Регион

Местата на страдање наведени во обвинението против Ратко Младиќ

Поранешниот логор Кератерм, во близина на Приедор. Фото: Кемал Софтиќ/ Нидал Шаљиќ

Еден ден пред изрекувањето на конечната пресуда на Младиќ, БИРН објавува фотосторијата која содржи нови фотографии од локациите на логорите и од местата на масовните убиства во војната во Босна и Херцеговина.

Фотографиите се придружени со цитати од клучните сведоци, кои сведочеа за тоа што се случило на тие локации, во текот на десетгодишното судење на Младиќ.

Фотосторијата „Сцените на злосторствата“, можете да ја погледнете овде.

Денис Џидиќ, автор на проектот и директор на БИРН БиХ, вели дека идејата, која стои зад оваа фотосторија, е да се потсети на клучните сведочења на судењето, но и да се посочи на обемот на злосторствата, за кои му се суди на Младиќ .

„Во исто време, сакавме да посочиме на фактот дека БиХ сè уште ги живее страшните последици од војната, а тоа фотографиите сосема јасно го покажуваат. Повеќето локации не се обележани, а некои се целосно пропаднати. Нашата култура на сеќавање треба да ги помни овие локации“, истакна Џидиќ.

Кемал Софтиќ и Нидал Шаљиќ се фотографите, кои за овој проект, ги фотографираа локациите.

„Целта беше, со фотографијата, да се овековечат минатото и сегашноста на секое место, да се извлечат емоции во окото на набљудувачот, и тоа да се остави како своеврсно наследство и лекција за денешницата и за иднината“, изјавија Софтиќ и Шаљиќ.

Фотосторијата користи и фотографии од Европската фото прес агенција (ЕПА).

Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево за време на опсадата на градот, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Одбраната ја обжали пресудата, барајќи ослободителна пресуда по сите точки од обвинението, повторно судење или помала казна за Младиќ.

И обвинителството поднесе жалба, барајќи Младиќ да биде прогласен за виновен за геноцид извршен во пет други општини во 1992 година.