Истражувањa

„Маѓар телеком“ – 10 години „осуден“ да не заврши

Maкедонскиот дел од аферата заглавен во предистражна постапка

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Прашањето каде е и што работи поранешниот директор на „Македонски телеком“, Унгарецот Атила Сендреј, јавноста одамна го завела под „заборавено“.

Ама Македонија, упорно, повеќе од 10 години го бара со потерница, заедно со уште двајца ексфункционери – странци. Еден клик на Гугл покажува дека тој директорува со унгарска консултантска фирма.

Сознанијата на БИРН се дека пет години предметот „Маѓар телеком“ нечепнат стоел во фиоките на судот. Кога почнало судењето во отсуство на Сендреј и другите обвинети, половина од закажаните рочишта се одложиле. Се смениле тројца судии и тројца обвинители.

За сето тоа време, предистражната постапка за македонскиот дел од аферата со потплатените политичари не може да го види светлото на крајот од тунелот. Причина е токму немањето завршница за овој случај, кој е негова судска „претходница“.

Закажи – откажи

Податоците се добиени од Кривичниот суд во Скопје | Визуализација: БИРН

Во годината кога Македонија одбележува 30 години независност се навршува уште еден неславен тивок и мачен „јубилеј“. Не го одбележува никој затоа што јавноста подзаборавила дека постои, но и зашто потсетува дека до правдата се стигнува бавно и тешко.

Истрагата почнува во далечната 2008 година, а во судот како предмет влезе во октомври 2011. Тогаш, за тројца обвинети странци требаше да почне судењето за аферата „Маѓар телеком“, која долго „клокотеше“ во јавноста.

Никој не можеше да претпостави дека, наместо расплет, случајот долго ќе се дозаплете во правно-судските лавиринти цели десет години, а конечно ќе почне да се суди дури во 2016 година.

Во меѓувреме се смениле тројца судии и тројца обвинители.

Тогашните високи функционери во „Македонски телеком“, Унгарците Атила Сендреј и Золтан Кишјухас и Германецот Ролф Плат беа обвинети дека несовесно работеле во службата.

Безживотни рочишта

Рочиштата за „Маѓар телеком“ во отсуство на обвинетите се безживотни и траат кратко. Последното судење без паузите траеше околу еден час.

Кривично се товарат дека ги оштетиле буџетот и домашниот телеком со склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа.

Десет години подоцна се чини како времето да го проголтало случајот. Аферата што долго ја разбрануваше јавноста фатила „патина“. До денес нема ниту првостепена пресуда.

И јавноста веќе нема посебен интерес за случајот. Во судницата на последното септемвриско рочиште, освен БИРН и претставник на ОБСЕ, немаше други медиуми.

Дека предметот напластил непримерно многу години во судење сведочи и тоа што е еден од ретките што се суди по стариот Закон за кривична постапка.

Во медиумските архиви има фотографии на адвокатите кога почнувал процесот. Тогаш помлади, а денес со побелени коси, некои од бранителите на обвинетите оставаат впечаток дека се како стари пријатели што се гледаат повремено.

Изгледаа по малку и изненадени, веројатно прашувајќи се чуму сега медиумски интерес во овој „антологиски“ случај.

Дека предметот долгометражно се суди, говорат бројките. Судот по барање за пристап до информации од јавен карактер, за БИРН, пресмета дека до 2016 година не се одржало ниту едно рочиште.

Од 56 закажани – 30 одложени судења | Фото: БИРН

За три години, од 2011 до 2014 година, биле закажани осум рочишта, ама главната расправа не почнала воопшто. Не биле достапни обвинетите.

Случајот де факто почнува да се суди штом по многу премрежија го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Од 2016 година, кога предметот почнува да го суди судијката Ленка Давиткова, а обвинителка е Лиле Стефанова, на обвинетите им се суди во отсуство. До септември 2021 година биле закажани 56 рочишта, од кои повеќе од половината, односно 30 биле одложени.

Причините за одлагање се различни. Осумпати не била присутна јавната обвинителка, шестпати не дошол сведок, петпати одлагање барале адвокатите, отсуствувале поротници…

Како причина за одложениот почеток се и „процесни пречки“ за одлучувањето за притворот на обвинетите.

Ако некој доаѓа за првпат на судењето, нема да е незапознаен со тоа што се случувало претходно, бидејќи последниот пат, судењето формално почна одново. Причината е веќе „фолклор“: поминале два месеца без да се одржи ниту едно рочиште.

За 10 години, колку што предметот носи судско бројче, биле сослушани петнаесетина сведоци.

Знаат дека им се суди, ама не доаѓаат во Македонија

Позната атмосфера во судницата број 9 | Фото: БИРН

Ова еднодецениско „туркање на правдата“ наликува и на пародија. Една епизода од неа е што поканата и обвинението за судење, наместо за првообвинетиот Атила Сендреј, во Унгарија, каде што тој живее, пред пет години му биле испратени на неговиот починат татко.

Адвокатот на Сендреј, Ненад Јаниќевиќ, повторно инсистираше во записникот да влезе тоа дека за неговиот клиент нема уредна достава.

„Водите постапка против лице што не е уредно известено“, рече тој.

Впрочем ова била и една од причините зошто од 2011 до 2016 предметот бил во лимбо-состојба без ниедно рочиште. Времето минувало во епистоларни преписки, односно во испраќање и примање писма за недостапноста на обвинетите.

За бесмисленоста на долгото судење говори и тоа што адвокатот на првообвинетиот побара повторно да сведочи сведок што веќе бил пред судот.

Судијката му објасни дека човекот одамна починал, како и уште еден сведок што порано сведочел.

Кога веќе почна судењето, се чекаше Гркот Михали Кефалојанис, кој, исто така, беше осомничен, па ослободен во истрагата, да одговори на поканата да сведочи, но тоа никогаш не се случи. Две рочишта биле одложени токму поради таа причина.

Дека и адвокатите ги користат буквално сите правни механизми што им стојат на располагање за да постават одбранбена стратегија, говори и тоа што едниот од нив побара да сведочи ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, бидејќи од судот го зела предметот во Обвинителството и го вратила назад.

Во предметот сведочел и Кефалојанис уште додека траела истрагата. На судот му доставил пет договори за предметот, но документите ги немало никаде во списите. Записничарката мораше да ја носи целата папка со документи и да се бара неговата изјава.

Но, судот во тоа препозна одолжување на постапката и не ги прифати предлозите.

Поранешните високи функционери формално „немаат адреси“ и по нив уште се трага. Фразата дека обвинетите „не се достапни за органите на прогонот“ беше повторена уште еднаш на последното рочиште.

Македонскиот дел од аферата без изгледи да добие завршница

Дали македонски политичари биле инволвирани во аферата, ќе се истражува по пресуда во првиот случај.

Во меѓувреме, додека Македонија не може да го обезбеди Атила Сендреј за да му се суди, тој може да се најде на мрежата Линкдин, како ја промовира консултантската фирма „Њу тон промоушнс 818“, чиј сопственик е цели 14 години.

Локацијата на фирмата е на околу два часа возење од унгарската метропола.

Тој и другите обвинети за кои се бараше притвор и за кои има активни потерници, знаат дека им се суди. Нивните права ги застапуваат адвокатите што ги ангажирале.

Ако Македонија, трета година чека екстрадиција на избеганиот Никола Груевски од Унгарија, трипати подолго се чека екстрадиција на двајцата обвинети Унгарци и Германец во овој случај. Но, судејќи според минатото време, извесно е дека тоа тешко ќе се случи.

Едниот од нив, Золтан Кишјухас, лани во април „за малку“ ќе завршел пред скопскиот кривичен суд, откако словенечките власти го фатиле според распишаната потерница, но го пуштиле.

Министерството за правда, за БИРН, потврди дека Словенија го направила тоа поради две причини: „За кривичното дело во Словенија предвидена е казна затвор помала од една година и според словенечкиот закон настапила апсолутна застареност на кривично гонење“, одговорија оттаму.

Хибернирана истрага за „поткуп“ на македонски политичари

Без завршница за првиот, тешко ќе се отвори македонскиот дел од „Маѓар телеком“ | Фото: БИРН

Извесно е дека до крајот на годината, откако ќе бидат изведени сите докази и дадени завршните говори, овој предмет може да добие завршница. Но, тука не завршува сè, бидејќи предметот ќе оди на жалба во второстепениот суд.

Тоа подразбира дека случајот би добил конечна завршница дури вгодина.

Сепак и овде не се затвора кругот. Во аферата уште „лебди“ сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд, во кое тврдеше дека тројца македонски политичари биле подмитени со 7,5 милиони евра за да не дозволат либерализација на пазарот.

Дали македонските политичари „В.Б.“ и „пријателите од Тетово А.А. и М.Џ.“ зеле мито, како што пишува во документот што го читаше обвинителката Лиле Стефанова пред судот, а Богоевски во Њујорк ги именуваше како Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери, ќе треба уште многу време додека не се оконча токму првиот предмет со тројцата обвинети.

Тоа е посебен предмет, кој според изворите од истрагата за БИРН, ќе чека да заврши првиот во кој им се суди на тројцата странци.

Без правосилна пресуда во првиот случај, тешко е да се докаже инволвираност на македонски политичари во отворената предистрага.

Ова е уште потешко ако се знае дека допрва треба да се докаже кривично дело што се случило пред 15-ина години.