В сабота, пратениците ќе добијат цела „мини-скрипта“ од безмалку 160 страници пред да гласаат за изборот на новата влада. На помалку од 100 страници се биографиите на идните министри, а на 60 програмата за работа на новата влада.
Повеќето на страница до две, а само идната министерка за култура на 16 страници. Некои нови „жители“ на Илинденска број 2 не биле прешироки во описите што за себе ги доставиле до пратениците во Собранието.
Во најголемиот дел доминираат академските титули, иако многу идни магистри и доктори уште не ги одбраниле трудовите.
Некои ги пишувале биографиите како приказна, „бил“, „работел“… Други биле малку „постерилни“ во описите, па само таксативно ги „полнеле“ страниците со години, позиции, образование и искуство.
Новиот владин состав од 21 член е релативно млад, ако се суди по просечната возраст на министрите, која е околу 42 години, што не е ново за македонската политичка историја.
Највозрасен меѓу идните министри е непартиското решение во Правда, поточно професорот Никола Тупанчески, кој ќе министерува на 60 години. Најмлад меѓу министрите е Јетон Шакири (34), кој ќе го води ресорот образование и наука.
Во повеќето биографии доминираат партиските и политичките функции.
„Доктор Ковачевски“
Кога биографијата на идниот премиер Димитар Ковачевски би ја читал работодавец што би требало да го вработи во фирма, првото што би му паднало в очи е дека „кандидатот“ за наследник на Зоран Заев аплицира за професорско место на некој универзитет.
Изгледа дека научната титула на Ковачевски му е особено важна, па насреде сите четири страници колку што е неговото CV, со големи букви ја нагласил академската титула, односно дека е доктор на науки.
За разлика од Заев, кој дојде од бизнис-секторот и локалната самоуправа, фокусот на биографијата на Ковачевски е во академската сфера. Меѓу последните редови во кратката наративна биографија, за себе напишал дека е основач на компанија за производство и развој на елементи за правење струја од обновливи извори.
Иако некои предложени министри си ги опишале личните животни вештини во биографиите, Ковачевски во овој дел бил „скржав“ на зборови.
Не „штедел“ само во набројувањето функции во професионалната кариера, односно како што самиот напишал, на „високите менаџерски позиции“ на кои работел во двете најголеми телекомуникациски компании. Во периодот 2008-2015 бил директор на комуникации во Македонски телеком.
Партиско-политичките функции „на ачик“
Старо-новиот министер за полиција, Оливер Спасовски, идната министерка за одбрана, Славјанка Петровска, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи, се лаконски во описите во своите биографии.
Образованието, искуството и сѐ што работеле им го собрало на по една страница.
Меѓу оние што малку повеќе се „распишале“ е идната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која ја има најекстензивната биографија, а одлучила тоа да биде во унифицираниот формат на Europas. Внатре, пак, има прецизен „километарски“ опис и попис на сите предмети што ги предавала на факултет и сите обуки и семинари што ги посетувала.
Нешто слично е и со идниот министер за правда, кој де факто не доставил класично CV, туку исечок од курикулумот на Правниот факултет каде што предава.
Во професионалните портфолија на новите членови на извршната власт доминираат образованието, работниот ангажман, но и политичката припадност. Ретки се биографиите, во кои идните министри си ги опишуваат личните вештини и умешности.
Некои милувале само да „ги нафрлат“ образованието и искуството, а други биле послободни, па напишале што сакаат да прават во слободното време.
Заедничко, за голем дел од CV-aта е политичкиот ангажман. Меѓу оние на кои партиските функции „им се во биографијата“ се Оливер Спасовски, Благој Бочварски и Љупчо Николовски…
И за Артан Груби, старо-новиот министер за политички систем, ова очигледно била важна референција во професионалната биографија, па навел дека е член и на различни позиции во ДУИ, и основач на граѓанската организација „Разбуди се“, чии активисти се судрија со група демонстранти на скопското Кале во 2011.
Идниот министер за здравство, Беким Сали, на пример, сметал дека пратениците треба да знаат дека бил претседател на огранокот на Беса во Општина Чаир, секретар во Алтернатива, па дури и дека бил кандидат за локалните избори во Чаир во 2021, кои ги загуби од противкандидатот.
Има и такви како Фатмир Бесими, или Фатмир Битиќи, кои не навеле политичка припадност во нивните CV-а.
На некои од идните министри, како Славјанка Петровска, државата им е единствениот работодавач многу години. Таа не оставила референција дека работела во приватниот сектор, а во државните институции е од 2003 досега. Слично е и со Оливер Спасовски, Крешник Бектеши…
Правописни грешки и пикантерии
Многу магистранди и докторанди меѓу новите министри: Славјанка Петровска, Беким Сали, Љупчо Николовски, Горан Милевски, Адмирим Алити... Некои од нив, овие титули ги напишале со голема буква, а некои се напишале со правописна грешка, како „магистар“ наместо „магистер“, или „магистрант“, наместо „магистранд“.
„Јас сум самоуверен и артикулиран доктор на науки по политички студии и магистар на дипломатија со над тринаесетгодишно искуство во јавниот сектор и академската област“.
Ова, на пример, е првото што за себе го напишал идниот министер без ресор, одговорен за дијаспората, Џемаил Чупи. Тој е еден од ретките што напишал дека има хоби и интереси. Тоа за него се „гледање новости и документарци“, патување, читање историја и цивилизација и дружење со семејството и пријателите.
Во сличен манир за себе пишувал и Оливер Спасовски, кој по низата партиско-политички функции, во едно од „најшминкерските“, во смисла графички најдизајнираните CV-a меѓу министрите, набројал дека е и „активист за човекови права, сопруг и татко“.
Најмногу е горд на тоа што е „семеен човек“, на членството во НАТО додека бил технички премиер, на повеќе од 20 години работи во јавната служба, за „мојата татковина“. Личен приоритет му се „семејните вредности“.
Единствено во неговата биографија има животна философија, која гласи „Каде што има визија, има и промени“.
Во биографиите „лежат“ и други минати ангажмани на идните министри.
Триесет и седумгодишната идна министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, покрај академската кариера, учеството во школите и проектите, ги превела „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин и „Теоријата на релативноста“ од Алберт Ајнштајн.
Љупчо Николовски бил секретар и консултант во Институт за директори, за која, како што самиот пишува, е „некој вид граѓанска организација, чија цел е заштита на угледот на директорите во Македонија“.
Биографиите никогаш не биле одлучувачки при изборот на нова влада, затоа што тоа зависи само од мнозинството во парламентот. Но, тоа е добра можност да се изложат пред јавноста професионалните кариери на идните „слуги“ во „најпривлечната“ од трите власти.