Истражувањa

Матни партнери, судења и украден канабис

Приказната на човекот од фирмите на осомничените за шверцoт на 5 тони марихуана

Еден македонски државјанин, во две фирми за канабис во Македонија ги поврзува Србите осомничени за шверцот на петте тони марихуана, кој беше откриен во јануари годинава, во близина на српскиот град Крушевац. Триесетгодишниот Драган Крстев, во различни периоди бил прво управител, а потоа и косопственик во фирми на сега веќе осомничените Александар Мијајловиќ и неговиот помошник Иван Драгниќ.

Деловните врски на овој скопјанец водат директно до групата осомничена за криумчарење марихуана предводена од Мијајловиќ, мрежа, која според обвинителството во Србија, легално произведениот канабис во Македонија го шверцувала како дрога за црниот пазар кај северниот сосед.

Крстев, како што пишуваше БИРН, бил директор на гевгелиската „Гринлајф“,  каде што сосопственик е Мијајловиќ, а подоцна станал и бизнис-партнер со Драгниќ во „Алфафарм.“ Двајцата осомничени Срби директно не се поврзуваат во ниедна фирма, а формалната врска е посредна, само преку Крстев.

БИРН, во последниве два месеца, истражуваше документи и одеше на терен, интервјуираше повеќе луѓе од бизнисот со канабис, во обид да ги расветли конекциите и случувањата и конечно успеа да разговара со Крстев. Тој, во моментов, е во Скопје, иако има и српско државјанство и одреден период живеел во Белград.

„Немаше знаци дека се криминалци“

Сцени од разотркивањето на криумчарите во Србија | Фото: МВР на Србија

Со него се сретнавме минатиот месец, во едно од кафулињата во Дебар Маало. Обвинителството, вели Крстев, го контактирало за случајот со „Алфафарм“, фирмата што е под истрага за шверцот, меѓутоа тој вели дека немал многу што да каже оти соработката ја прекинал одамна пред криумчарењето.

„Со Мијајловиќ соработував точно една година, до јануари 2024 година. Ниту кај него, ниту кај неговите луѓе, партнери, немаше знаци дека се занимаваат со криминал“, вели Крстев за БИРН.

Досегашните истражувања открија детали за клучните луѓе во оваа група, кои ги споредивме со искуствата што ги имал Крстев додека професионално соработувал со нив.

Првоосомничениот Мијајловиќ влегол во македонскиот бизнис со канабис, во 2023 година преку свој пријател од Крушевац, веќе вклучен во фирмата „Грин лајф“, со плантажа во валандовско Јосифово.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Во Македонија легален одгледувач, во Србија осомничен за шверц на марихуана

Во тој период, со компанијата раководел токму Крстев, кој, пак, влегол во бизнисов преку семеен пријател, кој, всушност, е еден од основачите на „Гринлајф“ пред таа да премине во српско сопствеништво.

Крстев го опишува Мијајловиќ како сериозен и стабилен бизнисмен, со живот и работа во Виена и градежни активности во Крушевац, човек што не оставал впечаток дека е поврзан со криминал.

„Ми се допаѓаше да работам со него“, вели Крстев, додавајќи дека Мијајловиќ му давал целосна поддршка и му порачувал да не се грижи за финансиите, туку да се фокусира на исполнување на административните обврски и строгите стандарди во производството.

Но, ваквата слика е дијаметрално спротивна од впечатокот што се добива за овој човек, читајќи ја наредбата за истрага на српското обвинителство. Таму Мијајловиќ е означен како главен организатор на шверцот, човек што го осмислил планот, ги договарал цената и количествата, и давал инструкции за транспорт и складирање на дрогата.

Дополнително, се наведува дека го сменил презимето, порано бил Вулиќевиќ, а во моментов е во бегство.

ВЕСТ
Одземени лиценците за канабис на „Грин Лајф“ и на уште пет фирми

Крстев, преку него, го запознал и Иван Драгниќ, кој, според истрагата, бил веднаш под Мијајловиќ во хиерархијата.

„Тој беше човек на Мијајловиќ, негов бизнис-партнер од Србија“, вели Крстев.

Нивната директна соработка почнала кон крајот на 2023 година, кога Крстев е разрешен од „Гринлајф“, а Мијајловиќ, неформално и од заднина, преку Драгниќ и уште неколкумина ја иницирал новата компанија, сега веќе инкриминираната „Алфафарм.“

И менаџирањето со „Гринлајф“ го донело Крстев пред суд. Од јануари минатата година се води спор во гевгелискиот суд поради недостатоци во одгледувањето на канабисот. Крстев ќе се обиде да ја докаже невиноста оти вели дека потписот му бил фалсификуван по неговото заминување.

Нејасен пресврт

Мрежата на фирми поврзани со групата од Крушевац | Илустрација: БИРН

Во новиот бизнис-подвиг, „Алфафарм“, Мијаловиќ  не фигурира. Таму партнери стануваат Крстев и Драгниќ.

Според српските истражители, Драгниќ бил задолжен за приемот и за транспортот на марихуаната во Србија, вклучително и до селото Коњух кај Крушевац, каде што беше запленет товарот од пет тони.

При претрес во неговиот дом, полицијата пронашла и значително количество оружје, автоматски пушки, муниција и рачен ракетен фрлач „зоља.“

Дополнителни сознанија од Централниот регистар во Македонија, до кои дојде БИРН, покажуваат дека Драгниќ педантно внимавал при финансиските трансакции да не ги алармира инстутициите.

Во 2025 година, повеќепати уплаќал износи нешто под 15.000 евра во основачкиот капитал на „Алфафарм.“ Овие суми се блиску под прагот што во Србија автоматски активира проверки за сомнителни трансакции, што упатува на обид институциите да не ги забележат уплатите.

ИСТРАЖУВАЊЕ
Српски врски и во други македонски компании за канабис

Крстев од „Алфафарм“ официјално излегол во летото 2024 година. Иако во тој период му е запленет уделот во компанијата по барање на друго лице, Крстев тврди дека не излегол поради тоа.

Вели дека, иако бил таму, не бил вработен, ниту добивал приходи и поради тоа одлучил да се повлече.  Со тоа, според него, завршила едногодишната соработка со српските партнери.

Две години подоцна, српското обвинителство за организиран криминал ја идентификуваше токму „Алфафарм“ како извор на шверцот, додека македонската полиција заплени околу девет тони марихуана и над 1.300 шишиња канабисово масло од објект поврзан со компанијата.

Крстев вели дека не му е јасно како дошло до ваков пресврт.

„Не знам како се случил ‘свичот’, долго време не соработувам со нив.“

Сепак, тој смета дека операција од ваков обем не можела да се реализира без локална поддршка.

„Пет тони марихуана имаат волумен колку една зграда“, вели Крстев, алудирајќи дека групата, сепак, се чувствувала комотна да го транспортира канабисот.

Случајот „РСБ Солутион“

Плантажата на „РСБ Солутионс“ во селото Радање во руинирана состојба | Фото: БИРН

Но, желбата на Крстев да се занимава со бизнисот со канабис не завршува со „Алфафарм.“ Пролетта 2024 година, кога е со една нога надвор од компанијата и чека да се формализира одлуката да излезе од сопствеништво, станува управител во „РСБ Солутион“, плантажа за канабис во селото Радање, во Општина Карбинци.

Фирмата била формирана во 2018 година и од тогаш имала лиценца, но поради тоа што немале стручен кадар, никогаш не почнале со производство.  Крстев го имал знаењето и искуството од претходните две фирми и требало да го стартува производството.

И така и се случило. Таа година, за прв и последен пат, плантажата била полна со цветови.

За бербата хонорарно биле ангажирани жителите од блиското село Радање, кои не можеле да постигнат сè, па затоа се ангажирале и работници од Албанија, потег што на Крстев му носи уште еден судски процес, откако полициски службеници утврдиле дека работат седум лица, кои незаконски престојувале во државава.

Во меѓувреме доаѓаат и други инспекции, кои констатираат неправилности што се нотирани во обвинителен предлог, во кој БИРН имаше увид.

Обвинителството тврди дека е одговорен затоа што канабисот не се одгледувал според одобрениот елаборат од надлежната комисија при Министерството за здравство.

Судскиот случај се води во Штип | Фото: БИРН

Според записникот од септември 2024 година на комисијата, не биле евидентирани сите промени при одгледувањето, не било навремено доставено известување за берба, дел од надзорните камери имале дефект што не бил пријавен, гардероберот спротивно на правилата се користел како магацин, а четирипати „РСБ Солутионс“ пренела канабис во скопска компанија, која, како што тврди обвинителството, немала лиценца за преработка, туку само за одгледување.

По констатирањето на овие неправилности, во јануари 2025 година, Министерството за здравство му ја одзело лиценцата за одгледување марихуана, а полицијата, подоцна во јуни, му поднела кривична, која е основа за обвинението.

Првото рочиште се одложило, иако тој се појавил на судењето, додека следното е закажано за средината на мај во Штип.

Крстев ќе докажува на суд дека утврдените прекршоци, како што вели,  се ситни и краткотрајни пропусти, за кои не требало да му се одземе лиценцата, ниту да се покрене постапка. За преносот на марихуана тврди дека станува збор за погрешно толкување на законот од страна на комисијата и обвинителството.

Според него, пренесувал свежо набрана марихуана со висока влажност во скопска фирма, која имала услови да ја исуши и да ја преработи во цвет, при што за таква услуга не била потребна дополнителна дозвола над онаа за одгледување канабис.

Посебна дозвола, додава, е неопходна само ако се произведува масло.

„За овој потег консултиравме адвокат и марихуаната ја транспортиравме до Скопје со полициска придружба, нема ништо нелегално“, вели тој.

БИРН се обиде да стапи во контакт и со сегашниот единствен сопственик, Зоран Михајловски, преку правниот застапник на фирмата, но тој одби да говори. Во меѓувреме, компанијата води управен спор за враќање на лиценцата.

Украден канабис додека полицијата чувала

Додека полицијата го чувала објектот, украдена била марихуана | Фото: БИРН

Во случајот со „РСБ Солутион“, контроверзна е улогата и на полицајците што лани ја чувале плантажата, зашто додека тие ја обезбедувале, била украдена марихуана.

Уште почудно е што обвинителството во Штип не отворило истрага за нивната одговорност, додека МВР се задржало само на дисциплински мерки. Нема официјални информации колку канабис имало во моментот на кражбата, но, според некои извори блиски до компанијата, се проценува дека се работело за околу 100 килограми.

Отежната истрагата во Србија

Со смената на јавната обвинителка Ирена Бјелош, која го водеше предметот во Србија, значително е “отежната работата на предметот кој се однесува на заплената на пет тони марихуана во селото Коњух“, велат од српското јавно обвинителство за организиран криминал. Од таму појаснуваат дека новиот обвинител кој сега го води предметот има и други предмети по кои постапува, а и паралелно се запознава со досега преземените дејствија и прибраните докази.

На прашањето дали е испитана одговорноста на полицајците, одговорот од институциите покажува дека нивната улога во инцидентот не била суштински истражена.

„Доставен е предлог за утврдување дисциплинска одговорност против повеќе полициски службеници од СВР Штип, при што против сите се изречени соодветни дисциплински мерки“, информираа од полицијата за БИРН.

Сега на влезот од селото Радање, селото што живее од земјоделство, во рамницата, која во овој дел од годината е целосно зазелена, се распаѓа плантажата во која „РСБ Солутионс“, само пет месеци одгледувала канабис.

Оградата е урната од ветер, а на портата стои известување дека е предмет на извршување поради долговите што ги има.

За Крстев, пак, веќе нема место во бизнисот со канабис, оти како што вели и самиот, е „озрачен“ поради судењата. Размислува да се врати на работите со кои се занимал пред оваа бизнис-авантура, како на пример угостителството.

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција