Регион

Одбележано сеќавањето на жртвите од логорот Јасеновац

Гордан Јандроковиќ, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, на комеморацијата во Јасеновац. Фото: Твитер/Андреј Пленковиќ

Хрватски официјални претставници и претставници на антифашистите и на српската, ромската и на еврејската заедница во Хрватска, се собраа денеска во меморијалниот центар Јасеновац, каде го одбележаа сеќавањето на жртвите од концентрациониот логор Јасеновац, со кој во Втората светска војна управуваше хрватскиот фашистички усташки режим.

Претседателот, Зоран Милановиќ, премиерот, Андреј Пленковиќ, и претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, положија венец пред огромниот споменик „Камен цвет“, посветен на жртвите на логорот.

Претставниците на антифашистите, како и на српската, ромската и на еврејската заедница, Фрањо Хабулин, Милорад Пуповац, Вељко Кајтази и Огњен Краус, исто така, положија цвеќе.

Поради пандемијата на Ковида-19, оваа година комеморацијата беше скромна и без вообичаената програма.

Милановиќ положи венец и запали свеќа и во блиското село Уштица, каде за време на Втората светска војна се наоѓаше таканаречениот „цигански логор“, кој беше дел од логорскиот систем во Јасеновац.

Комеморациите во Јасеновац се организираат во знак на сеќавање на последниот пробој на затворениците, извршен на 22 април 1945 година, по што логорот беше уништен, а усташкиот режим симнат од власт.

Од 2016 година до денес, претставниците на еврејската и на српската заедница во Хрватска, како и претставниците на антифашистите, ја бојкотираа официјалната државна комеморација во Јасеновац, изјавувајќи дека државата не ги презела неопходните мерки за запирање или барем за намалување на негирањето на холокаустот и на геноцидот во Втората светска војна.

Претседателот на Координацијата на еврејските заедници во Хрватска, Огњен Краус, за медиумите денеска во Јасеновац изјави дека тој дошол „да подаде рака и да покаже дека е подготвен за сериозни дискусии за односот на властите кон историјата“.

Краус додаде дека „е постигнат одреден напредок“, но предупреди дека „тоа не значи оти ќе биде вака и следната година, ако нешто не се смени“.

На прашањето да даде коментар на изјавата на Краус, Пленковиќ рече: „Прашањето за дијалогот со претставниците на жртвите е континуирано, направени се големи напори во мандатот на оваа Влада“.

Според списокот на спомен-подрачјето Јасеновац, кој содржи имиња и презимиња на жртвите, усташкиот режим, во периодот од август 1941 до април 1945 година, во логорот убил 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Усташите беа на чело на Независната Држава Хрватска, НДХ, која беше сојузник на нацистите, од 1941 до 1945 година, a беа поразени од партизаните предводени од Јосип Броз Тито

Активистите на партијата Работнички фронт им оддадоа почит на жртвите од логорот Јасеновац околу полноќ, во близина на главната железничка станица во Загреб.

Тие ја проектираа фотографијата на споменикот во Јасеновац, како и бројката на настраданите во логорот, на злогласната локомотива „Црна Катица“, која ги влечела вагоните што ги превезувале затворниците до логорите, а која денеска е изложена на железничката станица во Загреб.