Регион

Милановиќ предизвикa спор околу спомен-плоча со усташки поздрав

Зоран Милановиќ во посета на Јасеновац. Фото https://www.predsjednik.hr/

Здруженијата на бранители и хрватскиот министер на бранителите, ја осудија изјавата на претседателот, Зоран Милановиќ, дека контроверзната спомен-плоча, на која е изгравиран усташкиот поздрав „За дом спремни“, треба да се отстрани.

Оваа спомен-плоча беше подигната во чест на паднатите припадници на парамилитарните Хрватски одбранбени сили (ХОС). Таа првично беше поставена на објект во општината Јасеновац, во близина на местото на концентрациониот усташки логор од Втората светска војна, а потоа беше префрлена во градот Новска, недалеку од Јасеновац.

„Изјавата на претседателот Зоран Милановиќ … најостро ја осудувам, бидејќи ја обезвреднува жртвата на хрватските бранители, припадници на Хрватските одбранбени сили“, се вели во соопштението на министерот на бранителите, Томо Медвед, што ја објави интернет страницата индекс.хр.

Медвед додава дека повеќе од 700 припадници на ХОС го дале својот живот за Хрватска и дека тој, како хрватски бранител и министер на хрватските бранители, „секогаш ќе го брани достоинството на загинатите во Татковинската војна (војната во деведесетите години), кои дадоа сè за Хрватска“.

„Нагласувам дека неоснованата стигматизација на хрватските бранители, не може да биде официјален став на Република Хрватска“, додава Медвед.

Здружението на хрватските воени инвалиди на Татковинската војна (ХВИДР), го обвини Милановиќ дека „нема почит кон загинатите хрватски бранители, кои ги дадоа своите животи за да ја одбранат секоја педа на хрватската земја“.

Изјавата на Милановиќ беше осудена и од екстремно десничарските партии, Хрватската партија на правата и Десно.

Милановиќ, изјавата за спомен-плочата ја даде вчера, откако заедно со други високи хрватски функционери, антифашисти и со лидерите на српската, ромската и еврејската заедница во Хрватска, присуствуваше на заедничката комеморација за жртвите на концентрациониот логор Јасеновац.

„Тоа треба да се отстрани, да се фрли некаде. Тоа нема никаква врска со Татковинската војна“, рече Милановиќ.

Спомен-плочата беше подигната во ноември 2017 година, во чест на 11 загинати припадници на ХОС. Овие сили го користат усташкиот поздрав „За дом спремни“ како свој поздрав, а тој се наоѓа и на нивниот службен грб.

Откако медиумите известија за поставувањето на спомен-плочата, дојде до негативни реакции, како во Хрватска, така и надвор од неа.

Потоа, Владата, откако разговараше со здруженијата на хрватските бранители, ја отстрани спомен-плочата од Јасеновац, и истата беше преместена во Новска.

Усташкиот режим, во периодот од август 1941 до април 1945 година, во логорот Јасеновац, уби 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.