документи, за прв пат јавно се слушна на 22 септември минатата година, кога Гуцати на прес-конференција објави дека пратка со повеќе од 4.000 документи, е доставена во канцеларијата на Здружението на воените ветерани на ОВК во Приштина, и дека тие содржат имињата на потенцијално осомничени лица и на заштитени сведоци.

Гуцати изјави дека документите им ги дал „маскиран човек“, но тој никогаш не откри повеќе детали за него.

Неколку дена подоцна, Гуцати и Харадинај објавија дека добиле уште еден пакет со судски документи. ССК, исто така, досега јавно не го идентификуваше лицето кое ги доставило документите.

И двајцата ги поканија медиумите во Косово да дојдат во нивната канцеларија, да ги земат документите и да ги објават, но и покрај тоа, ниту еден медиум во Косово не ја објави содржината на тие досиеја. Набргу потоа, Гуцати и Харадинај беа уапсени и префрлени во Хаг.

Непосредно пред денешното судење и презентацијата на доказите од страна на СОК, нивните адвокати не сакаа да ја коментираат стратегијата на одбраната.

Меѓутоа, адвокатот на Харадинај, Тоби Кедман, побара независно следење на постапката, поставувајќи го прашањето за правичност на процесот.

„Ќе побараме од ОБСЕ или од некое друго тело … да спроведе независен мониторинг на постапката, бидејќи сме загрижени за начинот на кој таа се води“, нагласи Кедман

 Фотографија на Мухамед Лани

Од пекарница, до бојното поле

Гуцати (54) го помина поголемиот дел од војната како пекар во седиштето на ОВК во селото Ликовац во општината Србица, но на крајот на конфликтот реши да ја напушти кујната и да замине на бојното поле, вели Иса Џемајлај, еден од неговите претпоставени офицери.

„Дојде во селото Бајинци, каде што јас бев командант на вториот баталјон на 113 -та бригада ‘Мује Крсаниќи’. Тој беше тешко ранет во десната нога во планините Бериша, додека се обидувавме да стигнеме на друго место за време на борбите“, вели Џемајлај.

По војната, Гуцати, татко на седум деца, главно работи како секретар во основното училиште во Србица и за Здружението на воените ветерани. Тој беше поврзан со Демократската партија на Косово (ДПК) на Хашим Тачи, чии основачи беа главно припадници на ОВК.

На последните избори во Косово, неговиот син беше на листата на кандидати за ДПК, но не успеа да добие доволно гласови за да стане пратеник. Тачи, пак, се наоѓа во Хаг и чека судење по обвиненија за воени злосторства.

Харадинај (58), татко на пет деца, е роднина на воениот командант на ОВК и поранешен премиер, Рамуш Харадинај. Тој е еден од најгласните критичари на Специјалниот суд и често ги обвинува косовските пратеници кои гласаа за неговото формирање, вклучително и самиот Тачи, нарекувајќи ги „предавници“.

Харадинај дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина, а во 1991 година бил уапсен и затворен за „активности против југословенската држава“, но бил ослободен неколку месеци подоцна.

Тој бил уапсен само неколку месеци откако неговиот татко бил ослободен од затвор, каде што поминал 14 години како политички затвореник. Во 1992 година, тој емигрирал во Шведска и бил еден од клучните луѓе кои работеле на собирање пари од албанските емигрантите, за фондот „Татковината повикува“, формиран во дијаспората заради собирање на финансиска поддршка за војната на ОВК.

Харадинај се вратил во Косово со својот помлад брат во 1998 година, за да се вклучи во војната на фронтот во Кошаре, планинско село на границата меѓу Косово и Албанија. За време на војната, тој станал познат како командант Барди. Во април 1999 година, тој учествувал во 67-дневната битка во Кошаре, во која загинаа најмалку 108 припадници на Војската на Југославија и 114 припадници на ОВК.

Неговите соборци го опишуваат како храбар човек: „Харадинај беше борец на кој можеш да се потпреш и да му веруваш“, вели, Насер Власи, воен командант на набљудувачката единица на ОВК.

„Се сеќавам како извлече тело на еден борец (кој бил убиен) на многу тежок терен во Кошаре“, додава тој.

Во септември 1999 година, по завршувањето на војната, Харадинај стана припадник на Косовскиот заштитен корпус (КЗК), цивилна организација за итни случаи, формиран по демилитаризацијата на ОВК. Сепак, тој беше отпуштен од КСК затоа што, како што самиот изјави неколку пати, „не бил конформист“, иако никогаш не ја објасни вистинската причина за тоа.

Власи нагласува дека во случајот со тајно доставената документација, Харадинај се „жртвувал“ со цел да им помогне на своите поранешни соборци и дека тој претходно го предупредувал оти здруженијата на воени ветерани може да бидат злоупотребени за политички цели.

„Го советував одамна да се држи настрана, бидејќи имав чувство дека ќе се жртвува за другите, и тоа се случи“, додава тој.

И Иса Џемајлај верува дека Гуцати и Харадинај само се обидувале да ги заштитат соборците, за кои сметале дека неправедно се обвинуваат.

„Тие не открија ништо и не загрозија никого“, вели тој, додавајќи: „Мислам дека ова се луѓе кои се жртви на лојалноста на каузата за слобода“.