Анализи

Многу министри, килава политика

Мандат подолг од три години е мислена именка за повеќето членови на владите

Доаѓаат со големи најави – дека ќе го прочистат судството, ќе го модернизираат образованието, ќе го зајакнат здравството, ќе го решат управувањето со отпадот, а си одат по една до две години со понекоја почната реформа и со многу незавршени проекти на бироата и во фиоките. Вака изгледа типичниот мандат на македонските владини министри во изминативе 30 години. Откако некој ќе замине или ќе се префрли во друг ресор, доаѓа нов човек, со свои силни најави, и… поминува на ист начин.

Иако владите се избираат за четири години, а партиите во програмите креираат политики што треба да се спроведат во таа временска рамка, четиригодишен мандат е незамислив за македонски министер. Дури и три години се многу.

Така, од 193 различни министри што воделе ресори во сите досегашни македонски влади од независноста, само 25 ја задржале својата функција три или повеќе години во континуитет, или околу 13 отсто. Тоа најчесто се случувало во надворешни работи (петмина министри со барем тригодишен мандат), внатрешни работи (тројца) и одбрана (двајца). Вообичаено тоа се ресори со кои не се тргува и премиерите си поставуваат луѓе од доверба.

Во повеќето други министерства, промените се почести, а мандатите пократки, поради партиски интереси или коалициски пазарења. Тоа редовно се случува и во ресорите каде што состојбите се долгорочно проблематични, а никој не добива доволно време за да спроведе реформи. Досега ниту еден министер за образование не ја поминал магичната бројка од три години, а тоа им успеало само на по еден министер за правда и за животна средина и на двајца за здравство. Во Труд и социјална политика имало тројца „долгорочни“ министри, но двајца од нив си ги отслужиле мандатите уште во 1990-тите, а од почетокот на новиот милениум, овој ресор редовно влегува во политичката трговија.

Колку често се жртвува континуитетот во водењето политики покажува и тоа што за 30 години, владејачките гарнитури се сменија петпати, а низ ресорите поминувале од 10 до 20 различни министри.

Прошетка низ политичкиот пазар

Предлог со промени во осум ресори достави Ковачевски до Собранието | Фото: Собрание на РСМ

Во следниве неколку дена, Македонија ќе добие нова влада без досегашниот премиер Зоран Заев. Таа доаѓа по двомесечна политичка криза, во која за малку ќе имаше целосна промена на власта.

Паралелно се водеа сложени меѓупартиски преговори од една страна, а од друга се правеа математички операции за тоа кој може да собере мнозинство во парламентот со комбинирање и рекомбинирање на постојните пратенички групи, процес во кој некои значително си ја зголемија политичката цена. Како резултат на тоа, во новиот кабинет што ќе го предводи Димитар Ковачевски ќе има промени на челните места во осум од 16-те владини министерства, како и на повеќе вицепремиерски и безресорски позиции.

Зачестените информации од последниве години за драматично слабите резултати од меѓународните тестирања за писменоста на населението, посебно на младите, не беа пречка да продолжи традицијата во која Министерството за образование меѓу првите се става на пазарот. Мила Царовска си оди со стаж од година и четири месеци и со недовршена реформа за дигитализација, а нејзиното место ќе го заземе Јетон Шаќири од ДУИ, како 19-ти функционер што го водел овој ресор.

Најдолго во министерското столче во образование се задржала Софија Тодорова уште во 1990-тите, две години и осум месеци. Царовска и уште 13 нејзини претходници, пак, не стигнале ниту до две години. Освен за политички поткусурувања, ресорот образование често се користел и за да му се даде шанса на млад и неискусен партиски член, како Пиштар Љутфиу од ДУИ во 2016. Понекогаш се случува и министерството да му се предаде на нов министер, ако постојниот е потребен во друг ресор, што, исто така, покажува колкав приоритет било образованието во генералните политики на владите. Така, Никола Тодоров, во 2011 се префрли во здравството и му го отстапи местото на Панче Кралев, а Рената Дескоска во 2018 му го предаде ресорот на Арбер Адеми и стана министерка за правда.

Во Министерството за правда, пак, уште една област во која состојбите често се оценуваат како незадоволителни и од домашни и од меѓународни извори, наследникот на Бојан Маричиќ ќе биде 18-от министер за 30 години. Маричиќ влезе со силни најави за ветинг и прочистување во судството, но година и четири месеци очигледно му беа премалку за тоа. И оваа позиција досега била користена за испробување нови кадри, како Валдет Џафери и Билен Салији од ДУИ, кои министерувале по една година. Иронично, најдолго на министерското место се задржа токму министерот што беше најмногу критикуван за влошување на состојбите и за зголемување на политичкото влијание врз правосудниот систем – Михајло Маневски, кој беше на функција речиси пет години.

Формула за долговечност

Актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, кој ќе остане на функцијата, е не само функционерот со најдолг стаж на оваа позиција со четири години и седум месеци досега, туку и единствениот што трипати ќе помине недопрен при промена на владата. Во последниве години, Бектеши ја зајакна својата позиција во ДУИ и се смета за еден од поблиските соработници на лидерот Али Ахмети – ги соопштува изборните победи на партијата, објавува фотографии како патува во автомобил со Ахмети итн.

Блискоста со партискиот лидер и порано се покажувала како важен фактор за долговечноста на функционерите. Тоа е случај со дел од министрите-рекордери, како Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кои останаа по осум години и девет месеци во ресорите внатрешни работи и транспорт и врски, а беа луѓе од доверба на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Таков е и примерот со Зоран Ставрески, кој беше министер за финансии речиси шест години, додека неговите претходници и следбеници не остануваа ни по три години на таа функција.

Како пример во кој еден министер се задржува долго на функцијата затоа што неговата работа е еден од владините приоритети е Елизабета Канческа Милевска во културата. Таа е апсолутен рекордер со поминати осум години, десет месеци и три дена на истата министерска функција. Причините поради кои таа ја заслужи долгогодишната доверба, пак, беа изградбата на Скопје 2014 и други проекти поврзани со културата и со историјата, кои беа проблематизирани и оспорувани и се сметаа за клучен елемент на националистичко-популистичката политика на тогашната влада.

По нејзиното заминување, културата се врати во политичкиот промет, а министерското место стана отворено и за луѓе без посебни идеи и цели што треба да ги постигнат. Така, во 2018 година, поради потребата да се зајакне парламентарното мнозинство со влез на партијата Алтернатива, министерот Роберт Алаѓозовски му го отстапи местото на Асаф Адеми, кој, спротивно на примерите во кои новите функционери доаѓале со големи најави, при примопредавањето само рече дека ќе ги продолжи реформите на Алаѓозовски.

Пржински ротации

Столчето на Заев празно на последната седница на неговата влада | Фото: Влада на РСМ

Во последниве години, како резултат на т.н. пржински предизборни влади, се случуваа чести промени во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, каде што истите функционери влегуваа и излегуваа на смени. Во меѓупартиските преговори, за време на политичката криза од 2015 година, овие позиции беа оценети како едни од клучните за ширење влијание врз гласачкото тело, па затоа беше договорено да ѝ бидат доделувани на опозицијата пред изборите. Во дел од тие замени го добивме и министерот со најкраток мандат во историјата – Оливер Андонов, кој помина еден ден на функцијата во 2016 година.

Најмногу поради пржинските ротации, во Министерството за труд и социјална политика имаше 10 промени во изминатите 10 години, а наскоро ќе ја има и 11-та. Овој ресор е на цена бидејќи преку него се вршат исплатите на социјалните трансфери, како пензиите, социјалната помош, додатоците и надоместоците за децата и друго, односно преку него може да се влијае врз ранливи групи граѓани и гласачи.

Ниту една владејачка структура досега не испуштила гласно да ги истакнува и да ги повторува своите „цврсти заложби за реформските процеси“, но бројките и историјата покажуваат дека политиките постојано се водат со преговори и пазарења, а ресорите се гледаат како освоен плен.