Телевизијата сè уште е главниот извор на политички вести за македонските граѓани, иако продолжува трендот тие сѐ повеќе за политичкиот живот да се информираат од порталите и од социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер.
Овој заклучок може да се извлече од наодите на истражувањето на јавното мислење на Меѓународен републикански институт (ИРИ) спроведено меѓу март и април годинава врз репрезентативен примерок од 1.222 испитаници, кои биле лично интервјуирани.
Истражувањето беше објавено вчера.
Испитувачите на ИРИ се интересирале кои извори граѓаните најмногу ги користат за да се информираат за политика, а методологијата дозволувала испитаниците да дадат повеќе одговори.
Најмногу, 79 проценти од прашаните рекле дека за политика најмногу се информираат од телевизија, што, сепак, претставува пад за десет процентни поени споредено со ситуацијата пред четири години, кога дури 89 отсто од испитаниците ги фаворизирале ТВ-вестите.
Од испитувањето може да се заклучи дека онаа политички будна публика што телевизијата ја губи, се сели на интернет.
Ако во март 2017 година, 35 проценти од испитаниците рекле дека политичките информации најмногу ги добиваат од интернет, сега тој процент е качен на 47 отсто.
Вестите на телевизија Сител и на Канал 5 се убедливо најгледани.
На прашањето која телевизија ја гледате најмногу за да добиете вести од политиката, Сител била првиот одговор на 31 процент од испитаниците, додека 19 проценти на првото место ја ставиле Канал 5. Годинава, во споредба со лани, вестите и на двете телевизии ја зголемиле популарноста, а ако се соберат процентите на сите испитаници што ги спомнале Сител и Канал 5 како извор на политички вести, втората телевизија е со мала предност и лани и годинава.
Годинава како прв извор на политички вести Алсат – М е на третото место (14%), а по неа следат МТВ 1 (9%) и 24 вести, Алфа и Телма (сите со 4%).
Ова последно испитување на ИРИ покажува дека печатените медиуми ја губат релевантноста кога се во прашање информациите поврзани со политичкиот живот во Македонија.
Пред четири години, осум проценти од испитаниците рекле дека политички информации добиваат и од весниците, додека годинава така се изјасниле само два процента.
И покрај тоа што македонската влада на весниците и на неделниците во последните три години (2017, 2018 и 2019) им подели вкупно 1,9 милиони евра државни субвенции, истражувањето покажа дека печатените медиуми се на самото дно како извор на информации од политичкиот живот.
Имено, дури 84 проценти од испитаниците одговориле дека воопшто не читаат весници, кога биле прашани од кој весник најмногу се информираат за политика.
Испитувањето покажува и дека информативните редакции на радијата се повлијателни од оние на весниците. Двојно повеќе во однос на печатените медиуми, или вкупно четири проценти од испитаниците рекле дека најмногу информации за политика добиваат преку радиовестите.
Истражувањето на ИРИ, во делот на медиумите ја отсликува и зголемената резигнираност на граѓаните во однос на политичките случувања во последниве четири години.
Ако во 2017 година, 26 проценти од испитаниците одговориле дека во текот на вчерашниот дел воопшто не следеле вести, четири години подоцна овој процент пораснал на дури 35 отсто.