Регион

Постојаните одложувања ги поткопуваат судењата за воени злосторства во Србија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во новиот извештај на  Фондот за хуманитарно право – ФХП, објавен во средата, се вели дека судењата за воени злосторства во Србија, ги карактеризира постојано одложување и дека правдата дополнително се пролонгира, со повторување на судската постапка.

„Долгото траење на постапките, односно нивното повторување, им испраќа негативна и обесхрабрувачка порака на идните сведоци и оштетени лица – дека пред институциите на Србија тешко ќе добијат правда”, се вели во извештајот на ФХП.

Српското правосудство, во извештајот се критикува поради процесирање на мал број на осомничени, за воени злосторства што опфаќаат мал број на жртви, или, во некои случаи поради нивно непроцесирање.

ФХП тврди дека проблемот е и недостигот на политичка поддршка за ваквите судски постапки и оти „односот на актуелната власт на Србија, кон минатото и прашањето на воените злосторства, директно влијаел на резултатите на правосудството за воените злосторства”.

Во извештајот, кој ги опфаќа 2017 и 2018 година, се укажува дека одделот за воени злосторства на Вишиот суд во Белград, во извештајниот период, донел првостепена пресуда во три случаи, додека одделот за воени злосторства на Апелацискиот суд во Белград, изрекол четири пресуди по жалби.

Пред судот од општа надлежност, донесена е една меѓу пресуда, што ја потврдил и Апелацискиот суд.

Во извештајниот период, Обвинителството за воени злосторства (ОРЗ), поднело вкупно 14 обвиненија.

Анализата на ФХП покажува дека овие обвиненија биле покренати против мал број на сторители од понизог ранг, припадници на војската или полицијата, за злосторства со мал број на жртви. Речиси сите обвиненија се префрлени од Босна и Херцеговина.

Ова е во спротивност со критериумите утврдени во Националната стратегија за процесирање на воените злосторства, усвоена од страна на српската Влада во февруари 2016 година, која го покрива периодот до 2020 година, како и со обврските што ги презеде Србија, како дел од процесот на пристапување кон ЕУ.

Извештајот на ФХП ја нагласува континуираната практика на одложување на судењата, главно поради недоаѓање на сведоците или поради наводни здравствени проблеми на обвинетите.

„Последиците од повеќегодишното траење на постапките се далекусежни и сериозни. Од година во година, обвинетите умираат, а сведоците ја губат довербата во судството на Србија и не се согласуваат да сведочат во повторените процеси“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека, во анализираниот период од две години, во повеќето случаи судските рочишта траеле само неколку дена.

Така, на пример, во случајот што се води против осум поранешни припадници на специјалната полиција на Република Српска, за злосторства во Сребреница, во текот на именуваниот двогодишен период, судењето во овој предмет траело 11 дена – што е воедно и најголем број на денови во сите предмети.

Исто така, се укажува дека представниците на власта не ги сметаат овие судења за важни и оти активно учествуваат во креирањето на „општествена клима, во која процесите против оние кои се одговорни, особено на средно и високо рангирани офицери, се практично невозможни”.

„Барањето на Европската унија се исполнуваат само на хартија, а во практика воените злосторници и ним блиски поединци, се враќаат во институциите и стануваат морални авторитети во општеството, додека реинтерпретирањето на судски утврдените фактите, зема замаф како никогаш досега”, се вели во извештајот.

Во текот на изминатите неколку години, осудениот воен злосторник, Веселин Шљиванчанин, беше гостин на настани организирани од страна на владејачката Српска напредна партија, додека лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, кој беше осуден за воени злосторства, и натаму ја извршува функцијата пратеник, иако, во согласност со законот, се повикуваше на одземање на неговиот мандат.

Министерството за одбрана на Србија, објави книга на поранешниот генерал на Војската на Југославија, Небојша Павковиќ, и покрај фактот што Хашкиот трибунал го осуди за воени злосторства.

Никола Шаиновиќ, исто така, осуден за воени злосторства, стана висок функционер во Социјалистичката партија, која е дел од владејачката коалиција на Србија.