Регион

Меркел среде контроверзија, поради хрватска националистичка песна

Ангела Меркел, Андреј Пленковиќ Фото: vlada.gov.hr

Портпаролот на Ангела Меркел, во вторникот изјави дека германската канцеларка не знае ништо за песната, која беше изведена за време на предизборниот митинг на ХДЗ во саботата, на кој и таа присуствуваше, ниту дека однапред знаела за содржината на музичката програма на настанот.

На митингот на ХДЗ во Загреб, на кој Меркел беше специјален гостин, хрватски бенд настапи со песната „Убава си”, која оргинално ја исполнува националистичкиот пејач, Марко Перковиќ Томсон.

Песната ја величи Херце-Босна, самопрогласена  држава на територијата на Босна и Херцеговина, формирана непосредно пред војната, која имаше поддршка од Хрватска. Хашкиот трибунал осуди шестмина нејзини поранешни водачи за воени злосторства. Еден од нив, Слободан Праљак, испи отров во судницата, за време на изрекувањето на пресудата.

„Меркел не беше запознаена со песните што ќе се пуштаат за време на митингот на партијата во Загреб, како и со формата и содржината на овие песни. За време на нејзината посета на Загреб, канцеларката Меркел јасно го искажа својот став со кој се противи на национализмот“.

Концертите на Томпсон, кој овој прекар го добил по истоимениот американски автомат, честопати предизвикуваат контроверзии на Балканот и беа забранети во неколку европски градови, вклучувајќи го и Берлин.

Околу 8.000 луѓе, во 2017 година, го скандираа профашистичкиот усташки слоган „За дом спремни“ на концертот на Томпсон, што се одржа во Мостар, во знак на поддршка на шестте поранешни функционери на Херцег-Босна, на кои во тоа време им се судеше за воени злосторства. Песната во која се користи овој поздрав е еден од неговите најпознати песни.

Околу 80.000 луѓе беа присутни на концертот на Томсон, по повод прославата на 20-годишнината од операцијата „Бура“ во 2015 година. Многумина од присутните извикуваа „Убиј го Србинот“ и „За дом спремни“.

Меркел присуствуваше на митингот во саботата во Загреб, во знак на поддршка на ХДЗ, која е членка на Европската народна партија, сојуз на десниот центар, во Европскиот парламент. Присутен на митингот беше и кандидатот на Европската народна партија за функцијата претседател на Европската комисија, Манфред Вебер. Партијата на Меркел, Христијанско-демократската унија е, исто така, членка на сојузот.

Хрватскиот бенд, кој ја изведуваше песната на Томпсон, е познат по своите настапи во емисијата „A страна“, која се емитува на јавниот сервис, ХРТ.

Хрватскиот министер за економија, Дарко Хорват, кој е воедно и потпретседател на ХДЗ, се обиде да ги отфрли контроверзиите.

„Ако некој има нешто да каже против четворицата млади луѓе кои пред неколку дена или недели, ги гледавме во најпопуларната забавна емисија на Хрватската телевизија, наречена „страна А“, значи ако некој има нешто против, во врска со изборот на песните, чии, сигурен сум, кокреатори се и овие млади луѓе, секој има право да критикува“, рече Хорват.

„Но, дека амбиентот беше ретко виден, тоа никој не може да ни го замери”, додаде тој.

Иако Меркел предупреди за опасностите од национализмот, на митингот на партијата беа слушнати патриотски песни и говори.

Карло Реслер, носител на листата на ХДЗ за парламентот на ЕУ, го покрена контроверзното прашање за годишната комеморација за десетиците илјади хрватските усташки војници и цивили, кои партизаните ги убиле во 1945 година, што се одржа истиот ден кога и предизборниот митинг.

Реслер нагласи дека „Блајбург е една од најголемите трагедии на хрватскиот народ“.

Сепак, критичарите тврдат дека комеморацијата се користи за промовирање на национализмот и за рехабилитација на усташите. Во 2018 година австриската полиција уапси седум лица и поднесе девет пријави за кршење на законите на оваа држава, против величењето на фашизмот.